Правила за радикалите (2)

23.10.2014 01:40
Правила за радикалите (2)

КЛАСНИ РАЗЛИКИ: ТРОЈСТВОТО

Сцената за драмата на промени никогаш не варирала. Човештвото отсекогаш било и е поделено на три дела: на имотни, безимотни и малкуимотни желни за повеќе.

На врвот се имотните со моќ, пари, храна, безбедност и луксуз. Тие се дават во нивните вишоци, додека безимотните гладуваат. Статистички, имотните секогаш биле помалобројни. Имотните сакаат да ги задржат нештата онакви какви што се и се против промена. Термополитички, тие се ладни и решени да го замрзнат статус квото.

На дното се безимотните на светот. На светската сцена тие се далеку најбројни. Заедно се оковани во општата мизерија на сиромаштијата, гнилите живеалишта, болестите, незнаењето, политичката импотенција и очајот; доколку се вработени, тие се најмалку платени и трпат немаштија во сите области основни за човечкиот раст. Ограничени поради својата боја, било телесна или политичка, тие се лишени од секаква можност да се претстават во политиката на животот. Имотните сакаат да задржат, безимотните да добијат. Термополитички, тие се маса на студена пепел на резигнација и фатализам, но внатре светкаат жарчиња на надеж кои може да се разгорат со создавањето средства за добивање моќ. Откако ќе започне треската, ќе следи и огнот. Тие нема каде да одат освен нагоре.

Тие ја мразат власта на имотните со нивната арогантна раскош, нивната полиција, судови и цркви. Правда, морал, закон и ред се празни зборови кога излегуваат од устите на имотните, кои со нив го оправдуваат и обезбедуваат статус квото. Моќта на безимотните лежи само во нивната бројност. Се вели дека имотните, живеејќи во кошмарот на можната закана за нивното богатство, секогаш се соочени со прашањето: „Кога да спиеме?“, додека вечното прашање на безимотните е: „Кога ќе јадеме?“ Крикот на безимотните никогаш не бил: „Дајте ни ги вашите срца“, туку секогаш е: „Симнете ни се од грбот“; тие не бараат љубов, туку простор за дишење.

Меѓу имотните и безимотните се малкуимотните желни за повеќе – средната класа. Растргнати меѓу одржувањето на статус квото за да го заштитат она малку што го имаат, а посакувајќи промена за да можат да добијат повеќе, тие стануваат поделени личности. Би можеле да се опишат како општествени, економски и политички лудаци. Во принцип, тие го бараат сигурниот пат, каде ќе можат да профитираат од промената, а сепак да не ризикуваат да го загубат она малку што го имаат. Тие инсистираат на минимум три аса пред да одиграат рака во покерот на револуцијата. Термополитички, тие се млаки и вкоренети во инертност. Во западното општество и особено во САД, тие денес го сочинуваат мнозинството на нашето население.

Сепак, токму во конфликтните интереси и противречности меѓу малкуимотните желни за повеќе е генезата на креативноста. Од оваа класа, со мали исклучоци, произлегле големите светски лидери на промената во изминатите векови: Мојсеј, апостол Павле, Мартин Лутер, Робеспјер, Жорж Дантон, Семјуел Адамс, Александар Хамилтон, Томас Џеферсон, Наполеон Бонапарта, Џузепе Гарибалди, Ленин, Махатма Ганди, Фидел Кастро, Мао Sедунг и други.

Како што судирот на интереси меѓу малкуимотните желни за повеќе изродил толкав број големи лидери, тој исто така произвел и една определена сорта луѓе кои поради испреплетените интереси се доведени до неактивност. Овие таканаречени безделници проповедаат определба за општествени промени заради идеалите на правдата, еднаквоста и можностите, а потоа самите апстинираат и ги обесхрабруваат другите од секаква делотворна акција за промена. Тие се познати по нивното мото: „Се согласувам со твојата цел, но не и со твоите средства“. Тие функционираат како средство за гасење, задушувајќи ги, каде што е тоа можно, искрите на несогласување кои навестуваат дека ќе се разгорат во акција. Овие таканаречени безделници јавно изгледаат како добри луѓе, хуманитарци, загрижени за правдата и достоинството. Во пракса, пак, се злобни. На нив мислел Едмунд Берк кога рекол саркастично: „Единствената работа неопходна за триумф на злото е добрите луѓе да не прават ништо“. На овие страници ќе ги анализираме и револуционерните лидери, т.е. дејците, и безделниците.

Историјата на преовладувачките статус квоа покажува дека богатиот материјализам на имотните го зафаќа гниење и декаденција. Духовниот живот на имотните е ритуално оправдување на нивните имоти.

Пред нешто повеќе од сто години, Токвил коментирал, исто како и други изучувачи на Америка од тоа време, дека самопреокупираноста придружена од грижата исклучиво за личната материјална благосостојба, биле главниот непријател на американската иднина. Во Авантури на идеите, Вајтхед забележал: „Уживањето моќ е фатално за суптилностите на животот. Владејачките класи се изопачуваат поради нивното мрзеливо уживање во очигледни задоволства“. Може да се каже дека во таква состојба луѓето заспиваат, бидејќи во сонот излегуваме од светот околу нас и влегуваме во свои приватни светови.* Морам да цитирам уште една книга релевантна за оваа тема: во Алиса во земјата на чудата, Лилија ѝ објаснува на Алиса за цвеќињата што зборуваат. Лилија истакнува дека цвеќињата кои зборуваат растат од тврда земја и додава дека „во повеќето градини земјата ја прават премногу мека, така што цвеќињата се секогаш заспани“. Тоа е како големиот закон на промената да ја подготвил анестезијата за жртвата пред општествената операција.

Промената значи движење. Движењето значи триење. Само во безотпорниот вакуум на непостоечкиот апстрактен свет може да има движење или промена без подјадувачкото триење на конфликтот. На овие страници, нашата отворена политичка цел е да соработуваме со големиот закон на промената; секоја поинаква цел би била како кога кралот Кнут Велики им наредил на плимата и брановите да запрат.

Неколку збора за мојата лична филозофија. Таа е втемелена на оптимизам. Мора да е така, бидејќи оптимизмот носи надеж, носи иднина која има цел, и со тоа и волја за борба за подобар свет. Без овој оптимизам нема причина да се продолжи понатаму. Ако ја замислиме борбата како качување на планина, тогаш мора да замислиме планина без врв. Гледаме врв, но кога конечно ќе го достигнеме, облакот се крева и ние гледаме дека сме само на стрмнина. Планината уште продолжува нагоре. Сега го гледаме „вистинскиот“ врв пред нас, се стремиме кон него и повторно сфаќаме дека сме достигнале нова стрмнина, а врвот е сè уште над нас. И тоа така оди до бескрај.

Знаејќи дека планината нема врв, дека е тоа непрекината потрага од едно до друго ниво, се прашуваме: „Чуму борбата, конфликтот, разочарувањето, опасноста, жртвувањето. Чуму постојаното искачување?“ Нашиот одговор е ист како одговорот што го дава вистинскиот планинар кога ќе го прашаат зошто го прави тоа што го прави. „Бидејќи е тука“. Бидејќи животот е тука, пред тебе, па или ќе се тестираш во неговите предизвици, или ќе се склопчиш во долините на секојдневната егзистенција без сон, чија единствена цел е зачувување на привидната сигурност и безбедност. Ова второво е она што одбираат да го прават поголемиот дел од луѓето, стравувајќи од авантура во непознатото. Парадоксално е дека тие се откажуваат од сонот за тоа што може да лежи на височините на утрешнината заради еден вечен кошмар – една бескрајна низа од денови, плашејќи се да не ја загубат безначајната безбедност.

За разлика од задачата на митскиот Сизиф, овој предизвик не е бескрајно туркање на голем камен кон врвот на планината кој веднаш се тркала надолу, задача која треба вечно да се повторува. И ова е туркање на голем камен угоре по бескрајна планина, но за разлика од Сизиф, секогаш одиме погоре. Исто така за разлика од Сизиф, секој стадиум на патеката нагоре е различен, одново драматичен и секојпатнова авантура.

Од време на време паѓаме наназад и се обесхрабруваме, но тоа не значи дека немаме прогрес. Едноставно, тоа е природата на животот – искачување – а решавањето на секое прашање од своја страна создава други прашања, родени од проблеми кои денес се незамисливи. Потрагата по среќа никогаш не завршува, среќата лежи во потрагата.

Соочени со материјалистичката декаденција на статус квото, човек не треба да го изненадува сознанието дека сите револуционерни движења се првенствено настанати од духовните вредности и грижата за правда, еднаквост, мир и братство. Историјата е штафета од револуции, факел на идеализмот носен од револуционерната група сè додека таа група не стане естаблишмент, а факелот тогаш тивко се остава во мирување додека не го подигне некоја нова револуционерна група за наредната етапа на трчање. Така продолжува циклусот на револуциите.

Една голема револуција која треба да се извојува во блиската иднина е разбивањето на човековата илузија дека неговата лична благосостојба може да се издвои од благосостојбата на сите други. Сè додека човекот е прикован за овој мит, дотогаш и човечкиот дух ќе чмае. Загриженоста за нашата лична, материјална благосостојба без да се има предвид благосостојбата на другите е неморална според претпоставките на нашата јудео-христијанска цивилизација, но и уште полошо, таа е глупост достојна на пониските животински видови. Тоа е човековата нога што тој уште си ја влечка по древната кал на неговите почетоци, во незнаење и речиси животински. Но, не биле мудри оние кои знаејќи дека човековата меѓузависност е негова голема предност во битката за излегување од калта, убедувале и давале морални прогласи дека човекот е чувар на својот брат** однос на тој резултат од минатите векови се катастрофални, бидејќи се покажала погрешна претпоставката дека човек може да биде морален на повисоко ниво од она што го бара секојдневниот живот; на иднината ѝ била направена лоша услуга со тоа што моралноста била одвоена од секојдневните желби на човекот и подигната на ниво на алтруизам и самопожртвуваност. Факт е дека не е човековата „подобра природа“ таа што бара тој да му биде чувар на својот брат, туку неговиот личен интерес. Денес живееме во свет каде што не може некој да има парче леб, а неговиот сосед да нема ни трошка. Ако не го споделил лебот, не смее да заспие, бидејќи соседот ќе го убие. За да јаде и спие безбедно, човек мора да постапува добро, макар и од сосема погрешни причини и во пракса да биде чувар на својот брат.

Верувам дека човекот е на пат да научи дека е најпрактично да живее морално и дека моралниот живот е единствениот пат кон опстанок. Тој почнува да сфаќа дека или ќе сподели дел од своето материјално богатство или ќе го загуби целото, и дека ќе мора да ги почитува и да живее со другите политички идеологии ако сака цивилизацијата да продолжи да постои. Ова е аргументација која човекот може да ја разбере и прифати бидејќи е заснована на неговото актуелно искуство. Тоа е низок пат до моралноста. Но, нема друг.

 

Кон првиот дел

_________________________________________________________

* Хераклит, Фрагменти: „Будните имаат еден заеднички свет; заспаните имаат секој свој свет“.

**Оваа метафора за љубов спрема ближниот е алузија на библиската реплика на братоубиецот Каин. Откако завидливиот Каин го убил брата си Авел, Господ го запрашал каде е Авел, а Каин одговорил: „Не знам, не сум му јас чувар на брат ми!“ (заб. на ред.).

Слики: Ben Chen
Превод: Ана Лазаревска
Извор: Соул Д. Алински, Правила за радикалите; Практичен вовед за реалистичките радикали. Некомерцијално издание на ФООМ, 2014.

Слични содржини

Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија

ОкоБоли главаВицФото