Правила за радикалите (1)

21.10.2014 11:26
Правила за радикалите

Онаму каде што нема луѓе, ти биди човек.
— Рабин Хилел

Нека ме викаат бунтовник ако сакаат, тоа не ме загрижува; но нека одам по ѓаволите, ако си ја продадам душата...
— Томас Пејн

Да не заборавиме барем патем да му оддадеме признание на првиот радикал воопшто: од сите наши легенди, митологија и историја (а кој ли знае каде завршува митологијата и почнува историјата, или што е што), првиот радикал за кој знае човештвото, кој се побунил против поредокот и тоа го сторил толку ефикасно што, ако ништо друго, се здобил со свое кралство – Луцифер.
— Соул Алински


ПРОЛОГ

РЕВОЛУЦИОНЕРНИТЕ СИЛИ денес имаат две цели, морална и материјална. Нивните млади протагонисти во еден момент потсетуваат на раните христијани идеалисти, но тие во исто време повикуваат на насилство и извикуваат „Спали го системот!“ Тие немаат никакви илузии за системот, но имаат многу илузии за тоа како да го сменат нашиот свет. Токму затоа ја напишав оваа книга. Овие зборови се напишани во очај, делумно и зашто токму она што тие го прават и ќе го прават ќе му даде значење на она што јас и радикалите од мојата генерација го направивме со нашите животи.

Тие сега се авангардата и мораа да започнат речиси од нула. Малкумина од нас го преживеajа Макартиевиот холокауст од раните 1950-ти, а уште помалку се оние чие разбирање и согледби отишле подалеку од дијалектичкиот материјализам на ортодоксниот марксизам. Моите другари радикали, кои требаше да го пренесат факелот на искуството и сознанијата на новата генерација, едноставно не беа таму. Кога младите го гледаа општеството околу себе, тоа, според нив, беше целото „материјалистичко, декадентно, буржуаско по своите вредности, банкротирано и насилно“. Дали тогаш воопшто е чудно што тие целосно нè отфрлија.

Денешната генерација очајно се труди да најде смисла во својот живот и во светот. Повеќето од нив се производ на средната класа. Тие го отфрлиле своето материјалистичко наследство, ја отфрлиле целта да имаат добро платена работа, дом во некое предградие, автомобил, членство во голф-клуб, патување со прва класа, статус, сигурност и сето она што им значело успех на нивните родители. Го минале сето тоа. Гледале како тоа ги води нивните родители кон средства за смирување, алкохол, долготрајни несреќни бракови, или разводи, висок крвен притисок, чирови, фрустрации и разочарување од „добриот живот“. Ја виделе речиси неверојатната идиотштина на нашето политичко раководство – порано политичките лидери, од градоначалници и гувернери до Белата куќа, беа гледани со почит, па дури и со богобојазност, а денес на нив се гледа со презир. Овој негативизам денес е проширен и на сите институции, од полицијата и судовите до самиот „систем“. Живееме во свет на масовни медиуми кои секојдневно го разоткриваат вроденото лицемерие на системот, неговите противречности и очигледниот неуспех на безмалку секој аспект на нашиот општествен и политички живот. Младите виделе како нивната „активистичка“ партиципаторна демократија се претвора во своја антитеза – нихилистичко бомбардирање и убиство. Политичките решенија од минатото, како што се револуциите во Русија и Кина, станаа истата стара работа, само под друго име. Се чини дека потрагата по слобода нема никаква насока или крајно одредиште. Младите се преплавени со толкава тирада од информации и факти што светот почнува да личи на целосен хаос, поради кој панично почнуваат да го бараат она што човекот отсекогаш го барал, начин на живеење кој има некакво значење или смисла. Начин на живеење значи определен степен на ред во кој нештата имаат некакви односи и може да се состават заедно во систем кој барем дава некои индикации за тоа која е смислата на животот. Луѓето отсекогаш копнееле и барале насока, кога создавале религии и политички филозофии, кога создавале научни системи како Њутоновиот или кога формулирале разновидни идеологии. Тоа е она што лежи зад познатото клише „да се средиш“ – и покрај сознанието дека сите вредности и фактори се релативни, флуидни и променливи и дека може „да се средиш“ само релативно. Елементите ќе се менуваат и ќе се придвижуваат заедно исто како што се менуваат формите при вртење на калеидоскопот.

Во минатото, „светот“ бил многу помал, поедноставен и поуреден и во физичка и во интелектуална смисла. Инспирирал кредибилитет. Денес сè е толку сложено што е несфатливо. Каква смисла има човекот да оди по Месечината додека другите луѓе стојат во ред за социјална помош или во Виетнам убиваат и умираат во име на слободата за некоја корумпирана диктатура? Ова се времиња кога човек посега по убавината, а до гуша е заглавен во лудилото. Владејачката структура е на многу начини еднакво самоубиствена колку и некои од крајната левица, со таа разлика што е таа многу подеструктивна отколку што крајната левица воопшто може да биде. Исходот од безнадежноста и очајот е морбидноста. Над нацијата лебди чувство на смрт.Денешната генерација се соочува со сето ова и вели: „Не сакам да го поминам животот онака како што го минале моето семејство и нивните пријатели. Сакам да сторам нешто, да создавам, да бидам јас, да правам ’по мое῾, да живеам. Постарата генерација не разбира, но и, што е уште полошо, не сака да разбере. Не сакам да сум само податок што ќе биде внесен во компјутер или статистика во анкета на јавното мислење, само гласач кој има кредитна картичка“. На младите светот им изгледа луд и во распаѓање.

Наспроти нив е постарата генерација, чии припадници не се ништо помалку збунети. Тоа што не се толку гласни или свесни е можеби затоа што можат да побегнат во минатото кога светот бил поедноставен. Сè уште можат да се држат до старите вредности просто надевајќи се дека сè некако ќе се среди. Дека помладата генерација со време некако „ќе си легне на брашното“. Не можејќи да се соочат со светот онаков каков што е, тие од секоја конфронтација со помладата генерација се повлекуваат со иритирачкото клише: „Кога ќе дојдеш на мои години, тогаш ќе разбереш“. Се прашувам каква ли би била нивната реакција ако некој од младите им одговори: „Кога ќе дојдеш на мои години, што нема никогаш да се случи, тогаш ќе разбереш, што значи никогаш нема да разбереш“. Оние од постарата генерација кои тврдат дека сакаат да разберат велат: „Кога разговарам со децата или со нивните другари, им велам: ’Види, верувам дека тоа што сакате да ми го кажете е битно и го почитувам тоа. Ме нарекувате „неискулиран“ и велите дека „не капирам“, или „не ја знам шемата“, или „дека не ви го разбирам филмот“ и сите други зборови што ги користите. Еве, добро, ќе се согласам со вас. Па, да претпоставиме дека ќе ми кажете. Што сакате? Што мислите кога велите: „Сакам да правам по мое“. Како е, по ѓаволите, тоа по ваше? Велите дека сакате подобар свет. Каков, на пример? Само немојте да ми кажувате дека сакате свет на мирот и љубовта и сите други такви работи, зашто луѓето се луѓе, како што и самите ќе откриете кога ќе бидете постари – се извинувам, не мислев да зборувам ништо за тоа кога ќе бидете постари. Навистина го почитувам она што сакате да го кажете. Зошто сега не ми одговорите? Знаете ли што сакате? Дали знаете за што зборувате? Зошто не можеме да најдеме заеднички јазик?‛“ Тоа е она што го нарекуваме генерациски јаз.

Она што сегашнава генерација го сака е она што сите генерации отсекогаш го сакале – значење, некакво сознание за тоа што е светот и животот – можност да се борат за некаков поредок. (...) Кога зборуваат за вредности, тие бараат причина. Тие бараат одговор, барем и привремен, за најголемото прашање на човекот: „Зошто сум овде?“

Младите на различни начини реагираат на нивниот хаотичен свет. Некои бегаат во паника, рационализирајќи дека, како и да е, системот ќе колабира од сопствената скапаност и корупција и затоа тие се снаоѓаат, стануваат хипи или јипи, земаат дроги, влегуваат во комуни, сè само да избегаат. Други се зафаќаат со беспредметни конфронтации кои се однапред изгубени, за да можат да си го зајакнат своето оправдување и да речат: „Па, се обидовме и си ја одигравме нашата улога“, а потоа и тие да се повлечат. Други полудуваат, обземени од вина и не знаејќи каде да се завртат и што да прават. (...)

Она што сакам да го кажам во оваа книга не е арогантноста на небараната поука. Тоа е искуството и советот што од мене го бараа голем број млади луѓе за време на целовечерните сесии по стотици кампуси низ Америка. Тоа е за оние млади радикали кои се посветени на борбата, посветени на животот.

Не заборавајте дека зборуваме за револуција, не за откровение; целта може да ја промашите и ако пукате превисоко и ако пукате прениско. Прво, нема правила за револуција, исто како што нема правила за љубов или правила за среќа, но има правила за радикалите кои сакаат да го променат нивниот свет; постојат определени централни поими на дејствување во човечката политика кои функционираат без оглед на сцената или времето. Да се знаат тие е основно за секој прагматичен напад врз системот. Овие правила го разликуваат реалистичниот радикал од реторичкиот радикал кој ги користи истрошените стари зборови и слогани, ги нарекува полицајците „свињи“, или „бели фашистички расисти“, или „гомнари“ и дотаму станал стереотипен што другите реагираат велејќи: „Ах, тој е еден од оние“ и потоа веднаш се тргаат од него.

Ова неразбирање на уметноста на комуницирањето од страна на многумина меѓу нашите млади активисти е катастрофално. Дури и најелементарното познавање на фундаменталната идеја дека човек комуницира во рамките на искуството на неговата публика – и целосно ги почитува вредностите на другиот – ќе ги исклучеше нападите врз американското знаме. Одговорниот организатор ќе знаеше дека властите се тие што го изневериле знамето, додека самото знаме останува славен симбол на надежите и аспирациите на Америка, и ќе ја пренесеше оваа порака до публиката. На друго ниво на комуникација битен е хуморот, затоа што преку хуморот се прифаќаат многу нешта кои би биле одбиени доколку се прикажат сериозно. Ова е тажна и осамена генерација. Многу малку се смее, а тоа е трагично. За вистинскиот радикал, да прави „по негово“ значи да ја прави општествената работа за и со луѓе. Во свет во кој сè е толку меѓусебно поврзано што човек се чувствува беспомошен да реши од каде и како да почне да дејствува, се вгнездува поразот; со години има луѓе за кои општеството е премногу моќно и кои се повлекуваат, концентрирајќи се на тоа да си „тераат по свое“. Нив обично ги ставаме во душевни болници и им даваме дијагноза на шизофреници. Ако вистинскиот радикал осознае дека носењето долга коса поставува психолошки бариери во комуникацијата и организирањето, тој ќе ја скрати косата. Кога би организирал во заедница на ортодоксни Евреи, сигурно не би отишол таму јадејќи сендвич со шунка, освен ако не сум сакал да ме одбијат за да имам оправдување да се повлечам. Ако сакам да организирам „по мое“, тоа ќе биде низ цврста комуникација со луѓе то во заедницата. Без комуникација, јас во реалноста молчам; низ историјата молчењето се сметало за согласување – во овој случај согласување со системот.

Како организатор, почнувам од онаму каде што светот е, и каков што е, а не каков што јас би сакал да биде. Тоа што светот го прифаќаме онаков каков што е никако не ја ослабува нашата желба да го промениме во она што мислиме дека треба да биде – неопходно е да се почне онаму каде што светот е доколку сакаме да го промениме во она што мислиме дека треба да биде. Ова значи работење во системот.

Има и друга причина зошто треба да се работи во системот. Достоевски рекол дека луѓето најмногу се плашат од преземањето на првиот чекор. На секоја револуционерна промена мора да ѝ претходи пасивен, афирмaтивен, непредизвикувачки став кон промената во масите на нашиот народ. Тие мора да се чувствуваат толку фрустрирани, толку поразени, толку изгубени и толку без иднина во постоечкиот систем, што се подготвени да го остават минатото и да ѝ дадат шанса на иднината. Ова прифаќање е реформацијата која е од суштинска важност за секоја револуција. За да се дојде до оваа реформација, потребно е организаторот да работи во рамките на системот, не само меѓу средната класа, туку меѓу четириесетте проценти американски семејства – повеќе од седумдесет милиони луѓе – чии приходи се движат меѓу 5.000 и 10.000 долари годишно. Нив не може да ги исклучиме со тоа што ќе ги етикетираме како „сини јаки“ или „шлемови“. Тие нема да продолжат да бидат релативно пасивни и умерено предизвикувачки. Ако не успееме со нив да искомуницираме, ако не ги охрабриме да формираат сојузи со нас, тие ќе преминат кај десницата. Тоа на крајот може секако да се случи, но да не дозволиме да се случи само по себе.

Нашата младина нема трпение за подготовките кои се битни за една целисходна акција. Пречка за ефективна организација претставува желбата за моментална и драматична променa, или како што кажав на едно друго место, барањето откровение наместо револуција. Тоа го гледаме во драматургијата; во првиот чин се претставуваат ликовите и заплетот, во вториот чин заплетот и ликовите се развиваат, како што драмата се труди да го задржи вниманието на публиката. Во последниот чин се случува драматичната конфронтација и разрешницата меѓу доброто и злото. Денешната генерација сака веднаш да оди на третиот чин, прескокнувајќи ги првите два, во кој случај воопшто немаме драма, имаме само конфронтација заради конфронтација – едно жарче и назад во мракот. За да се изгради моќна организација е потребно време. Макотрпно е, но така се игра играта – ако сакаш да играш, а не само да врескаш: „Убиј го судијата“.

Која е алтернативата на работењето „внатре“ во системот? Збирштина од реторичко ѓубре како „Запали го системот!“, скандирања од типот „Напред!“ или „Терај по свое!“ Што друго? Бомби? Снајпери? Молк кога убиваат полицајци и врескање „Крволочни фашистички свињи“ кога убиваат други? Напаѓање и предизвикување на полицијата? Јавно самоубиство? „Моќта произлегува од цевката на пиштолот!“ е апсурден протестен крик кога другата страна ја има моќта. Ленин бил прагматичар; кога се вратил од егзил во тогашниот Петроград, рекол дека болшевиците биле за освојување на власта преку избори, но дека ќе размислат повторно за тоа откако ги добиле пушките! Воена реторика? Бранувачки цитати од Мао, Кастро и Че Гевара, кои се исто толку релевантни за нашето високо технолошко, компјутеризирано, кибернетичко, нуклеарно, масмедиумско општество колку и кочијата на писта на аеродромот „Кенеди“? (...)

Ќе започнеме со системот бидејќи не постои друго место да се почне освен политичкото лудило. За оние меѓу нас кои сакаат револуционерна промена е најважно да сфатат дека на револуцијата мора да ѝ претходи реформација. Да се претпостави дека политичката револуција може да преживее без да се потпира на поддршката на некоја популарна реформација значи да се бара невозможното во политиката.

Луѓето не сакаат прекутрупа да излезат од сигурноста на познатото искуство; потребен им е мост за да преминат од своето искуство на новиот пат. Организаторот на револуција мора да им го размрда преовладувачкиот модел на живот – да агитира, да создаде разочараност и незадоволство со актуелните вредности, да произведе, ако не жед за промена, тогаш барем пасивна, афирмативна, непредизвикувачка клима.

„Револуцијата течеше уште пред да започне војната“, напишал Џон Адамс. „Револуцијата беше во срцата и мислите на луѓето... Оваа радикална промена на принципите, ставовите, сентиментите и чувствата на луѓето беше вистинската Американска револуција“. Секоја револуција без претходна реформација ќе пропадне или ќе се претвори во тоталитарна тиранија.

Реформација значи дека нашиот народ масовно го достигнал нивото на разочараност од минатите методи и вредности. Луѓето не знаат што ќе функционира подобро, но знаат дека постоечкиот систем е самоуништувачки, фрустрирачки и безнадежен. Тие нема да дејствуваат за промени, но нема да им се противстават на оние што ќе го направат тоа. Тогаш времето за револуција е созреано.

Оние кои од какви и да е причини се против реформацијата стануваат несвесни сојузници на крајната десница. Делови на крајната левица отишле толку далеку во политичкиот круг што сега воопшто не се разликуваат од екстремната десница. Тоа ме потсетува на деновите кога Хитлер, новодојденец на политичката сцена, добил оправдување од „хуманитарците“ врз основа на тоа што бил отфрлен од таткото и имал трауми во детството. Кога некој го поддржува убиството на сенаторот Роберт Кенеди или убиството на Тејт, киднапирањето и убиствата во судницата на областа Марин или бомбашкиот напад и убиство на Универзитетот во Висконсин како „револуционерно дело“, тогаш имаме работа со човек кој зад политичката маска само крие некаква психоза. Народните маси се повлекуваат преплашено и си велат: „Нашава состојба е лоша и бевме подготвени да дозволиме да се промени, но секако не по цена на ова убиствено лудило – без оглед колку се сега лоши работите, тие се подобри од тоа“. И така почнуваат да се повлекуваат. Одат наназад кон прифаќање на претстојната огромна репресија во име на „законот и редот“.

Во екот на нападите со солзавец и насилството на чикашката полиција и Националната гарда за време на Демократската конвенција во 1968 година, многу студенти ме прашуваа: „Дали сè уште верувате дека треба да се обидеме да работиме внатре во нашиов систем?“

Тоа беа студенти кои биле заедно со Јуџин Макарти во Њу Хемшир и го следеле насекаде низ земјата. Некои од нив биле и со Роберт Кенеди кога беше убиен во Лос Анџелес. Многу од солзите пролеани во Чикаго не беа предизвикани од солзавецот. „Господине Алински, се боревме во многу кругови на партиски избори и луѓето гласаа против Виетнам. Погледнете ја конвенцијата. Тие воопшто не се осврнуваат на гласот на народот. Погледнете ја вашата полиција и армијата. Сè ште сакате да работиме во системот?“

Ме боли кога гледам како американската армија со извлечени бајонети се нафрла на американските момчиња и девојчиња. Но, одговорот што им го дадов на младите радикали ми се чинеше единственото реалистично нешто: „Направете една од овие три работи. Прво, најдете ѕид за плачење и сожалувајте се самите себеси. Второ, полудете и почнете да подметнувате бомби – но тоа само ќе ги натера луѓето да се приклонат кон десницата. Трето, научете ја лекцијава. Одете дома, организирајте се, изградете сила и на следната конвенција вие бидете делегатите“.

Запомнете: штом еднаш ќе ги организирате луѓето околу нешто за кое постои општа согласност, како на пример, загадувањето, тогаш е на потег организираниот народ. Оттаму има само мал и природен чекор до политичко загадување, до загадување од Пентагон.

Не е доволно само да ги изберете вашите кандидати. Мора да продолжите со притисокот. Радикалите мора да го имаат на ум одговорот на Френклин Д. Рузвелт до една реформска делегација. „Добро, ме убедивте. Сега излезете надвор и извршете ми притисок!“ Акциите произлегуваат од одржувањето на температурата. Ниеден политичар не може да забошоти некоја жешка тема ако добро сте ја разгореле.

Што се однесува до Виетнам, би сакал нашава нација да биде прва во историјата која јавно ќе каже: „Згрешивме! Тоа што го направивме е ужасно. Влеговме и потоа заглавувавме сè подлабоко и подлабоко, а при секој чекор измислувавме нови причини зошто треба да останеме. Ја плативме цената со 44.000 загинати Американци. Не можеме да направиме ништо со што би им надоместиле на луѓето од Индокина или на нашиот народ, но ќе се потрудиме. Веруваме дека светот е денес доволно зрел, па повеќе не е знак на слабост или пораз да се напушти детската гордост и суета и да се признае дека не сме биле во право“. Таквото признание би ги разнишало надворешно-политичките поими на сите нации и би ја отворило вратата за нов меѓународен поредок. Тоа е нашата алтернатива на Виетнам – сè друго се старите импровизирани крпеници. Кога тоа би се случило, можеби и нешто позитивно ќе произлезе од Виетнам.

И на крајот, уште нешто за нашиот систем. Демократскиот идеал произлегува од идеите за слобода, еднаквост, владеење на мнозинство то преку слободни избори, заштита на правата на малцинствата и слобода да се биде лојален на повеќе полиња во поглед на религијата, економијата и политиката, наместо да се биде целосно лојален кон државата. Духот на демократијата се состои во идејата за важноста и вредноста на поединецот и во вербата во свет во кој поединецот може максимално да го развие својот потенцијал.

Големите можности секогаш се придружени од големи опасности. Можноста за деструкција е секогаш имплицитна во создавањето. Затоа, најголемиот непријател на слободата на поединецот е самиот поединец.

Отсекогаш, и слабоста и силата на демократскиот идеал биле луѓето. Луѓето не можат да бидат слободни ако не се подготвени да жртвуваат дел од своите интереси за да ја гарантираат слободата на другите. Цената на демократијата е сегашната потрага по општото добро од страна на сите луѓе. Пред сто триесет и пет години Токвил* сериозно предупредил дека доколку поединечните граѓани не се редовно вклучени во активностите на владеење, самоуправувањето ќе исчезне. Граѓанското учество е движечкиот дух и сила во општеството засновано на волонтеризам.

Ние не се занимаваме овде со луѓе кои пропагираат демократска вера, а копнеат по мрачната безбедност на зависноста каде не мора да го носат товарот на одлуките. Неподготвени да пораснат, или неспособни за тоа, тие сакаат да останат деца и некој друг да се грижи за нив. Оние кои можат, треба да бидат поттикнувани да растат; за другите, вината не лежи во системот, туку во нив самите.

Ние сме овде крајно загрижени за огромната маса наши луѓе кои поради немањето интерес или можности, или и од двете причини, не учествуваат во бесконечните одговорности на граѓанството и се по мирени со тоа да живеат како што ќе определат други. Да го загубите „идентитетот“ како граѓанин на една демократија е само чекор до губењето на вашиот идентитет како личност. Луѓето реагираат на оваа фрустрација така што не прават ништо. Одделувањето на луѓето од рутинските дневни граѓански функции е тажен настан за секоја демократија.

Крајно сериозна ситуација е кога народот се откажува од граѓанството или кога жителот на голем град, иако можеби посакува да има збор, нема услови да учествува. Тој граѓанин тоне во апатија, анонимност и деперсонализација. Како резултат, тој станува зависен од јавниот авторитет и настапува состојба на граѓанска склероза.

Од време на време сме имале надворешни непријатели пред нашите порти; секогаш сме имале внатрешен непријател - скриената и малигна инерција која наговестува посигурна деструкција на нашиот живот и иднината од нуклеарната боева глава. Нема помрачна или покатастрофална трагедија од смртта на човечката верба во самиот себе и во неговата моќ да си ја определи иднината.

Ја поздравувам сегашната генерација. Чувајте го најскапоцениот дел на младоста, смеата – немојте никако да ја загубите, како што, изгледа, на многумина од вас веќе им се случило, зашто ќе ви треба. Заедно можеби ќе го најдеме она што го бараме – смеата, убавината, љубовта и можноста за создавање.

Соул Алински (1971)

*

Не смее да се заборави дека е особено опасно луѓето да се поробуваат во ситните детали на животот. Јас лично го претпочитам мислењето дека слободата е помалку нужна кај големите нешта отколку кај малите, доколку е воопшто можно да се обезбеди едното без да се поседува другото.

„Потчинетоста во мали работи се случува секојдневно и тоа еднакво го доживува целата заедница. Тоа не ги тера луѓето на отпор, но ги пресретнува на секој свиок, сè додека не бидат приморани да се откажат од спроведувањето на својата волја. Така постепено се крши нивниот дух и слабее нивниот карактер; за разлика од тоа, послушноста, којашто се изнудува во неколку важни, но ретки ситуации, искажува сервилност само во определени интервали и товарот од тоа го фрла врз мал број луѓе. Залудно е да се повикува народ кој станал толку зависен од централната власт, да избира од време на време претставници на таа власт; овој редок и краток израз на нивниот слободен избор, колку и да е важен, нема да го спречи нивното постепено губење на способноста за самостојно мислење, чувствување и дејствување, а на тој начин и до постепено паѓање под нивото на човечност“.

- Алексис де Токвил, Демократијата во Америка

Слики: ALEX ROULETTE
Превод: Ана Лазаревска
Извор: Соул Д. Алински, Правила за радикалите; Практичен вовед за реалистичките радикали. Некомерцијално издание на ФООМ, 2014.

 

Слични содржини

Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото