Водач

18.10.2014 11:53
Водач

—Браќа и другари, ги слушав сите говори, па ве молам да ме чуете и вие мене. Сите говори и разговори не ни вредат додека сме во овој неплоден крај. Ова песочиште и овој камен не можеше да раѓа ни кога беа врнежливи годините, а камоли на ваква суша каква што сигурно никој никогаш и не запаметил.

—До кога ние вака ќе се состануваме и напразно ќе разговараме? Добитокот ни испоцрка без храна, а уште малку па и децата ќе ни скапуваат од глад заедно со нас. Мораме да избереме друг начин, подобар и поумен. Јас мислам дека е најдобро да го оставиме овој нероден крај, па да тргнеме по белиов свет за да бараме подобра и поплодна земја, зашто вака не може да се живее.

Така зборувал некогаш, на некој собир, со изнемоштен глас еден од жителите на некој неплоден крај. Кога и каде било ова нешто, тоа, мислам, не ве интересува ни вас ни мене. Главно е вие да ми верувате дека тоа било некаде и некогаш во некој крај, а тоа е доста. Некогаш, навистина, мене ми се чинеше дека целата оваа работа јас самиот сум ја измислил од некаде, но малку по малку се ослободив од таа страшна заблуда и сега цврсто верувам дека сето ова што ќе го раскажувам сега било и морало да биде некаде и некогаш, и дека јас тоа никогаш и на никој начин не сум можел да го измислам.

Слушателите, бледи, со испиено лице, со тап, матен, речиси бесвесен поглед, со рацете под појасот, како да оживеаја при овие мудри зборови. Секој веќе си се замислуваше себеси во некаков волшебен рајски предел каде што мачната и тешка работа се плаќа со богата жетва.

—Така е, така е!... — зашушкаа изнемоштени гласови од сите страни.
—Дали е  б...л... и... с... к... у...? — се чу растегнат шепот од еден агол.
—Браќа! — почна пак еден да говори со малку посилен глас. — Ние мораме веднаш да го послушаме овој предлог, зашто вака не се може повеќе. Работевме и се мачевме, и сè залудно. Си делевме од устата за да сееме, но ќе надојдат пороите па ќе го однесат и семето и земјата од овие скрки, и ќе остане гол камен. Ќе останеме ли ние вечно овдека и ќе работиме ли од утро до мрак за да бидеме пак и гладни и жедни, и голи и боси? ... Мораме да тргнеме и да побараме подобра, поплодна земја, каде што нашиот мачен труд ќе се наградува со богат плод.
—Да тргнеме, веднаш да тргнеме, зашто овдека не може да се живее! — зашушка шепот, и масата тргна некаде, и не мислејќи каде.
—Стојте, браќа, каде вака? — свикува пак оној првиот говорник. — Мораме да одиме, но не се може така. Мораме да знаеме каде одиме, инаку можеме да пропаднеме уште полошо, наместо да се спасиме. Предлагам да избереме водач кој мораме сите да го слушаме и што ќе нè води по правиот, по најдобриот и најкус пат.
—Да избереме, веднаш да избереме! ... — се чу од сите страни.

Сега дури започна препирање, вистински хаос. Секој говори и никој никого ниту слуша, ниту може да го чуе. Потоа почнаа да се изделуваат по групички. Секој си шушка нешто за себеси, па и групичките се распрснаа и се фатија за раце двајца пo двајца, та еден на друг му говори и му докажува, се тргаат еден со друг за ракавите и си ја клаваат раката на уста. Пак се состанаа сите, и пак сите говорат.

—Браќа! — се истакна наеднаш еден посилен и ги надви другите зарипнати, тапи гласови. — Ние вака не можеме ништо да направиме. Сите говориме и никој никого не слуша. Избираме водач! Па кој е тој меѓу нас што би можеле да го избереме? Кој патувал од нас па да ги знае патиштата? Ние сите добро се знаеме, јас прво не би смеел со своите деца да му се доверам на ниеден овдека на овој собир. Туку кажете ми вие, кој го познава оној патникон таму што седи уште од изутрина во сенкана покрај патот?

Настана тишина: сите се свртеа кон непознатиот и фатија да го мерат од глава до петици.

Човекот, на средни години, со мургаво лице, кое речиси и не се гледаше од долгата коса и брада, си седи, молчи како и дотогаш, и некако замислено тупка со дебелиот стап по земјата.

—Вчера го видов истиов овој човек со едно дете. Се фатиле за рака и одат по улицата. Сношти детето отиде некаде низ селото, а овој остана сам.
—Остави ги, брате, тие ситници и будалштини, да не губиме време. Кој сака нека биде, тој е патник од далечен крај, штом никој од нас не го познава, та сигурно го знае добро најкусиот и најдобар пат за да нè поведе. Колку што можам да проценам, ми се чини дека е тој многу умен човек, зашто само молчи и мисли. Да е некој лесен-плетен, досега веќе десет пати ќе се смешаше меѓу нас или ќе почнеше со некого разговор, а тој толку време седи сосем сам и само молчи.
—Се разбира, си молчи човекот и мисли нешто. Тоа не ќе е ништо друго, туку е многу умен — заклучија и другите и фатија пак да го загледуваат странецот, и секој на него и во
неговиот изглед откри по некоја сјајна особина, по некој доказ за неговиот необично голем ум.

He се помина многу во разговор и сите се согласија дека би било најдобро да го замолат овој патник, кој, како што велат, им го пратил самиот господ да ги поведе низ светов за да бараат подобар крај и поплодна земја, да им биде водач, а тие да го слушаат безусловно и да му се покоруваат.

Избраа од својата средина десет души што ќе појдат кај странецот и ќе му ги изнесат побудите на собирот и своите бедни животни услови, и ќе го замолат да се согласи за водач.

Отидоа тие десет души, се поклонија смерно пред мудриот странец и едниот од нив почна да говори за неплодната земја на нивниот крај, за сушните години, за тешката состојба во која се наоѓаат, и заврши вака:

—Тоа нè тера да го оставиме овој крај и своите куќи, па да тргнеме низ светов да бараме подобар кат. И токму сега, кога ни дојде таа среќна мисла, како да се смилува и господ на нас, та те испрати тебе, мудар и добродетелен странецу, за да нè поведеш и да нè спасиш од сиромаштијата. Од името на сите жители те молиме да ни бидеш водач, па кај ќе одиш ти, ние по тебе. Ти ги знаеш патиштата, ти си секако и роден во некој посреќен и подобар крај. Ние ќе те слушаме и ќе се покоруваме на секоја твоја наредба. Ќе се согласиш ли, мудар странецу, да спасиш толку души од пропаст, ќе сакаш ли да ни бидеш водач?

Мудриот странец за сето време на тој трогателен говор не си ја крена ни главата. Си остана до крај во истата положба во која го најдоа: ја наведнал главата, намуртен, молчи, тупка со стапот по земјата и — мисли. Кога се заврши говорот, тој, не менувајќи си ја положбата, кусо и полека, процеди низ заби:

—Ќе ви бидам.
—Можеме ли, значи, да тргнеме со тебе за да бараме подобар крај?
—Можете! — продолжи мудриот странец не кревајќи си ја главата.

Сега започна одушевување и изјави на благодарност, но на тоа мудрецот не проговори ни збор.

My го соопштија на собирот среќниот успех, додавајќи дека дури сега гледаат колку голем ум лежел во тој човек.

—Тој и не мрдна од местото, ниту подигна глава барем да види кој му зборува. Само молчи и мисли на сите наши говори и благодарности, само два збора проговори.

—Вистински мудрец!... Редок ум! — извикаа весело од сите страни, тврдејќи дека самиот господ го испратил како ангел од небото за да ги спаси. Секој беше цврсто уверен во успехот покрај таков водач, што не може ништо на светов да го разувери.

И така на собирот сега се утврди да тргнат уште утре в зори.

***

Утредента се насобра сè што имаше смелост да тргне на далечен пат. Повеќе од двесте семејства дојдоа на договореното место, а уште малку од нив останаа да го чуваат старото огниште.

Тажно е да се погледне таа маса од бедно население што го гони страшната неволја да го напушти крајот во кој се родило и во кој се гробовите на неговите предци. Лицата нивни коскести, изнемоштени, опалени од сонцето, патилата во текот на цела низа мачни години оставале трага на нив и на изразот му дале слика на беда и на горчлив очај. Но, во овој момент во нивните очи се огледуваше вистински зрак на надеж, но и на тага за родниот крај. Hа по некој старец му се истркала и солза по збрчканото лице, издишува очајно, врти со глава полн со некакво претчувство, и побргу би останал да причека уште некој ден, па да ги остави и тој коските во тие скрки, отколку да бара подобар роден крај; многу од жените гласно тажат и се простуваат со умрените што им ги оставаат гробовите; мажите се силат за да не се разнежат и самите и викаат: „Добро, сакате ли натаму да гладуваме во овој проклет крај и да живееме по овие кочини?“ А и тие самите просто би сакале целиот тој проклет крај и тие бедни куќарки да ги земат, ако се може некако, со себеси.

Врева и џагорење како во секоја маса. Воз-немирени и мажите и жените, а и децата, што ги носат мајките на грбот, во крошни, писнаа да плачат; се вознемири некако дури и добитокот. Добиток малку и имаат, но сепак тука е по некоја кравичка, по некое слабичко искубано коњче со голема глава и со дебели нозе, на кое натовариле некакви веленца, торби или по две вреќи преку самарот, па се витка кутрото под товарот, но пак се држи во сила, и дури ќе за’ржи по некој пат; некои, пак, натовариле магариња; дечиштата ги влечкаат пците на синџири. Тука има, значи, разговор, викотници, пцуење, лелекање, плачење, лаење, ’ржење, па дури и едно магаре два-три пати подрипна, но водачот не проговори ни збор, како целата таа маса и врвулица воопшто да не го интересува. Вистински мудрец!

Тој само си седи со наведната глава, молчи и мисли, и само ако плукне понекогаш, тоа му е сè. Но токму поради таквото држење популарноста му нарасна толку што секој беше во состојба да скокне, што велат, за него и в оган и во вода. Меѓу многумина можеше да се чуе горе-долу ваков разговор:

— Mope, среќни сме што најдовме ваков човек, а да тргневме без него, да не даде господ,
ќе пропадневме. Тоа е ум, брате! Само молчи, збор уште не проговорил! — вели еден, па погледна со стравопочит и со гордост во водачот.
—Што има да зборува? Кој зборува, тој малку мисли. Мудар човек, се разбира, па само молчи и мисли нешто!... — додаде еден друг, па и тој со стравопочит го погледна водачот.
—Па, богами, не е ни лесно да се води олку народ! И мора да мисли кога примил на себе толкава должност! — вели пак првиот.

***

Дојде времето за тргнување. Причекаа малку за да не му текне уште на некој да тргне со нив, но, бидејќи никој не се јави, не можеше повеќе да има двоумење.

—Ќе тргнеме ли? — го прашаа водачот.

Тој стана без зборови.

До водачот веднаш се групираа најрешителните мажи, да му се најдат во несреќен случај и да го чуваат за да не му се случи некаква опасност.

Водачот на свој начин, намуртен, со наведена глава, направи некој чекор мавтајќи достоинствено со стапот пред себеси, а масата тргна по него и викна неколку пати: „Да живее!“ Водачот направи пак неколку чекори и удри во плетот од општинската зграда. Тука, се разбира, застана тој, застана и масата. Водачот се поистави малку и потчукна два-три пати со стапот по плетот.
—Што ќе правиме? — прашаат.

Тој молчи?

—Што: што ќе правиме? Туркај го плетот; Тоа ќе правиме! Гледаш дека човекот дава знак со стапот што треба да се прави! — викнаа оние што беа со водачот.
—Ене ја вратата, ене ја вратата! — викаат децата и ја покажуваат вратата што остана на спротивната страна.
—Пссст, мирни, деца!
—Што е ова што се прави, да видел господ! — се крстат некои жени.
—Ни збор, тој знае што треба. Туркајте го плетот!

За час пукна плетот како и да го немало.

Поминаа.

He мрднаа ни сто чекори, а водачот западна во еден голем трнак и застана. Co мака се извлечка назад и фати со стапот да мава де десно, де лево. Сите стојат.

—Па што е сега пак? — викаат оние одназад.
—Да се пробива трнакот! — викнаа пак оние со водачот.
—Еве го патот зад трнакот! Еве го патот зад трнакот! — викаат децата, па и многу луѓе од позадината.
—Ете го патот, ете го патот! — се подбиваат гневно тие што беа со водачот. — А кој знае каде води тој, слепци ниедни? He можат сите да заповедаат. Тој знае каде е подобро и поблиску! Пробивајте го трнакот!

Се нафрлија да го пробиваат.

—Ооф! — ќе изофка по некој што ќе му се втера трн во раката, или што ќе го швркне некоја капина по лицето.
—Нема брате ништо без мака. Треба и да се помачиме, ако сакаме да успееме — одговараат на тоа најрешителните.

Го пробија со големи маки трнакот и продолжија понатаму.

Одеа така некое време и дојдоа до една ограда од колје.

—Ја кутнаа и неа, и тргнаа понатаму.

***

Малку поминаа тој ден, зашто требаше уште неколку помали, слични пречки да совладуваат, а со слаба храна, зашто некој зел со себеси сув леб и по нешто за со лебот, некој само леб за да си ја залаже овде-онде гладта, а некои немаа ни леб. Даде господ, беше летно време, та барем се најдуваше некаде по некоја овошка.

Првиот ден, така, поминаа малку, а сеќаваа многу умор. Големи опасности не се покажаа, a и несреќни случаи немаше. Се разбира дека при еден таков голем потфат ова мора да се смета како ситница: една жена ја швркна трн по левото око, та си врза на него влажна крпа; едно дете го удри прачка преку ноженцето, та куцка и офка; еден старец се сплетка на една капина, падна и си ја шина ногата, му ја преврзаа со толчен кромид, а тој јуначки ја трпи болката и оди понатаму смело по водачот, потпирајќи се на стапот. (Многумина, навистина, говореа дека чичкото лаже дека си ја шинал ногата, ами само така се преправа, зашто му се сака да се врати назад). Најпосле, ретко некој да нема трн во раката или да не е издраскан по лицето. Луѓето трпат јуначки, жените го проколнуваат часот кога тргнале, а децата како деца, се разбира, плачат, зашто не сфаќаат колку богато ќе се награди таа мака и таа болка.

За преголема среќа и радост на сите, на водачот не му стана ништо. Па, ако сакаме право да зборуваме, него најмногу и го чуваат, но сепак — има човекот и среќа.

На првиот конак се помолија и му заблагодарија на бога што првиот ден патуваа среќно и што на нивниот водач не му се случи никакво, па ни најмало зло. Потоа зеде збор еден од групата на најрешителните. Преку лицето му стои модрина од капина, но тој на тоа и не гледа.

—Браќа! — почна тој. — Еве, фала богу, веќе еден ден поминавме среќно. Патот не е лесен, но мораме да ги совладаме сите пречки кога знаеме дека овој мачен пат нè води кон среќата наша. Нека милостивиот бог ни го дочува водачот од секое зло, за да нè води вака успешно и понатаму...
—Утре ќе го изгубам, ако е така, и другово око! ... — промрмори налутено жената.
—Оф леле, ногата! — свреска чичкото, ослободен од таа забелешка на жената.

Децата веќе постојано кенкаат и плачат, и едвај мајките ги смируваат за да се чујат зборовите на говорникот:

—Да, ќе го изгубиш и другото око — пламна говорникот — па изгуби ги и обете. He е ништо тоа една жена да си ги изгуби очите за едно вакво големо дело. Тоа е срамота! Мислиш ли ти за доброто и среќата на своите деца? Нека пропаднат половината од нас за ова дело, што дека. Големо чудо — едно око. Што ќе ти се очите, кога има кој да гледа за нас и да нè води кон среќата? Па зар ќе го напуштиме поради твоето око и нозете на чичконо овој благороден потфат?!
—Лаже чичкото! Лаже чичкото, се преправа само за да се врати! -— се слушнаа гласови од сите страни.
—На кого, браќа, не му се оди — почна пак говорникот — нека се врати, а не да ни офка тука и да ги буни другите луѓе. Што се однесува до мене, јас ќе одам по овој мудар водач додека дишам.
—Сите ќе одиме, сите по него, дури имаме душа.

Водачот молчеше. Луѓето почнаа пак да му се запулуваат и да шепотат:

—Само молчи и мисли!
—Мудар човек!
—Види какво му е челоно!
—И намуртен е.
—Сериозен!
—Куражен е, се гледа по сè.

Куражен, остави го: плет, огради, трнаци, сè ги крши. Туку така намуртен само ќе тупне со стапот и не зборува ништо, а ти после гледај што ќе правиш.

***

Така помина првиот ден, a со ист успех поминаа уште неколку дена. Ништо од поголема важност, само некои поситни пречки: ќе се струполат во ендек, во дол, ќе удрат на плет, на капини, на трње, ќе си ја скршат по неколку души од нив ногата или раката, ќе си ја дупне по некој главата, но сите тие маки се истрпуваат. Некои старци пропаднаа, но тие и беа стари. „Ќе изумреа и дома да седеа, а камоли на пат!“ — рече говорникот, та ги охрабри луѓето да одат понатаму. Неколку помали деца од една-две години пропаднаа, но си го стегнаа срцето родителите, зашто така сакал господ, а и жалоста е помала колку се децата помали. „Тоа е помала жалост, а да не даде господ родителите да дочекаат да си ги загубат децата, кога ќе стасаат за мажење и за женење. Кога е така судено, подобро што побргу, зашто помалку ќе има и жалост!“ — ги тешеше пак говорникот. Многумина криват и се гегаат, некои завиткале шамии преку главата и ставиле студени облоги на џумките, некои си ја носат раката во шамија: сите се испокинале, се исподрпале та партали им висат од алиштата, но сепак, се оди среќно понатаму и понатаму. Сето тоа би го истрпувале полесно, но и гладот ги мачеше честопати. Но, се мора напред.

Еден ден се случи нешто поважно.

Водачот оди напред, со него најрешителните (двајца помалку. За нив не се знае кај се. Општо е мислењето дека извршиле предавство и побегнале. Еднаш дури истиот говорник и говореше за нивното срамно предавство. Малкумина се оние што сметаат дека луѓето се пропаднати по патот, но молчат и не си го кажуваат мислењето за да не се плаши народот), па после со ред другите. Наеднаш се покажа грозно голем и длабок каменит дол — вистински амбис. Брегот толку стрмен што човек не смееше ни да зачекори напред. И решителните застанаа и го погледнаа водачот. Тој, со наведната глава, намуртен и замислен, молчи и решително чекори напред, тупкајќи со стапот пред себеси, де лево, де десно, по својот познат обичај, а тоа, како што велат многумина, го правеше уште подостоинствен. Тој никого не погледна, ништо не рече, на неговото лице никаква промена, ни трага од страв. Сè поблиску кон амбисот. Дури и оние најхрабрите станаа во лицето бледи како крпа, а никој не смее ни збор да му забележи на умниот, остар и решителен водач. Уште два чекори, па водачот е во амбисот. Во смртен страв, со ококорени очи, се тргнаа сите, а најрешителните тукушто да го задржат водачот, па ако треба и нека згрешат во дисциплината, а тој при тоа зачекори еднаш, двапати, и се струполи во долот.

Настана забуна, олелија, врева, завладеа страв. Некои дури почнаа да бегаат.

—Стојте, кај сте се затрчале, браќа! Зар така се држи дадениот збор? Ние мораме напред по овој мудар човек, зашто тој знае што прави; не е сигурно будала да се упропасти себеси. Напред по него! Ова е најголемата, но можеби и последната опасност и пречка. Кој знае дали уште тука зад тој дол нема некаква прекрасна плодна земја што ја одредил господ за нас. Напред само, оти без жртви нема ништо! — Така изговори тој говорникот и направи два чекори напред, та го снема во долот. По него најрешителните, a пo нив јурнаа сите.

Олелија, стенкање, тркалање, јачење по стрмниот рид на тоа грозно јамиште. Човек би се заколнал дека никој жив, а камоли здрав и неповреден, не може да излезе од тој амбис. Но тврд е човечкиот живот. Водачот имаше ретка среќа, и се задржа при паѓањето, како и секогаш, на некој џбун, та не се уби, ами успеа да се извлечка пополека и да излезе на ридот.

Додека се разнесуваа долу пискотници и лелеци, или се слушаше подмолно стенкање, тој си седеше неподвижен. Молчи само и мисли. Некои долу изудирани и разлутени почнаа и да пцујат, но тој ни на тоа не обрнуваше внимание. Оние што се истркалаа посреќно и што се запреа некаде на некој џбун или дрво, почнаа со мака да излегуваат од долот. Некој си ја скршил ногата, некој раката, некој си ја исчукал главата, та крв му го облеала лицето. Како кој, но никој здрав освен водачот. Го гледаат стушено, напреку и стенкаат од болка, а тој ни глава не крева. Молчи и мисли како секој мудрец!

***

Помина уште време. Бројот на патниците сè помал и помал. Секој ден ќе однесе по некој; некои го напуштаа таквиот пат и се враќаа назад.

Од голем број патници останаа уште дваесетина. На секого очајанието и сомневањето му се гледа на коскестото, изнемоштено од напор и глад лице, но никој ништо повеќе не говори. Молчат како и водачот и одат. Дури и оној пламениот говорник мавта очајно со главата. Тежок пат беше тоа.

Од ден на ден и од овие почна да се намалува бројот, и останаа десетина другари. Лицата им се уште поочајни, a пo целиот пат наместо разговор се слуша офкање и јачење.

Сега беа повеќе накази отколку луѓе. Одат на патерици, си ги обесиле рацете на шамиите што им се врзани околу вратот. На главата цел куп преврски, облоги, тифтици. Дури и да сакаа да принесуваат нови жртви, не можеа, зашто на телото речиси и немаше место за нови рани и модрини.

Ја изгубија веќе и верата и надежта и оние најважните и најтврдите, но сепак одат понатаму, тоест се движат на некој начин со тешки напори при офкање и стенкање од болка. Па и што ќе прават кога назад не се може. Зар толку жртви, па сега да го напуштат патот?!

Се смрачи. Гегаат така на патерици, кога погледнуваат, а водачот го нема пред нив. Уште по еден чекор, па сите пак во дол.

—Оф, ногата! ... Оф, мајко моја, раката! ... Оооф! — се разнесе офканица, а потоа само гргорење и стенкање. Еден подмолен глас го пцуеше дури и славниот водач, па молкна.

***

Кога се раздени, а водачот си седи пак така исто како што си седеше и оној ден кога го избраа за водач. На него не се забележуваат никакви промени. Од долот се измолкна оној говорникот, a пo него уште двајца. Разгледаа околу себе така нагрдени и крвави, да видат колку останале, но беа само уште тројца. Смртен страв и очајание ја исполни нивната душа. Месноста непозната, планинска, гол камен, а пат никаде. Уште пред два дена поминаа преку патот и го оставија. Водачот така водеше.

Помислија за многуте другари и пријатели, за оние бројни роднини што пропадна на тој чудотворен пат, и ги фати една тага посилна од болката во осакатените екстремитети. Ја гледаа со своите сопствени очи својата сопствена пропаст.

Говорникот му пристапи на водачот и почна да говори со изнемоштен, растреперен глас, полн со болка, со очајание и горчина:

Каде ќе одиме?

Водачот молчи.

Каде нè водиш и каде нè доведе? Ние ти се доверивме заедно со своите семејства, и тргнавме. по тебе оставајќи си ги куќите и гробовите на нашите предци, само за да се спасиме од пропаста во оној неплоден крај, а ти уште повеќе нè упропасти. Двесте семејства поведовме по тебе, a сега преброј нè да видиш уште колку сме останати.

Па зар не сте сите на број? — процеди водачот не кревајќи си ја главата.

-Ама како прашуваш така? Крени ја главата, погледни, преброј колку сме останати на овој несреќен пат. Погледни какви сме и ние што останавме. Подобро и да не останевме отколку да сме вакви накази.

—He можам да погледнам! ...

—Зошто!
—Слеп сум!

Настапи молк.

—Попат ли си го загуби видот?
—Јас слеп и сум се родил.

Тројцата очајно си ги наведнаа главите.

Есенскиот ветер страшно фучи низ планината и ги разнесува овенатите лисја; по планините се спуштила магла, а низ студениот, влажен воздух шушкаат гавранови крила и се разнесува зловешто гракање. Сонцето е скриено зад облаците што се тркалаат и јурат забрзано некаде далеку, далеку.

Тројцата се загледаа во смртен страв.

—Каде ќе одиме сега? — процеди едниот со гробовен глас.

-He знаеме!

(1901)

Извор: Радоје Домановиќ, Сатири, Македонска книга, 1970.
Слики: Свирачиња

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото