Владата пак се омрси

21.10.2014 02:56
Владата пак се омрси

Изгледа веќе ништо не може да ја задоволи алчноста и апетитот на властодржците и да ја нахрани огромната суета на премиерот секогаш гладен за внимание, подготвен да биде мирудија во секоја манџа. Промоцијата на кампањата за здрава храна беше врв на невкусот во секој поглед.

Власта која осум години не ја помести земјата од рангот најсиромашна во Европа, во која со месеци се чека влезница за бесплатен доручек на мост, во која народните кујни се најпосетени социјални установи, во која лебот е стратегиски производ, клучен за опстанокот на нацијата, во таква земја да му земеш на народот половина милион евра со образложение дека ќе го научиш што треба да јаде, навистина може да се доживее само како иронија на судбината.

Просто е нездраво да излезеш пред нацијата и да јадеш бурек дека со спотови, билборди, флаери и со други реклами ќе го смениш режимот на исхрана кај гладните. Е тоа најтешко се вари. (На тие што може да си дозволат „здрава“ храна обично им се повраќа од нутриционистичките и од другите откритија на премиерот).

Целта на секоја владина кампања не е подигање на свеста кај јавноста, туку подигање пари од народната каса. Ако народот не се свести навреме, тогаш е во гаден сос и утре ни кучињата со маст нема да го јадат.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња