Ме нарекуваат мајмун

21.10.2014 16:46
Ме нарекуваат мајмун

Случки

Еднаш Орлов се прејал пире од грашок и умрел. А Крилов, дознавајќи за тоа, исто така умрел. А Спиридонов умрел сам од себе. А жената на Спиридонов паднала од креденец и исто така умрела. А децата на Спиридонов се удавиле во езеро. А бабата на Спиридонов се пропила и пропаднала. А Михајлов престанал да се чешла и заболел од шуга. А Круглов насликал дама со камшик во рацете и полудел. А Перехростов телеграфски добил четиристотини рубљи и станал толку важен што го избркале од работа.

Добрите луѓе не знаат правилно да се постават во животот.

Паѓаат старици

Една старица поради претерана љубопитност се наведна низ прозорецот, падна и се искрши. Низ прозорецот ѕирна друга старица и почна да гледа во таа што се искрши, ама поради претерана љубопитност и таа падна од прозорецот и се искрши. Потоа низ прозорецот падна третата старица, потоа четвртата, потоа петтата. Кога падна шестата старица, мене ми стана здодевно да ги гледам па појдов на Маљцевскиот пазар, каде што, се зборува, на некој слепец му подариле плетен шал.

Што се продава сега во продавниците

Коратигин наминал кај Тикакејев и не го затекнал дома. А Тикакејев во тоа време бил во продавница и таму купувал шеќер, месо и краставици. Коратигин постојал пред вратата на Тикакејев и веќе се подготвил да му остави порака кога гледа дека доаѓа Тикакејев и во рацете носи мушамена торба. Коратигин го видел Тикакејев и му вика:

- Јас веќе цел час Ве чекам!
- Не е вистина – вели Тикакејев - јас излегов од дома пред само дваесет и пет минути.
- Па, јас тоа не го знам - рекол Коратигин - но овде сум цел час.
- Немојте да лажете! - рекол Тикакејев. - Срамота е да се лаже.
- Почитуван господине! - рекол Коратигин. - Внимавајте како се изразувате!
- Јас сметам... - започнал Тикакејев, но Коратигин го прекинал:
- Ако Вие сметате... - рекол тој, но тогаш Коратигин бил прекинат од Тикакејев кој рекол: Самиот си таков!

Тие зборови толку го збеснале Коратигин што тој со прстите ја стегнал едната ноздра и со другата се исекнал во Тикакејев. Тогаш Тикакејев ја извадил најголемата краставица од торбата и со неа го удрил Коратигин по главата. Коратигин се фатил со рацете за главата, паднал и умрел. Ете колкави краставици се продаваат сега во продавниците!

Линчување

Петров го јавнува коњот и држи говор, обраќајќи ѝ се на толпата, за тоа што ќе се случи ако на местото каде што се наоѓа јавниот парк биде изграден американски облакодер. Толпата слуш а и очигледно се согласува. Петров нешто си запишува во бележникот. Од толпата се издвојува човек со среден раст и го прашува Петров што е тоа што тој го има запишано во бележникот. Петров му одговара дека тоа се однесува само на него. Човекот со среден раст инсистира. Збор по збор и започнува караница. Толпата е на страна на човекот со среден раст и Петров, спасувајќи си го животот, го потерува коњот и се сокрива зад свиокот. Толпата е немирна и поради немање друга жртва го фаќа човекот со среден раст и му ја откинува главата. Откинатата глава се тркала по улицата и се заглавува во отворот за канализација. Задоволувајќи ги своите страсти, толпата се разидува.

Почеток на мошне убав летен ден (симфонија)

Штом закукурикал првиот петел, Тимофеј скокнал низ прозорецот на покривот и ги исплашил луѓето кои во тој момент поминувале по улицата. Селанецот Харитон застанал, подигнал камен и го фрлил врз Тимофеј. Тимофеј некаде исчезнал. - Гледај го итрецот!- повикала толпата, а некојси Зубов се залетал со сета сила и удрил со главата во ѕид. - Ех! - крикнала женската со потечениот заб. Комаров на таа женска ѝ шлапнал една жешка и женската врескајќи избегала во првиот хаустор. Тука поминувал Фетељушин и се клештел. На Фетељушин му пришол Комаров и му рекол: Еј, ти, дебел! - и го удрил во стомак. Фетељушин се навалил на ѕидот и почнал да ика. Од прозорецот плукал Ромашкин, обидувајќи се да го погоди Фетељушин. Недалеку од тоа место некоја нослеста жена го тепала со корито своето дете. А млада, полничка мајка го триела лицето на своето убавичко девојче од ѕид. Со својата тенка скршена нога по тротоарот се валкало мало куче. Некое момче од плукалница јадело некаква гадотија. Пред продавницата за мешовита стока имало долг ред за шеќер. Женските гласно се карале и се туркале меѓусебно со паричниците. Селанецот Харитон се напил денатурат, па стоел пред женските со раскопчани панталони и зборувал простотии.

Така започнал еден убав летен ден.

Рехабилитација

Не да се фалам, ама кога Волоѓа ме тресна по уво и ми плукна во чело, јас така го дофатив што тоа тој никогаш нема да го заборави. Дури подоцна го тепав со плинско решо, а со пегла го тепав навечер. Затоа не умре веднаш. Тоа не е доказ дека ногата му ја отсеков уште денски. Тогаш сè уште беше жив. А Андрјуша го убив просто по инерција и поради тоа не се чувствувам виновен. Зошто Андрјуша и Јелизавета Антоновна се мотаа околу мене? Немаа причина да скокаат зад врата. Ме обвинуваат поради крвожедност, зборуваат дека сум пиел крв, ама тоа не е вистина, јас сум лижел крвави локви и дамки, што е природна потреба на човекот да ги уништи трагите на своето, па дури и толку ситно, злосторство. А ниту Јелизавета Антоновна не ја силував. Како прво, таа веќе не беше девица, а како второ, имав работа со леш, и таа навистина нема зошто да се жали. Па што тогаш ако баш била пред породување! Дури и детето го извадив. А тоа што воопшто не живееше на овој свет, тоа не е моја вина. Главата не му ја откинав, детето едноставно имаше тенок врат. Што се може, не било создадено за овој живот! Вистина е дека со чизма го размачкав нивниот пес по подот. Ама, навистина е цинизам да ме обвинуваат за убиство на пес, кога, да речеме така, веднаш покрај, се уништени три човечкиживоти. Детето не го сметам. Но добро, во сето тоа, признавам, има определена суровост од моја страна. Ама да се смета за злосторство тоа што клекнав и вршев нужда над своите жртви - тое е веќе, извинете, апсурд. Извршувањето нужда е природна потреба и според тоа никако не може да биде злосторство. Природно, јас го разбирам стравот на својот бранител, но сепак се надевам дека целосно ќе ме оправдате.

Ме нарекуваат мајмун

Ме нарекуваат мајмун! Поради тоа, на оние кои тоа го заслужиле, ќе им ги искорнам ушите, а засега нешто ме копка славата на оној Жан Жак Русо. Што сè знаел тој тип? И како деца да се повиваат и како девојки да се земаат! И јас би сакал сè да знам. Ма, јас веќе знам сè, само не сум баш сигурен во своите знаења. Што се однесува до децата, тоа точно го знам – тие воопшто не треба да се повиваат, тие треба да се убијат. За таа цел би изградил во градот централна јама и во неа би ги фрлал децата. Јамата секој ден може да се полева со жива вар за да не смрди. Во истата јама би ги фрлал сите германски овчари. А сега за тоа како би ги мажел девојките. Тоа, според мене, е уште поедноставно: би изградил општествен дом каде што, да речеме, еднаш месечно, би се собирала сета младина. Сите од 17 до 35 години би морале да се соблечат голи и да шетаат по салата. Ако некој се допадне некому, тогаш тој пар оди во аголот и таму взаемно се прегледуваат подетално. Заборавив да кажам дека сите на вратот би морале да имаат картичка со име, презиме и адреса. Така што на оној кој ни се допаднал да можеме да му испратиме писмо и да воспоставиме поблизок контакт. Ако во тие работи се вмешаат родителите, треба веднаш да се убијат со секира и да се одвлечкаат на истото место каде и децата – во централната јама.

Јас уште би напишал за некои свои знаења ама за жал морам на пазар по грашок. Кога излегувам на улица, секогаш земам со себе дебела гранка. Гранката ми треба за да тепам деца што ќе ми се најдат на патот. Сигурно поради тоа ме нарекле мајмун. Чекајте, безобразници, ушите ќе ви ги искорнам!

Извор: Данил Хармс, Случаи, Темплум, Скопје, 2006
Превод: Павел Попов
Слики: Алиса Порет

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото