Две жолти

24.10.2014 10:42
Две жолти

I

Сега сум на викенд во мојот сопствен отуѓен крај. Викенд е, пред приближно дванаесет години. Носам стар, долг, кожен, војнички капут и сѐ уште ми се чини дека сум дома во Мурска Собота. Петок навечер е. Со пријателите и пријателките се пијанчиме и дробиме празни муабети во ресторанот на хотелот Ѕвезда. Не се сеќавам дека некогаш сме правеле нешто друго.

Морам да одам во тоалет. Тоалетот е до гардеробата. Една стара жена ги закачува капутите на закачалките, дрдори со оние што поминуваат и собира ситни парички за во тоалет.

„Еј, ти!“, ме вика од зад пултот на гардеробата, пред да влезам. Се вртам и ѝ се насмевнувам најмалку цели десет години на истата веце-гардероберка, која очигледно повеќе не ме препознава.
„Што е бе, тетко? Па знаете дека секогаш плаќам!“, ѝ враќам.

Но, нејзиниот израз останува студен. „Не натаму“, ми вели „тоа е женско веце“.

„Па“, велам „одам во женскиот тоалет“.

Додека си ги мијам рацете ја слушам гардероберката, како некому го дава капутот и му се лути:

„А му реков, знаете, на оној во кожениот капут, му реков, еј, каде таму, тоа е женски тоалет. А тој ништо, знаете, ништо не го интересира, само ми рече, знам, и влезе директно во женскиот тоалет ... Еј, ти, да не си глув, ти реков дека тоа е женски тоалет, а што си...“

Сега веќе стојам пред неа. „Да, знам дека е женски тоалет“, ѝ велам и ѝ фрлам ситни пари зад пултот. Веќе секунда подоцна се каам што некому толку подло му фрлив пари.

„Такво нешто!“, го продолжува гардероберката разговорот со странката. „Го гледате ли тоа? Слушнавте ли? Еј, плати премногу како за маж!“


II

1985 година. Стариот, војнички, кожен капут веќе долго време не го носам. На факултет ја сретнувам колешката Јасмина. Тргнуваме на ранопопладневно пиво во најблискиот локал.

По две или три тури наизменично одиме до тоалетот. Јасмина се враќа бесна од шанкот – келнерката не сака да ѝ го даде клучот од тоалетот. Oва е еден од локалите што има карирани чаршафи на масите, со вредна келнерка и клуч од женскиот тоалет, со кој се разликува полот. Да се знае која е жена. Да се јави на шанкот, пред да оди да моча.

Ја повикувам келнерката. Нарачувам уште една тура и клуч од вецето за Јасмина. Келнерката е лута. Не сака да ја заебава некоја пијана и луда студентка, која има цел ден за губење.

„Госпоѓо, дајте ни го клучот, нели и таа е женско“, упорно ја молам. „Ја познавам. Колешка ми е од факултет!“

„Не“, вели келнерката, „какво женско. Мене најдовте да ме заебавате?“

Го носи послужавникот и бучно ги става полните пивски шишиња пред нас, но Јасмина не го добива клучот. Келнерката одлучи за нејзиниот род. Јасмина мора да оди по нужда некаде надвор, зад грмушките околу локалот. Одам со неа. Ми се чини дека морам силно да ја поддржам во овие работи околу тоалетот.

„А зошто си зад мене?“, се завртува Јасмина кон мене, еден момент пред да влезе во грмушките.
„Ништо, и мене ми се моча“, велам, стојам зад неа и си ги откопчувам панталоните. Знам дека се срами од мене.
„А зошто не влезеш внатре да мочаш? Па тебе ќе ти го даде клучот“.

Чучнувам, со спуштени панталони до колената и ги кревам рамениците. „Не знам, подобро да не ризикувам“.

„Еј, внимавај како ќе мочаш, бидејќи си чучната над мене“, грубо ме опоменува Јасмина.
„Не грижи се“, велам. Секако дека не се лажам, мојот млаз е точно одреден и воден по моето ситно каналче барем десет сантиметри подалеку од нејзините нозе.

Замислено ја гледам бојата на мојата бледа мочка. Нејзината е доста потемна.

А која е таа биологија за нејзиното божемно машко тело? Дали е тоа поради кратко истрижената коса? Црните очила на носот? Потемната кожа? Можеби тоа е поради сите нејзини клучеви закачени на левата страна од појасот на панталоните и вокменот на десната? Или тоа што понекогаш зборува на својот мајчин јазик? Дали нејзиниот глас е потемен и порапав? Или тоа е таа посебна еротичност, поради која на лезбејките на прв поглед им се одредува машки род? Биологијата дури ништо не кажува. Тука сѐ престанува; тука сме без клуч.

„Тоа е поради бубрегот“, рече Јасмина, и од џебот извлекува хартиени марамчиња, вади едно за себе и ми ги фрла другите.
„Какви бубрези?“ Се бришам и внимателно станувам со раширени нозе, за да не згазнам во сопственото вирче.
„Да, поради заебаните бубрези мочам толку жолто“. Јасмина одлучно си го закопчува патентот на фармерките. „Знаеш што? Онаа келнерка нека оди по ѓаволите. Не се враќаме повеќе назад“.

Чекориме покрај мокрите траги од нашите млазови мочка и пешки тргнуваме кон градот во друг локал. Всушност, ни останаа сите пари.

Извор: Сузана Тратник, Во својот двор, Темплум, 2013
Превод: Драгана Евтимова
Слики: Ewa Juszkiewicz

Слични содржини

Книжевност
Квир / Книжевност
Книжевност
Квир / Книжевност
Квир / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото