Крлеж што сака да стане хемороид

23.10.2014 10:50
Крлеж што сака да стане хемороид

Наместо пасторалниот крај на историјата на Фукојама, во кој светот во 21 век ќе стане еден сложен либерален капиталистички рајски остров кој нема да продуцира судири и катастрофи (од кои е изградена историјата), сведоци сме на глобална криза, која ги погоди безмалку сите земји на светот. Кризата стана видлива во самите мугри на веков, кога лидерските земји на либералниот капитализам во 2008 година ја произведоа најголемата финансиска криза од 1929 година, која предизвика економска рецесија и поразително општо уназадување на социјалните состојби и на работничките и човечките права и слободи.

Загрижувачки слично како и во триесетите години од минатиот век, и оваа глобална криза на либералниот капитализам несопирливо ги поместува светските политички терезии драстично вдесно, оживувајќи ги речиси секаде екстремните десничарски политички движења од сите бои и мимикрии. Оваа длабока внатрешна поврзаност помеѓу Големата економска криза и слабеењето на либералната демократија беше клучниот фактор што го втурна светот во најстрашната воена катастрофа која се памети.

И површното пребирање по фактите е доволно на човека да му се следи крвта во жилите: од 1918 до 1944 година само во Европа се укинати парламентарните демократии на 22 држави, при што демократските институции ги задржале само четири држави. На трите други континента - Азија, Африка и Австралија, само две земји во тој период останаа либерални демократии, а во светот како целина, само 12 земји, од 64 колку што тогаш вкупно постоеја, успеаjа да ги зачуваат демократските и либералните институции! Најважното и денес најодбегнуваното сознание од глобалната катастрофа од половината на 20 век е дека практично сите порази на либералната демократија и на вредностите на Просветителството, рационализмот и модернизмот им беа нанесени од страна на десничарските политички движења, предводени од фашизмот и нацизмот. Значи, вистинската закана за опстојувањето на фундаментите и вредностите на либералната цивилизација никогаш не доаѓала од левицата, туку од екстремната десница.

Економската криза од 2008 година, за среќа, не беше уништувачка како онаа од 1929-1933, но предизвика многу слични политички последици како што се ксенофобијата, расизмот, етноцентризмот, ултранационализмот и џихадистичкиот фундаментализам. Овие Јавачи на Апокалипсата денес каскаат со здржан чекор по Европа, но веќе ги пуштиле своите атови во бесен кариер по врелите песоци на северна Африка и блискоисточна Азија, онеспокојувачки заличувајќи на нивниот галоп по рамнините на Стариот континент еден век порано. Сведоци сме на глобални тенденции на суштинско општествено пропаѓање, кога економската криза ја следат социјални, културни и идејни дезинтеграции, под недемократски десничарски режими чија корпоративистичка и фашистичка идеологија упорно се игнорира. И Македонија се вклопува во сликата на структурните сличности помеѓу денешнава криза на демократијата и онаа од пред еден век.

Недемократскиот режим на Груевски, со јасни антилиберални и профашистички својства, неизбежно наликува на источноевропските диктатури во кои кралеви, бирократи и офицери меѓу двете светски војни го имитирале фашизмот. Нашата „мека“ диктатура наликува и на таканаречените „органски држави“ кои диктатурата ја оправдуваа со борбата за обнова на традиционалниот поредок. Зад овие авторитарни државички стоеше „идеолошката носталгија за некое имагинарно општество од минатото“ составено од „природни“ сталежи, владетели, поданици и корпоративистички ентитети што заедно со црквата го твореа колективниот „органски“ ентитет на државата.

Колку и да ни е тешко да си признаеме, факт е дека загриженоста на либерално-демократските земји од напредниот и моќен Запад за состојбите со демократијата и човечките права кај другите земји (сојузнички, партнерки и кандидатки), особено во вакви грди времиња на општа криза, се претвора во акција само ако се совпадне со нивните геополитички интереси. А тоа ретко се случува, зашто геополитичките интереси практично без исклучок ѝ даваат предност на стабилноста на земјата пред демократијата и човечките права.

Токму поради тоа, историјата е упорна во црната статистика: десничарските, антилибералните и профашистичките диктатури секогаш ја уживале официјалната поддршка на големите либерални демократски сили. Со оваа поддршка тие им плаќале на крвавите диктатори за геополитичката стабилност што ја испорачувале, па дури и да правеле месна паштета од политичките, етничките или верските малцинства во своите земји. Меѓународното жртвување на демократијата и човечките права поради геополитичките интереси не ѝ се случува само на Македонија заглавена во калливите ендеци на патот за Европа, туку е тоа историска константа на целиот крвав 20 век. Суштината на оваа болна вистина не е дека Македонија нема пријатели на меѓународната сцена, туку дека македонската слобода и демократија немаат никој свој во целата вселена! И, на крајот, треба ли да ви цртам, браќа и сестри македонски?! Вие кои чекате спасот од диктатурата на Груевски да дојде од надвор, од Европа и Америка - напуштете ги сите надежи. Режимот мораме да го собориме сами, а не да чекаме некој однадвор тоа да го стори за нас.

 

П.С.
За да бидам посликовит, во фуснотава ќе искористам една освежувачка гастро-интестинална метафора. Геополитички гледано, Македонија е решен случај за НАТО-алијансата: таа е длабоко во нејзината заднина, па внатрешните состојби со демократијата и со човековите слободи и права се надвор од фокусот на нејзиниот интерес. НАТО, како некогаш Римската империја, е живо заинтересиран само за состојбите на своите граници – на својот limes, кој мора секогаш да се поместува кон надвор, додека во својата огромна утроба сака да го одржува стабилниот Pax Romana (римски мир). Значи, библиската земја чека во заднината на алијансата, како крлеж закачен во нејзиниот ректум, крлеж кој тежи да се интегрира како хемороид, зашто вниманието на домаќинот може да го сврти кон своите проблеми единствено ако прокрвари. Засега, сѐ што овој кандидат може да направи за својот геополитички статус е непријатниот јадеж во задникот на својот домаќин.

Слики: Keith Boadwee
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото