Народот не го прифаќа Скопје 2014, ама тоа го покажува само во анкети

20.10.2014 09:10
Народот не го прифаќа Скопје 2014, ама тоа го покажува само во анкети

Последниот притисок на градоначалникот Коце Трајановски врз жителите на една зграда на улица Македонија, непосредно пред Домот на Мајка Тереза, одново нè потсети дека власта и натаму си го тера проектот Скопје 2014. Иако не го споменува во политичките говори и во програмите што ги остава по поштенските сандачиња, имаме континуитет во сите форми на монструозност кои и до сега беа забележувани и од многу странски стручњаци (безмалку сите) и кои се предмет на исмејување.

Да не е овој народ молчалив и затапен, каков што е секако, би имале одамна социјални немири. Впрочем, анкетите кои се спроведени од независни институции одамна потврдија дека на народот му е преку глава од оваа инка во која влегуваат стотици бесмислено дадени милиони евра!

Да потсетиме дека во анкетата, спроведена на репрезентативен примерок од 1.156 испитаници, уште во 2012 година на поставеното прашање: „Некои работи кај луѓето предизвикуваат различни чувства. Користете ја приложената скала за да го опишете вашето чувство кога ќе слушнете за реализација на проектот Скопје 2014? : Многу негативно/Донекаде негативно/Ниту негативно, ниту позитивно/Донекаде позитивно/Многу позитивно“, исклучително високи 42,7 отсто од анкетираните имаат многу негативно мислење за проектот, а донекаде негативно мислење имаат 15,1 отсто. Ова значи дека вкупно 57,8 отсто имаат негативно мислење за Скопје 2014. На другата страна се 10,9 отсто од испитаниците со многу позитивна оценка за проектот и 15,5 отсто со донекаде позитивна, или вкупно 26,4 отсто од граѓаните имаат позитивно мислење за проектот. Индиферентни (со ниту позитивно/ниту негативно мислење за проектот) се 15,8 отсто од граѓаните. Анкетата беше на Брима Галуп.

Ако се споредат резултатите од ова истражување со оние на истражувањето на Дневник во 2010 година, спроведено од агенцијата Рејтинг, ќе се увиди дека процентот на испитаници кои негативно гледаат на проектот е без значајна промена. Но, поддршката за проектот е драстично опадната за една третина од 39 отсто на 26,4 отсто.

Претседателката на Здружението на граѓани „Центар за културно наследство“, професор Донка Барџиева Трајковска, вели дека станува збор за еден идеолошки проект којшто има цел да направи лажна слика за историјата на Македонија.

„Крајната цел на оваа влада е да направи друга слика за Македонија, затоа што според нив, поради нивната кутра неукост и непознавање на историјата, на културата и уметноста на тлото на Македонија, се обидува да ни накалеми евтин плагијат којшто нема апсолутно никаква врска, ниту, пак, поседува одредени вредности за да може да добие каков било минимален научнички третман“, вели таа.

Глобус лани пишуваше за последното истражување на Институтот за општествени и хуманистички науки, „Проектот 'Скопје 2014' и неговите ефекти врз наративите на идентитетот“, барем во поглед на испитувањето на овој феномен, барањето на неговите корени и смисла. Во некоја рака резултатите на ова испитување беа и охрабрувачки, бидејќи, покажуваа дека власта, во својот прв удар врз идентитетот на нацијата и обидот да го „октроира“ не успеала, иако е повеќе од јасно дека власта нема да застане тука и дека нема да се штедат средства и да се применуваат можеби и нови методи во остварување на политичката програма на антиквизацијата.

Инаку,првичната замисла на проектот Скопје 2014 одамна е проширена и надградена. Сликата за барокно Скопје дополнително - според најавите - ќе ја збогатат уште два хотели во центарот на градот кои ќе треба да бидат изградени во тој стил. Веќе се работи и на менувањето на ликот на зградите околу плоштадот Македонија и на Владата, а само прашање на време е и кога Градскиот трговски центар ќе ја доживее истата судбина. Владата и натаму инсистира Скопје да го претвори во град на барокот, а упатените велат дека причината не е да се промени неговиот изглед.

Крајната цел на оваа влада е да направи друга слика за Македонија, затоа што според нив, поради нивната кутра неукост и непознавање на историјата, на културата и уметноста на тлото на Македонија, се обидува да ни накалеми евтин плагијат , додава професор Донка Барџиева Трајковска, претседателката на Здружението на граѓани „Центар за културно наследство“.

И отпорот на станарите од улица Македонија, кои сега мораат по четврти пат да се самоанкетираат, јасно го покажува ставот на јавното мислење по ова прашање.

Извор: Глобус

ОкоБоли главаВицФото