Кинескиот кум

23.10.2014 11:01
Кинескиот кум

Приказ на книгата “Xi Jinping: China’s Godfather” од Ју Џие

Кинескиот писател Ју Џие знае како да ги изнервира важните личности. Во текот на 2010 година, додека тогашниот премиер Вен Џијабао се сметаше за најлибералниот и најсимпатичен член на кинеското раководство, Џие ја напиша книгата која го опишува Вен како „најдобар кинески глумец“, бесчувствителен и ефикасен оператор кој вешто ја крие оваа строга црта со претставатата за добродушен вујко. За возврат, Ју бил приведен и претепан во просториите на државната безбедност. Малтретирањето го принудило да оди во Хонг Конг, а потоа во Соединетите Држави, каде живее и работи денес.

Имајќи ја предвид оваа позадина, тогаш не зачудува ни тоа што неговата најнова книга, во која се занимава со актуелниот кинески претседател Си Џинпинг, нема влакна на јазикот. Меѓу другото, насловот кажува сè – Си Џинпинг: Кинескиот кум. Помалку непристојно, пораката од насловот е надополнета со фотографија од Марлон Брандо од класичниот филмски серијал од почетокот на седумдесеттите, наспроти портретот на Си Џинпинг во многу слична поза. Заклучокот на кој нè наведува Ју е сосема јасен. Пред нас е лидер кој е посилен, посуров и понасочен кон моќта од кој било челник на Кина, уште од времето на Мао, некој кој повеќе личи на шеф на мафијата отколку на политички лидер.

Заради тоа, не изненадува ни тоа што оваа многу полемична книга наиде на остра осуда во Пекинг и не е достапна во Кина. И покрај тоа, нејзиниот издавач од Хонг Конг, Јиу Мантин бил задржан во соседниот Шензен, за време на посетата во јануари 2014 година. Но, не сметајќи на контроверзата околу авторот, издавачот и забраната – како стојат нештата со основната теза на книгата?

Секоја високо профилирана политичка фигура во современа Кина неизбежно се споредува со Мао Це Тунг, господарот на политичките заговори и акумулацијата на моќта по 1949 година, чија сенка и денес се протега ширум земјата, за чие повторно обединување и раководење беше од клучно значење. Наспроти обидите да се прикрие или намали влијанието на Мао, неговото влијание како иконска фигура и понатаму е на сила.

За актуелните членови на Постојаниот комитет на Политбирото, сеќавањата на последната година од власта на Мао главно се горчеливи. Секој од нив растел во времето на Културната револуција, нивните семејства биле апсени или присилно раселувани во далечни краишта. Само двајца од тие лидери јавно се повикаа на тој период – Ју Џенгшенг, претседател на партискиот национален комитет и самиот Си Џинпинг – а ниту еден во позитивен контекст. Периодот на маоистичкиот револуционерен жар остави комплексна дамка во сеќавањето, со кое во последните години се пресметува Кина со присилен заборав.

Па, сепак, симболичките ресурси што ги создаде Мао и понатаму се корисни. Ју Џие во својата книга тврди дека токму тие се во срцето на проектот на Си. Како младо момче кое работело во комуна во провинцијата Санси, кон крајот на шеесеттите до почетокот на седумдесеттите, Си бил изложен, како и целата негова генерација, на заштитен маоизам. Тоа бил единствениот систем на размислување, кој бил на располагање. За писателот, овој период фундаментално ќе го обликува светот на актуелниот кинески претседател. Наративот на маоистичката револуција и односот што го имал Мао кон интелектуалците и сите оние што не се сложувале со него, едноставно е втиснат во свеста на Си, и денес се практикува. Конкретно, Ју мисли на „духот на Јанан“, расположение кое владеело во почетокот на четириесеттите, пред Мао да ја поведе комунистичката партија и нејзината армија на власт, кога ја консолидираше својата моќ во партијата и ја презема првата серија чистки за „средување на редовите“. Според Ју, ваквата претстава за тоа што е власта и како се користи, како и утилитарната етика според која целта ги оправдува средствата, лежат во темелите на погледот на светот на Си.

Аргументацијата станува лична кога Ју зборува за врската на претседателот Си Џинпинг со својот татко, која официјално се опишува како блиска. Веројатно тоа е и пресудно спорен дел од книгата, бидејќи допира во најинтимниот простор на секој кинески лидер – блиските семејни односи, а особено врските со родителите. Тука, Ју се потпира на општопозната информација: Си Џонгусн, почитуваниот татко на Си, бил тргнат од функција 1962 година, неколку години пред Културната револуција, во време на една од „анти десничарските чистки“, а потоа, главно го држеле настрана, во затвор или куќен притвор, сè до смртта на Мао кон крајот на седумдесеттите. Во текот на целиот период, од деветтата па до деветнаесеттата година од својот живтот, Си не се гледал со својот татко, па според тоа длабоката врска татко и син немала време за развој. Либералните склоности на Си Џонгсун и неговата поддршка на бунтовните студенти во 1989 година, синот можел да ги чувствува повеќе како товар отколку како поткрепа. Како клучен доказ за ова толкување, Ју укажува на „прогонството“ во јужниот град Шензен каде Си постариот ги поминал последните години од својот живот.

Заклучокот кој Ју би сакал да го изведат читателите гласи дека официјалната верзија на односот на претседателот Си Џинпинг и неговиот татко не е ништо повеќе од вешта манипулација – грижливо конструиран мит зад кој се крие моќник, суров и фокусиран како Мао Це Тунг, кој на клучни места во администрацијата, партијата и владата, поставува свои сојузници.

Секако, Ју Џие напиша драматична и живописна книга – но, друго прашање е дали таа го рефлектира она што навистина се случува. Склоноста кинеските политички фигури да се опишуваат како големи манипулатори кои го контролираат светот околу себе и прават зло, е долготрајна и длабоко вкоренета. За три и пол децении, откако умре Мао, секој од неговите наследници – Денг Сјаопинг, Џианг Семин и, повремено, Ху Џинтао – беа обвинувани за слични нешта.

Меѓутоа, постои една многу добра причина зошто во Кина веројатно нема да се појави некој нов Мао. Имено, исчезна светот во кој живееше и работеше Мао – во кој дојде на власт и истата ја спроведуваше на таков сеопфатен и често кобен начин. Кинеското општество денес е суштински поинакво од општеството од времето на власта на Мао. Урбаната Кина го набљудуваше со мошне оправдана недоверба, и тоа во време кога урбаната популација всушност се намалуваше преку масовните преселби и кампањи за рустификација во времето на власта на Мао.

Втората огромна разлика лежи во фактот дека за секој современ лидер од Кина, партијата е како институција со најголема важност. За време на Културната револуција Мао всушност водеше војна против Комунистичката партија; еднаш дури и се закани дека ќе ја напушти, ќе се врати в село и ќе направи преврат. Неговите кампањи го десеткуваа раководството на партијата и речиси ја соборија на колена. Од тогаш до денес, ниту еден лидер веќе не се осуди на такви постапки. И покрај тоа, за Денг и лидерите по него, јакнењето на партијата беше врвен приоритет, а токму актуелниот претседател е корисник на тој процес. Ако современа Кина на чело има луѓе со цврсти раце, тогаш тоа е самата Комунистичка партија. Поединецот што ќе се обиде да се уфрли на сила ќе биде премногу голем ризик и ќе се соочи со огромна пречка. Погледнете што му се случи на Бо Силај, кога беше обвинет дека сопствените амбиции му се поважни од партиските.

Си Џинпинг се наоѓа во центарот на раководството кое има колективна цел, базирана на партиско единство. Тешко е да се види како инаку Си и неговиот тим биле во состојба да спроведуваат антикорупциска чистка која трае од почетокот на 2013 година и достига до центарот на некои од клучните институции на моќта во Кина, од војската, преку владата до самата партија. Во тој контекст, партијата денес сè повеќе личи на Католичката црква – организација која се труди наместо преносител на некои специфични интереси и цели, пред сè, да биде културолошки/општествен/идеолошки ентитет: ентитет кој од своите поддржувачи бара некаков облик на вера и се занимава со поширока духовна визија (во овој случај, визија на „богата, силна, моќна земја“).

Секако, не би требало да ја потценуваме власта што ја спроведува Си, но исто така ќе погрешиме и ако ја прецениме. Си не е Кум, тој е верен слуга на својата партија. Сè додека е така, неговата позиција е сигурна. А, ако некогаш се осуди да ги истакне сопствените врски и интереси над партиските, пресметката со него секако нема да се спроведува според префинет протокол. Неговиот пад ќе биде немилосрден како оној на Бо Силај. Тоа е големата тајна на современа Кина. Не се важни одредени политички лидери, туку институцијата партија. Луѓето што ѝ служат подобро ќе бидат оние кои, на крајот, успеваат.

Извор: http://inside.org.au