Висок ризик

16.10.2014 13:50
Висок ризик

Во филмот „Вториот натпревар“ на романскиот режисер Корнелиу Порумбоју можеме да погледнеме нечиста ВХС снимка од сите 90 минути од букурешкото дерби меѓу Динамо и Стеауа од декември 1988. Додека го гледаме целиот натпревар, во off режисерот разговара со својот татко, инаку фудбалски судија кој тогаш го водел овој „меч од висок ризик“. Додека Динамо важеше за воен клуб, Стеауа беше тим поддржуван од страна на Секуритате; тој натпревар го разоткрива сè подлабокиот раскол помеѓу двете безбедносни структури непосредно пред самиот колапс на режимот на Чаушеску. Снимката од натпреварот ни го покажува и методот со кој романската телевизија избегнувала да прикаже и најмал инцидент меѓу фудбалерите на теренот: кога и да дошло до најмало кошкање камерата преминувала на неутрални глетки (зградите и дрвјата во околината, делови од трибините со мирни гледачи) или сосема се одзумирала во тотал на целиот стадион.

Слична стратегија примени и РТС кога почнаа „вознемирувачките сцени на теренот“ за време на натпреварот Србија-Албанија: режисерот на преносот се определи за џон-фордовски тотал додека коментаторот се напрегаше да објасни дека не се случило ништо посебно и дека на ниту еден Албанец не му фали ни влакно од главата. За разлика од времето на Чаушеску, кога ни машина за пишување не можеше да поседува баш секој, во Србија на Вучиќ речиси секој граѓанин е опремен барем со телефон со камера, па на Јутјуб веќе можат да се најдат снимки со зум-ин на кои се гледа сè - влегувањето на фудбалерите од клупата на српската репрезентација за да се пресметаат со Албанците околу „крпата“ (како што рече Дејан Илиќ) падната одозгора, потоа упадот на „навивачите“ меѓу кои беше веќе на сите познатиот Богданов, а потоа и најодвратниот дел кога без заштита од полицајците албанските фудбалери бегаат кон тунелот каде ги дочекува сè и сешто, и уште неколку дивј(ун)аци кои се нафрлаат врз нив со нозе и тупаници.

Секако, знаеме дека споменатата крпа од небото го предизвика целиот метеж. А штом велиме „крпа“ имплицираме дека овде станува збор за она што теоретичарот на уметноста Борис Гројс го нарекува дистрибуција на „слаби знаци“, постапка наследена од историјата на уметничката авангарда, како стратегија за субверзија на некој „силен знак“ преку кој говори доминантниот авторитет. Дронот секако беше одговор на забраната за влез на албански навивачи во Србија, можност по тој повод досетливо да се интервенира и да се покаже дека во просторот на општеството на контролата е можно да се испитуваат границите на изводливото и правно дефинираното. Некои велат дека дронот бил теледиригиран од самата ВИП ложа и тоа од страна на братот на албанскиот премиер. А нему уметноста не му е туѓа: и самиот премиер Еди Рама е познат сликар, а и нивниот татко бил уметник од времето на Албанија на Хоџа. Исто така, крпата сепак беше нешто повеќе од крпа бидејќи тој „слаб знак“ всушност носеше „силно значење“ испратено од „силната“ институционална и технолошки опремена позиција на говор. Впрочем, Олси Рама не само што е брат на премиерот, туку и работи за компанијата Pegasus Communications која на својата интернет страница се фали дека „our full live broadcast production services bring the audience closer to the action“.

Овој настан исто така говори за природата на денешната „субверзија“ која стана дел од институционалната политика „одозгора“, а не веќе за некој агониски акт „оздола“. Значи, не станува збор за уште една потврда на месијанството на уметникот Јозеф Бојс кој во седумдесеттите рече дека секој во иднина ќе биде уметник, туку повеќе се потврдува еден друг уметнички исказ од седумдесеттите, исказот на Горан Трбуљак дека „уметник е оној кому другите ќе му дадат можност за тоа“. Интервенцијата на Олси Рама пред сè е показател за институционализацијата, гентрификацијата и елитизација на веќе востановените форми на уметничка субверзија од страна на оној на кого некој му дал можност за тоа. (Вклучувајќи го можеби и самиот министер Стефановиќ кој седеше во истата ложа, па можеби дури и црковната диецеза од чијшто имот дронот наводно полетал.)

Но токму така „озгора“ оркестрираната интервенција го остварува она што слабоста на субверзивниот говор обично не може - политички спектакл кој во случајов директно ја разоткрива целосната празнина на јавниот и институционален простор во Србија кој сè повеќе личи токму на тоталот од ТВ преносот на кој просто гледаме „човечиња“ во некаков недефиниран метеж. Но, за разлика од високо контролираниот пренос, и високо контролираната државна субверзија од албанска страна, во медиумскиот простор синоќа се случи и еден акт на субверзија, кога еден навивач (а тие слободно се шетаа по теренот) се појави пред камерите пред запрепастениот „колега Страјниќ“ и ја истресе својата хомофобија врз Вучиќ и својата вучиќофобија врз педерите. Тогаш всушност се покажа дека присуствуваме на настан на кој навидум контролираниот јавно-медиумски простор пука по шевовите и тоа баш пред путинескната парада која има задача да покаже дека тој простор е високо контролиран и монолитен. За разлика од софистицираниот Рама од ложата, овој граѓанин е типичен српски лумпен кој не чекаше другите да му дадат шанса да стане уметник, туку самиот се избори за неа.

Оттука, трите уметнички настани за кои овде станува збор (потемкинизацијаа на РТС, институционалната субверзија на Рама и медиумската интевенција на разочараниот поддржувач на политиката која Вучиќ според него ја изневерил) го опишуваат процепот во кој наводно силната власт на Вучиќ се покажа како кревка, како „слаб знак“, да не речеме како „знак на слабост“. Како што сфативме од еден друг инцидент кој исто така го направи еден брат на премиер, но овојпат на Вучиќ, Србија во моментов е на работ на отворена пресметка на „безбедносните“ структури, што нè враќа на почетокот на овој текст и на споменатиот натпревар пред падот на Чаушеску. Затоа кажете му на Тома да му каже на Вучиќ дека и Чаушески пред крајот имаше слични проблеми.

Извор: Peščanik.net, 15.10.2014.

ОкоБоли главаВицФото