Синдром на стекната беспомошност

17.10.2014 12:51
Синдром на стекната беспомошност

Слободата и способноста за непослушност се неразделни; оттаму, секој општествен, политички и религиозен систем што прокламира слобода, а ја сузбива непослушноста, не може да ја говори вистината. (Фром)

Во држава во која власта до тој степен ги дисциплинираше уметниците што се случи актери (со силна поддршка од „работничката класа“ - вработените во техниката на театрите) да „организираат“ штрајк против опозицијата (!?), како знак на поддршка на безмилосното&налудничаво арчење пари за панаѓурот „Скопје 2014“, бесмислено делува секој обид да се проговори за општествената улога на творците од која било сфера на уметноста - во поглед на заштитата на човековите права и слободи. Во Македонија секој обид да се крикне против наметнатото едноумие, актуелната власт вешто го задушува со организирање контра-протест, а секој штрајк се денфува не со штрајкбрехери, туку со контра-штрајкувачи (сендвич&пиво демонстранти, домкнати со автобуси од разни градови во внатрешноста, зa да носат транспаренти со небулозни пароли - секогаш ПРОТИВ, никогаш ЗА - некого, нешто... - и да мразат, да пцујат&колнат, со во партиските штабови, однапред напишан список на пцости и личности што треба да ги изгнасат), лумпен-комити кои се, кутрите, дотолку турнати во очај што сè би направиле за да ја заработат дневницата од 3 евра...

Во држава како Македонија, како веќе да нема логика да се бае за слободата, за општествената солидарност, за уметничкиот дух што, нели, планини поместува, за местото на културата во општеството, за општествениот активизам, за убавата страна на животот... Во држава во која мултифункционални „експерти“ се лажат себеси и сите околу себе со бајките за идентитетските нишки низ 23 векови, или во која под фотографија на социјалните мрежи - на министерка за внатрешни работи како сука тесто за „лепче со паричка“ - во кус период ќе се најдат 3.500 „лајка“, можеби може да се зборува за поданичка свест и за свикнатост на институционална пендрек-рамка за уметниците, ама тешко, многу тешко - за користењето на нивната позиција за освестување на јавноста околу важноста на човековите права и слободи.

„Оd pandura stvorili smo velikaše,
Dostojanstva podeliše idioti,
Lopovi nam izrađuju bogataše,
Mračne duše nazvaše se patrioti,
Od pandura stvorili smo velikaše...“

(Наши дани, Владислав Петковиќ Дис)

Веќе седум-осум години просечниот граѓанин на Македонија живее во виртуелен свет на масовна халуцинација, на сцена со кич кулиси, во претстава која е балкански микс на хорор и водвиљ, со квалитет на боливудска „Њ“ продукција. Лага и измама. И дебела хипокризија: од ПР-стратегијата на власта, преку „патриотизмот“, па сè до декларирањето како ептен вистински верници „за по дома“, сосе полупразните цркви, дури и на литургиите за Рождеството Христово. (На таквата фејк приказна не ѝ помага ни флоскулата дека етничките Македонци ги поистоветуваат националната и религиозната припадност, ама тоа е тема за поинаков осврт...)

Значи, Македонија си живурка без систем на вредности, со власт без каква било идеологија, освен можеби, „идеологијата“ на Лаки Лучиано и Мејер Ленски, за „директори кои се договараат и гласаат за сè“. Со тоа што во Македонија тие „кои се договараат за сè“ се и роднокрајно/селско/ маалско-сватовско/кумско-братучетски/баџаначки поврзани и испреплетени како цревца во кукурек. Таквите полит-бизнисмени не ги интересира ни државата, ни нацијата, ни иднината... Униформите на првичниот национализам (заснован врз албанофобија и југофобија) навистина ги заменија со скапи, увозни костуми и вратоврски, но и понатаму, како гревчиња, ја бранат логиката на полемичарите&дебатерите од пред маалските гранапчиња и селските кооперации – дека нашите баби најдолго им одолевале на освојувачите, подолго од бабите на оние инаквите, од соседството, и затоа ние сме тие – најоригиналните, кои имаме ексклузивно право на историјата...

„На Балканот, тоа доби размери на крајна пародија. Политичарите од сите држави, создадени по граѓанско-националистичката војна во СФРЈ, зборуваат ист јазик, ги носат истите костуми, ја имаат истата реторика, подеднакво се корумпирани и ги исполнуваат желбите на големите меѓународни корпорации. Пародијата оди дотаму што балканските политичари ангажираат странски советници со сомнителна репутација, со кои никој не сака да комуницира во нивните земји!“, изјави неодамна во интервјуто за „Бизнис&финансии“ Пакистанецот од Лондон, Тарик Али, наводно личност-инспирација за „Уличниот борец“ и за „Моќта за народот“. И иако веднаш ги препознав „ликовите“ од неговата оценка, и тука, во Македонија, и во соседството, некако ич не ми беше важно што, ете, не сме саде ние и не сме саде тука...

Зашто, сè потешко ја препознавам мојата Македонија, која станува држава во која „мислењето е форма на кастрираност“, особено јавно изнесеното, спротивно мислење од она на народоусреќителите – по стотици пати репризирано низ медуиумите. А обидот да се крикне е однапред осуден на пропаст! Ако не се создаде критична маса на незадоволници, кои имаат храброст да направат нешто за иднината на своите деца, за идните поколенија, ќе замолкнеме.. И така, засега, сè се сведува на изблици на социјалните мрежи, каде се цитираат големи умови, за да се влијае на ослободување на тукашните, заробени... Ете, некому токму вчера така му дошло да го постира на ФБ, есејот на Ерих Фром „За непослушноста“:

„Личноста може да стане слободна преку непослушноста, учејќи се да ѝ се спротивставува на моќта. Но, не е само способноста за непослушност услов за слобода; и слободата е услов за непослушност. Доколку се плашам од слободата, јас не се осмелувам да речам „не“ и не можам да имам храброст за непослушност. Слободата и способноста за непослушност се неразделни; оттаму, секој општествен, политички и религиозен систем што прокламира слобода, а ја сузбива непослушноста, не може да ја говори вистината“.

За жал, Македонија е многу далеку од препознавање на вредноста на ваквите ставови. „Суштинскиот проблем е што Македонија нема капацитет во луѓе да одговори на ова што ѝ се случува. Некој ја произвел оваа генерација и таа го прави тоа што го прави. Толку може. Да можеа да направат поубави „скулптурки“ ќе направеа. Не можат. Толку можат“, ќе каже уметникот Златко Ориѓански во едно интервју.

И затоа не чудно што некојси Јапонец, доцент, дошол токму во Македонија да бара материјал за новиот учебник по компаративна политика и не е чудно што не му е јасно зошто Трпе-Трајче-Мирче-Спасевците (чии срца ги греат добро скриените кубури, ама до балчак гостипримливо, ќе му понудат на џелатот и на сопственото бесење да си понесат ортоми од дома) не се побунат што некој ги третира крајно недостоинствено; всушност, си игра мајтап со нив! („Очигледно е дека луѓето живеат од ден за ден. Кога бев во Африка и во Индија, донекаде можеше да се види гневот кај граѓаните, тој се читаше од нивните лица. Но овде како да не се критични, едноставно не се лути, а внатре се репресирани. Нема полошо од тоа за една демократија“, ни порача гостинот Кенчи Кубо).

Затоа сè потешко ја препознавам Македонија. И моето Скопје. Не поради кичот... Можеби поради раскинатото срце на Градот и духот на Паланката, веќе цврсто зацементиран под тоните камен и бронза. Деновиве, во хрватските медиуми беше преобјавен текстот на Умберто Еко, објавен во јуни 1995, во "New York Review of Books", со наслов „Како да се препознае фашизмот“, во кој пишува дека е можно да се скицираат елементите типични за она што тој го нарекува ур-фашизам или вечен фашизам. Еко тврди дека тие елементи не можат да бидат систем, дека многу од нив се меѓусебно контрадикторни и типични и за други видови деспотизам и фанатизам, но дека е доволен и еден од елементите за му отвори и создаде простор на фашизмот кој ќе се згусне околу него!

И ги наведува елементите: култ на традицијата, отфрлање на модернизмот, ирационализам (Геринг: „Кога ќе го чујам зборот култура, се фаќам за револверот!“), несогласувањето како предавство, страв од разлика, индивидуална или социјална фрустрација, опсесија со заговор, чувство на пониженост поради моќта на непријателот, живот како перманентно војување, презир кон послабиот, култ на хероизам и херојска смрт, мачоизам, селективен/квалитативен популизам („Народот се поима како квалитет, како монолитен ентитет кој ја изразува Заедничката Волја“), новоговор...

Го дочитав хрватскиот превод, сиот вода се сторив и полазен од морници, почнав да се обѕрнувам, да препознавам...

Заклучоков од текстов препорачувам да се чита додека во фон оди песната „Народе македонски“ во изведба на октетот „Биљана“.

Свесен сум дека уметниците, новинарите, професорите, лекарите..., се раскарани (покрај злата крв која ја разгорува, власта перманентно им создава нови фингирани еснафски асоцијации), дека се уценети, вџашени од страв – добро, некои отпадници од фелата се и дебело корумпирани - и добро знам дека најголемиот број од нив не се ни свесни за својата сила и моќ во општеството, како ни за одговорноста која ја имат со својот интелектуален капацитет. За жал, сè помалку има борци за вистинска демократија, за неселективно спроведување на правото, за почитување на човековите права и слободи и на различностите кај другите... Сè се претопува во маса граѓани кои бесцелно талкаат, ничкосани од „синдромот на стекната беспомошност“ (Ведрана Рудан).

Само, и по толку години со затворени усти, водата сепак дојде и до ноздрите. „Свести се, не спиј ти!“ не е само за малиганско-револуционерен хор. Мора малку и рбет да се има, за да се чекори исправено. Единствената поинаква варијанта е да се ползи. Додека некој не нè смачка.

П.С.
(Текстов го напишав една ноемвриска ноќ, 2013-та, како нарачка за публикацијата „Проговори“, издание на НВО „Цивил“, Скопје, јануари 2014...

За жал, она од што минатата година, „сиот вода се сторив и полазен од морници, почнав да се обѕрнувам, да препознавам“, годинава е наше секојдневие и морничаво опкружување.... И, едноставно, кутрата замолчена и понижена Македонија нема веќе ни време ни место за прокламации, демарши, изјави на вчудовидување и навреденост...

Секој кој препознава каде се стрмоглавува Македонија, и пред сè, поради кои причини, тоа мора веднаш, јасно и гласно да го вресне на сиот глас... “Секој си го носи свoјот крст” (без оглед на кој бог му се моли), но ако веднаш не им им се покажат заби на разулавените подопашници кои аздисаа, билдајќи се и куражејќи се токму од молчаливоста&коркачлакот – од „презирот кон послабиот“ – утре веќе ќе биде доцна!)

Слики: Nicolas Bruno