Солидарност

20.10.2014 09:16
Солидарност

По дефиниција солидарноста е „спонтан или договорен облик на поврзаност на одредена група според сличноста на идеите, интересите, мислите, емоциите“. Кај Вебстер, пак, политичкото значење на поимот „солидарност“ (на групи или класи) се дефинира како „заедништво на цели, интереси и стандарди“. Сепак, од етичка гледна точка солидарноста не се однесува на „одредена група луѓе“, туку на сите луѓе како вид. Затоа во социјалните односи солидарноста може да се дефинира како чувство на взаемност и темел на взаемно помагање меѓу луѓето. Во Италија, на пример, постои министерство за социјална солидарност (а не за социјална работа или социјална политика).

Солидарноста, парадоксално, е категорија која, од една страна, е речиси заборавена во македонското општество, а, од друга, се чини дека никогаш како сега не сме имале потреба токму од солидарност. Проблемот е во тоа што на солидарното помагање ќе се присетиме во моментите кога солидарноста нам ни е потребна. Се разбира, Скопје (поточно она што остана од него) и Македонија помнат и некои други времиња кога солидарноста била безмалку пресудна за опстанокот на градот по катастрофалниот земјотрес. Едно време и се негуваше таа традиција на солидарноста: освен што се именуваа имињата на улиците и установите по земјите и градовите од каде што стасуваше солидарната помош, постарите скопјани ги помнат и традиционалните „Денови на солидарноста“, на кои настапуваа (солидарно, се разбира) тогашните најголеми ѕвезди. На крајот на краиштата, и Музејот на современа уметност, односно неговата збирка, во најголем дел е заслуга на солидарните донации на тогаш најголемите современи ликовни уметници. Но, денес речиси нема ни трага од некаква меморија за оваа солидарност.

Минатата недела Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и новинарскиот бенд „Д Репортерс“ одржаа Солидарна вечер за казнетите новинари од „Фокус“, со што практично заврши едногодишниот проект „Солидарност за слобода“ од кој треба да произлезе Фонд за помош на новинарите. Со други зборови, во текот на една година низ Републиката се одржаа десетина вакви вечери (ако не се лажам, четири во Скопје), некои наменски за одредени колеги, а некои исклучиво за полнење на Фондот. Не знам дали и колку средства се собраа, односно дали таа помош им заврши некаква работа на колегите, но мислам дека во целата акција постојат и поважни пораки: враќањето на солидарноста како колективна (еснафска) вредност. Имено, солидарноста не е само финансиска помош. Солидарност е, на пример, и волонтерската работа (во оригиналното значење на овој збор, значи: доброволната работа). На пример, некогаш популарните младински работни акции се вид на солидарност. Солидарност е и протест (штрајк, на пример) поради неправда врз некој член на заедницата. Солидарност, со еден збор, е солидаризирање со нечија состојба. Јасно, иако солидарноста е во темелот на општествениот (значи, колективниот) морал, таа е сепак индивидуална одлука и зависи исклучиво од волјата и можноста поединецот да се солидаризира. Токму затоа е важна акцијата на ССНМ: да се потсетат луѓето на оваа, ете велам, заборавена категорија.

„Солидарност“ е галициски, односно француски поим (solidaire – солидарен) и првпат е забележен во Енциклопедијата (1765 год.). Во основата му е латинската придавка „solidus“ (цврст), која пак потекнува од индоевропската основа „sol“ (цел, целосен). Оттука во латинскиот потекнуваат и „salus“ (здравје) и „salvus“ (сигурен, спасен), во грчкиот „holos“ (цел), во англискиот „whole“ итн.

Слични содржини

Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења

ОкоБоли главаВицФото