Уметнички азил за протераните од Шенген

23.10.2014 09:52
Уметнички азил за протераните од Шенген

Шенгенска Листа е уметничи проект кој го покренаа уметниците Нели Ружиќ и Ерик дел Кастилјо, а ќе биде завршен и изложен во моментот кога ќе стане нефункционален, т.е. со влегувањето на Република Хрватска во Шенгенскиот простор. Проектот се состои од неколку денови бесплатно сместување во куќниот простор на уметнциите - на хрватско-мексиканскиот пар - во улицата Босанска бр. 2 во Сплит, со цел да се создаде простор за интелектуален и уметнички дијалог. Времето кое го поминуваат заедно ќе биде документирано преку видео-интервјуа, фотографии, семејни фотографии снимени кај професионален фотограф и бележење на разговорите.

Самите уметници во описот на проектот ја поставуваат неговата контекстуална рамка: „Обичната шенгенска виза издадена на странски државјани им овозможува слободно движење во Шенгенските зони во период кој не надминува повеќе од 90 дена. За странците од трети држави кои сакаат легално да останат во Шенгенскиот простор, неопходно е да излезат од него за да им се отвори можност за повторно добивање Шенгенска тримесечна виза. Бидејќи Република Хрватска сè уште не е интегрирана во Шенген зоната, ние им нудиме уметничка платформа на лицата кои поради таа причина мораат накратко да го напуштат Шенгенскиот простор за повторно да се вратат во саканата земја од ЕУ. Нè интересира да го преиспитаме концептот на границите, како и на геополитичкиот, географскиот и културниот поим, кој ја означува разликата меѓу ограничената подвижност за одредени лица и слободното движење за други. Шенгенската граница, наречена и 'Тврдина Европа', делува преку обрасци на инклузивност и исклучивост, во зависност од геополитичките и економските услови на местото на потекло.

Бидејќи сме интеркултурно (мексиканско-хрватско) семејство, со двојно мигрантско искуство (заминување и враќање), го истражуваме поимот на хибридните идентитети и проширениот концепт на семејство. По 14 години живот во Мексико Сити, последните две години живееме во Сплит. Бидејќи нашето потесно семејство се состои од четири члена, на некој начин и нашите две деца учествуваат во овој проект, а исто така сме заинтересирани за воспитниот и педагошкиот потенцијал на проектот. Над сè, како уметници сакаме да создадеме простор за интеркултурен дијалог и да го преиспитаме концептот на границите, мигрантската поетика и политиката на миграција, но истовремено и да го деконструираме репрезентацискиот апарат на локално врамената стварност. Освен тоа, нè интересира и икуството на времето: промените во дневната рутина по присуството на гостинот како и неговата/нејзината перцепција на сопственото време во off од планираниот живот. Таквите временски интервали многу се разликуваат од туристички организираното време. Како реакција на моменталната економска и социјална криза, преку естетските стратегии сакаме да го поврземе современиот миг со еден друг историски момент - економската криза и миграција помеѓу двете светски војни. Во локалниот контекст, сакаме да потсетиме на статусот на градот Сплит како интер-зона и транзитен град. Во деведесеттите, за време на војната, овој град беше прифатилиште на бегалците и база на хуманитарните организации кои дејствуваа во околните подрачја загрозени од војната. Како пристаниште, пред да стане важна туристичка дестинација, градот долга низа години беше транзитна зона кон другите дестинации, посебно кон островите. Со овој проект го доловуваме таквиот статус на градот.

Намерата со овој проект ни е да укажеме на политичките и етички аспекти на уметничкиот труд. До сега имавме двајца гости и двајцата успешно се вратија во Шенгенскиот простор. Во текот на овој месец сакаме да отвориме некои други прашања, како: односот помеѓу туризмот и миграцијата и сложените односи меѓу (т.н.) Третиот, Вториот и Првиот свет. Примајќи гости во нашиот дом во центарот на градот, сакаме да создадеме енклава на отпорот на континуираната апартманизација и гентрификација на старите градски јадра.“

Проектот можете да го следите на фејсбук страницата Schengen List.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото