ИСИС во Вашингтон

20.10.2014 09:25
ИСИС во Вашингтон

За време на посетата на Њујорк, новиот премиер на Ирак, Хајдер Ал Абади, изјави дека неговата разузнавачка служба открила план на екстремисти од Исламската држава (ИС, односно ИСИС или ИСИЛ), нов калифат кој проголта дел од неговата земја – за напади на подземни железници во Париз, Њујорк и можеби уште некои американски градови.

Во текот на следните 24 часа највисоките официјални лица од државата во која живеам, гувернерот Ендру Куомо и градоначалникот на Њујорк Бил Де Бласио, негираа дека имаат какви било информации за таков заговор и јавно се возеа во подземната железница за да нè „смират“. Не постоеше закана, но истовремено беше и под контрола. Морам да признаам дека целата претстава ми делување речиси комично.

За тоа време, шумот кој нè следи во последните 13 години не престанува. Хистеричниот хор на американскиот Терордом, и републиканскиот и демократскиот, сè уште дрдори за „непосредна“, да не кажеме апокалиптична закана од Исламската држава и нејзиниот калифат за американскиот начин на живот. А хорот официјални лица, именувани и анонимни, предупредува дека опасноста од тероризам за оваа земја е „неизбежна“, додека вообичаената група експерти зборува за можно уништување на нашиот начин на живот.

Се разбира, медиумите продолжија да известуваат за тоа со еден вид заслепувачки восхит. Резултатот беше следен: 71 процент од Американците сметаат дека ИСИС има терористички ќелии во САД, и барем исто толку од нив, ако не и повеќе (зависно од тоа која анкета ја читате), се подготвени да поддржат тотална кампања за бомбардирање на оваа група, а администрацијата на Обама веднаш и го направи тоа.

Меѓутоа, ако за момент се оттргнеме од американскиот универзум на терористички закани, потполно е јасно дека мрачното подземје од Блискиот исток добро нè познава. Целта на снимките со обезглавување очигледно беше предизвикување хистерија во Америка. Првите две снимки некако нè обврзаа да водиме војна, за која се предвидува дека ќе трае со години, и нè обврзаа на бесконечно бомбардирање за кое многу добро знаеме дека ќе го подигне глобалниот углед на Исламската држава и нејзиниот луд калифат во џихадистичките кругови. (Всушност, доказите веќе пристигнуваат. Од Северна Африка до Авганистан и Пакистан, оваа група веќе стана бренд, нејзиното црно знаме се вее, а нејзиниот стил на обезглавување е пожелно да се имитира.)

Сега шиитските противници на овие џихадисти ја сфатија пораката и, што не е изненадувачки, тргнаа по истиот пат. Ирачкиот премиер, чии разузнавачки служби неодамна пропуштија да забележат дека екстремистите од Исламската држава приграбија огромни делови од неговата земја – изнесе докази за заговор, па во Америка од синџир се пуштени професионалните подбуцнувачи и хистерици, што веројатно и повеќе од потребното ја зголеми поддршката за ирачката влада.

Слушнавме и вест дека, започнувајќи ја бомбардирачката кампања на Исламската држава во Сирија, администрацијата на Обама погодила некоја друга организација. Таа се нарекувала – како што ни велат – група Корасан и, за разлика од ИСИС, на мета на нејзините бомбаши беа САД, односно „татковината“. Како што стана јасно по првиот бран хистерија, никој ни овде ни таму никогаш не слушнал за таква група, која можеби била само група поединци од фронтот Ал Нусра, поголема бунтовничка сириска група поврзана со Ал Каеда.

Во секој случај, може да се каже дека и администрацијата на Обама и нејзините разузнавачки служби добро нè познаваат. Иако групата Корасан наводно планирала да нападне авиони, а не подземната железница, очигледно е дека транспортните системи ни се слаба точка. Оваа група, како што дознаваме од неименувани американски разнузнавачи, е составена од „кадри“ или „група“ искусни „постари“ припадници на Ал Каеда од Авганистан кои се доселиле во Сирија, не за да го срушат Башар Ал Асад или да спроведат калифат, туку за да организираат разорни напади во американската „татковина“, а можеби и во западна Европа. Според зборовите на директорот на националната разузнавачка служба Џејмс Клапер, тоа е „уште една потенцијална закана за татковината“, и тоа „неизбежна“. Според зборовите на генералот потполковник Вилијам Мејвил, директор на операциите на Генералштабот на американската војска, групата Корасан била во „завршна фаза на плановите за изведување големи напади врз западни мети, а можеби и врз американската татковина“.

Ако не извршевме толку тежок удар, тие би биле – нè убедуваат американските разузнавачки официјални лица – на работ (или блиску до него) да направат толку напредни бомби што, користејќи туби од пасти за заби, модификувани електронски уреди или можеби облека со експлозив, нивните агенти сигурно ќе можеа да поминат незабележано покрај аеродромското обезбедување и да соборуваат авиони еден по еден. Цивилизацијата повторно беше во опасност, што значи дека извикувачките наслови за оваа група и нејзиниот заговор, со глетки од експлозии на нашите вистински бомби во Сирија – како и вообичаено со воодушевување беа прифатени во медиумите.

Како што покажуваат Глен Гринвалд и Муртаза Хусеин во својата разорна репортажа на Intercept, целата приказна за групата Корасан почна да се распаѓа веднаш по воздушните удари во Сирија. Оваа „неминовна закана“ за момент се претвори во „подготвително“ планирање; репортерите проверија кај своите сириски извори и открија дека никој не знае ништо за таканаречената група Корасан и рушењето на авионите изгледаше сè помалку веројатно (и повеќе фиктивно). Меѓутоа, како и секогаш посочувањето на вистинските опасности во нашиот свет им е препуштено главно на алтернативни извори, додека заканата за нашиот начин на живот, Вашингтон и Њујорк, висеше во воздух.

Овој шум нè следи во последните 13 години. И, како позната музика предизвикува реакција која речиси и да не можеме да ја контролораме. Теоритизирањето за тероризмот, понекогаш професионално оркестрирано (како во случајот со групата Корасан) го преплавува нашиот свет од година в година. ИСИС е само најнов пример како интересот за една група екстремисти да се претстави како поголем отколку што е, се преклопува со интересите на некои групи во оваа земја да ја зголемат или да ја одржат својата институционална моќ. Тероризмот како најголема опасност за американскиот начин на живот струи во општествениот крвоток, потпомогнат од редовните инфузии страв до вообичаените двигатели на паника.

Од таа емоционална спрега произлезе глобалната безбедносна држава без преседан, како и војската зад која, во смисла на деструктивната сила, остатокот од светот далеку заостанува. Во тој процес, а во име на заштитата на Американците од наводно апокалиптични опасности кои ги претставуваат Ал Каеда и нејзините самонаречени наследници, се создаде нова верзија на Америка – држава која сè поотворено гази врз најосновните слободи, која дејствува во тајност, посветена на општиот надзор и целосното укинување на приватноста.

Можете до бесвест да повторувате дека опасноста од распрснатите терористички групи е неизмерно мала во „татковината“, во споредба со речиси сите други опасности кои ги крие американскиот начин на живот. Тоа нема да има никаков ефект кога терористичките подбуцнувачи ќе се фрлат на работа. Иако никогаш не излегла од Ирак и Сирија, Исламската држава се наоѓа во Вашингтон – и во Њујорк, Топеки, Ел Пасо (или, како што тврдат локалните сејачи на страв во Тексас, само што не ја прегазил реката Рио Гранде), во Солт Лејк Сити и Сакраменто.

Да бидеме искрени. По 11 септември, кога станува збор за нашата безбедност (и за што се трошат нашите даночни долари) – сосема полудевме. Што е уште полошо, паниката, стравот и хистеријата по повод опасноста од тероризам можеби се единственото што како граѓани нè поврзува со остатокот од светот во кој толку големата деструкција се врши во наше име.

Може да се каже дека историјата за демобилизација на американскиот народ како фактор за влијание на нашата земја надвор од своите граници трае од 1973 година, кога регрутацијата официјално е испратена во историјата. Во претходниот период, во Виетнам и во земјата, доказите дека регрутната армија може да гласа со нозете и преку својот активизам беа поразителни за главнокомандувачите, па така регрутната војска, како изум на Француската револуција, е прекината со еден потег на претседателското пенкало. Од тогаш нејзините редови ги пополнуваат „доброволци“, делумно благодарение и на милионите долари вложени во маркетинг.

Во меѓувреме, властодршците ги демобилизираа граѓаните и ги испратија дома. После 11 септември, живописен пример за тоа даде претседателот Џорџ Буш, кога ги повика Американците да го покажат својот патриотизам (и да ја стабилизираат работата на авиокомпаниите) на тој начин што ќе одат во Дизни Ворлд, на одмор и воопшто, да си ја гледаат својата работа, додека неговата администрација ќе се погрижи за Ал Каеда (и ќе изврши инвазија во Авганистан и Ирак).

Во наредните години инсистирањето да им изразиме „поддршка“ и „благодарност“ на нашите „момци“ стана задолжително. Истовремено, таа воена сила сè повеќе се претвораше во „професионална“, „казнена“ и „туѓа“ (во смисла на Легијата на странци) организација. Кога станува збор за американската војска, за огромното мнозинство Американци обожувањето е единствената емоција која се смета за дозволена.

Во тој контекст, можеби ваквото надувување на една грда реалност која е сведена во сеприсутната и вечно „непосредна“ закана за нашиот начин на живот, би требало да го сфатиме како последно поглавје од демобилизирањето на американскиот народ. Најпосле, терорфобијата нè препушта на чувството на беспомошност и потреба за заштита. Единствената логична реакција е да ја поддржиме која било постапка на нашата држава што ја штити нашата „безбедност“.

Под брановите страв и безбројните наслови за терористички заговори, ние, народот, главно сме сведени на улога на исплашени набљудувачи на нашата влада и нејзините постапки. Добредојдовте во Терордом.

Извор: http://www.tomdispatch.com/

ОкоБоли главаВицФото