Шекеринска како симптом на општествена заболеност

20.10.2014 10:25
Шекеринска како симптом на општествена заболеност

Пред неколку недели по повод „сефтосувањето“ на староновиот МНТ од страна на челниците на СДСМ напишав дека Радмила Шекеринска го направила најголемиот гаф во досегашната политичка кариера. 

Читајќи го вчера интервјуто на Шекеринска за Фактор сфатив дека сум згрешил; дека потегот на потпретседателката на СДСМ не бил наивен туку промислен. Дотолку полошо за неа, барем во моите очи. 

Шекеринска со неподнослива површност (бахатост, игноранција, глупост - се попрецизни зборови) вели: „Ставот на СДСМ е кристално јасен и непроменет: Скопје 2014 година е проект на безумно трошење и неверојатна корупција. Уште во 2011, во програмата го напишавме тоа и појаснивме: ’Некои од објектите кои имаат функционална и општествена оправданост ќе ги доизградиме и пуштиме во употреба (објектот на Македонската филхармонија и Стариот театар)’. Како што гледате, ниту еден наш став не сме промениле, па дури ни со посета на јубилеј на една странска фирма. Не знам зошто тогаш тоа било оправдано, а сега е ’давање легитимитет’. Зарем мислите дека е логично тогаш да кажеме дека ќе ги ’доизградиме и пуштиме во употреба’, за да потоа веќе во нив не влегуваме? Или дека поддржувачите на СДСМ по аферата Актор нема да смеат да минуваат по коридорот 10?“

Споредбата на СК014 со Коридорот 10 е една од најголемите политички будалаштини изречени во Македонија последниве 23 години. Згора, Шекеринска е перфидна; никој не ја обвини затоа што влегла во „барокниот“ театар, туку зашто организираше сопствена семејно-деловна-партиска журка во еден од клучните објекти на монструозниот груевистички проект СК014. А дури и тоа, добив впечаток, повеќето критичари беа спремни да ѝ го простат („ја натерал мажот“ итн.). Пред Шекеринска уште еднаш раскошно да ги покаже ароганцијата и незнаењето.

За жал, вториот човек на СДСМ пропушти идеална можност да реагира поинтелигентно, посуптилно, пообединувачки, несуетно. Бедниот одговор на критиките не зборува само за нејзината загрижувачка лимитираност во разбирањето на културните прашања (какво што е СК014), туку и за потполно отсуство на поделикатни консултанти и советници во сегашниот СДСМ. Најстрашно е доколку Заев и Шекеринска во раководството на СДСМ си создале сопствени (баеги ограничени) клонови и ако, згора, за секој случај, го вовеле принципот дека најтесното раководство е безгрешно. Како никој во СДСМ да не ги прочитал лавините критики после журката на Дајнерс и СДСМ. Како никој во СДСМ да не ги прочитал ниту анкетите што мислат граѓаните за СК014. 

Потпретседателката на СДСМ, значи, или не го разбрала сето она што се пишуваше и се пишува за СК014 во светот и во земјава изминативе пет-шест години, или просто напишаното и констатираното го помножила со нула. Таквата игноранција, според мене, во моментов веќе не е политички гаф туку политичка глупост и бахатост. Таквата игноранција на клучните слоеви на манијакалниот проект СК014 (културниот, идентитетскиот слој) зборува за тешки не само политички или културни дефекти кај Шекеринска, туку - и тоа е најстрашното - за една речиси потполна морална инсуфицијенција („таму кајшто требаше да има морал - таа имаше вакуум“).

Сакам да истакнам: Радмила Шекеринска во случајов не ја третирам толку како врвен опозиционен политичар и следен дрматор во „темниот вилает“ - туку како симптом на општествена заболеност. Заради тоа и ги пишувам текстовиве. Со помош на културните вредности што ги олицетворуваат (претерано е да се каже „застапуваат“) Шекеринска и Заев ги избришаа границите меѓу ДПМНЕ и СДСМ - барем во сферата на културните вредности. И тоа е најпоразителното во овие неодговорни политички лупинзи што ги прави вториот човек на клучната опозициска сила. Не само што на критиките одговори со неприфатливо задоцнување (што одново ја оцртува нејзината арогантност), туку Шекеринска со црвено ги потцрта сопственото просташтво и игноранција.

Сакам да речам, од малку поширока перспектива, и низ примерот на аферата „Дајнерс и СДСМ во МНТ“ се чини дека примитивизмот на овдешните нови владеачки класи (не само политички) сè повеќе ја губи површинската недоделканост (некогашното „сељаштво“). „Сељаштвото“ на новите класи што дивеат низ Скопје, меѓу груевистичките кулиси, само делумно има врска со необразованоста, непристојноста, турбофолкот, белите чорапи, малограѓанштината, „барокот“ и бетонските галии. Клучниот општествен проблем се пресели на друго место: опортунизмот, кариеризмот, бескрупулозноста, алчноста, површноста, евтините ефекти... станаа врвни „доблести“ на новото време и новите класи.

Затоа велам дека проблемот на Шекеринска е повеќе морален и културен отколку политички; но тоа го прави и многу потежок за решавање. Хана Арент пред педесетина години предупредуваше дека модерните општества добро нè увежбуваат да го кажеме она што од нас се очекува (или, кога треба, да се воздржиме од тоа), а не нè учат со зборови да го искажеме она што стварно го чувствуваме или гледаме. „Од детството, всушност, во сите наши институции, ние ги наградуваме еуфемизмите, трговската способност, слоганите, а ги казнуваме и спречуваме вистинитоста, оригиналноста, промисленоста.” Со таа разлика што западните општества сепак имаат напластени слоеви демократија, многубројни автономни зони, поединци и институции, како брана од некаква порадикална брутализација на општеството. Таква заштита ние немаме и спојот меѓу „сељачката“ и „малограѓанската“ бескрупулозност (меѓу ДПМНЕ и СДСМ, ако сакате) кај нас навистина добива монструозни размери. Журката на Дајнерс и СДСМ во МНТ тоа го покажа на болно сликовит начин.

***

За крај, само уште два-три едукативни збора, по стоти пат повторени, првенствено наменети за Шекеринска и новото раководство на СДСМ, колку да ги потсетиме што се случува во земјава последниве шест-седум години...

Последниве години, значи, засилено и сè поманијакално трае политичкиот и културниот ревизионизам и агресивниот културен инженеринг на власта, што води кон радикална промена на македонскиот идентитет и кон поништување на асномска Македонија. Антиквизацијата што ја спроведува режимот е дело на најрадикалните националистички структури. Дел од нив се од дијаспората и се сосема отсечени од реалноста на нашата држава; тие луѓе живеат во митови и фантазии и се хранат со за нас самоуништувачката борба со Грците околу античкото наследство. Најрадикалниот дел од таа дијаспора (кој може да се спореди со српските четници и хрватските усташи) денес има своја продолжена рака во владата во Скопје. Со Македонија владее еден радикален дијаспорски национализам чија суштина е симболичката борба со Грција и сонот за голема Македонија. И двете цели се апсолутно губитнички и ја водат Македонија во амбис.

Нас во момоентов не нè уништува македонството туку неговата сакрална транфигурација. Проектот СК014 е школски пример за таа непродуктивна и автодеструктивна сакрализација на националниот идентитет. Примерот е школски зашто произлегува од добро познатите тоталитаристички матрици на владеењето.

Да појасниме: тоталитарната архитектура има три главни функции, симболичка, театрална и дидактичка. Кога Мусолини ги реновирал и конзервирал старите римски споменици, тоа го правел за да ја востоличи новата симболика на фашизмот како поредок кој се потпира на илјадагодишна традиција. Мусолини не само што се обидувал да ги сочува знаците на славното минато, туку на некој начин тие остатоци ги музеализирал и театрализирал за да ја легитимира сопствената власт. Истото го правел и Хитлер, прогласувајќи го како нацистичка идеологија Светото Римско Царство на германската нација (Heileges Romisches Reich Deutscher Nation било официјалното име на Германија до 1806 година). Истото тоталитарно разбирање на културата го прави и „преродбата“: десетиците споменици и „антички“ згради што преку ноќ никнуваат низ Скопје имаат единствена цел: сакрална трансфигурација на нацијата, т.е. нејзино мумифицирање, балсамирање и положување во пирамидата. Македонството под груевизмот се претвора во саркофаг. Зборот зборува самиот: сарко фаг, ждерење на месо, уништување на живото.

Слики
Насловна: Giovanni Maria Bottalla (Il Raffaellino), Деукалион и Пира, околу 1635 (детаљ)
Jean Lemaire, Пејзаж со Диоскури, 1650
Francois Boucher, Преминување на река, 1730-ите
Giovanni Benedetto Castiglione (Il Grechetto), Самсон го уништува храмот на Филистејците, 17 век

 

ОкоБоли главаВицФото