Музеј на македонски начин

25.10.2014 11:54
Музеј на македонски начин

1.

Не знам како би се објаснила неподносливата горештина и немање воздух во новиот ни и веќе фамозен Археолошки музеј, освен дека на Александар и семејството му – Филип и Олимпија (не знам зошто нашиве ја викаат Олимпијада?) – им е студеникаво во лесните алишта, па температурата мора да се држи над нормалата, за да овие не се побунат и си заминат од нашата историја. А тукушто дојдени. Ако пак некој помисли дека ќе види некои симпатични (да не речам убави) ликови ала Анџелина Џоли (Олимпија) или Колин Фарел (Александар), страшно се излажал. Овие се бре брате грди ко ноќ. Ај за Филип, се знае дека бил грд, ама Ацета ваков да го гледаме?

Што се однесува до Самоила, нему сигурно не му студи зашто е од свежиот Охрид, иако се гледа дека му е малку непријатно што го смешале во македонската археологија, а Ана Комнена (инаку родум porphyrogénnēta) сигурно е повеќе зачудена отколку застудена, зашто никако не ѝ е јасно како се нашла таму… Или пак Михајло и Евтихиј, во друштво на кралеви и цареви, наместо да осликуваат некоја денешна црква и да им покажат на современиве „уметници“ како тоа се прави. И сите се некако збунети, со подотворени усти и крената рака, како да сакаат да се побунат заради ваквото непријатно (најблаго речено) заточеништво во денешната им зандана наречена македонски Археолошки музеј.

2.

И не е тоа единственото повеќе тажно отколку смешно што го очекува посетителот таму. За жал. Зашто новиот „музеј“ навистина заличува на зандана, барем по теснотијата, мракот, недостатокот на воздух и горештината во него. Или на диско – зашто има и музика! – оние диско клубови од „наше време“, со „лајт шоу“ по ѕидовите, со очајна музика и загушлива атмосфера. Човек едвај чека(ше) да излезе надвор! Се разбира, тоа ќе ви се случи кога музеј ви проектира „архитект“ чиј врвен дострел е уредување на скопски кафиќи – три со три и сијалички над масите – без трошка дневна светлина или не дај боже сончев зрак, сè затутулено и замумулено во тесни и долги како вагони простори, низ коишто се движите пазејќи да не се сопнете од нешто, да не удрите со глава во централните скалила, да ги одбегнете светулчињата за експонатите што ви бијат директно во очи… Не знам дали човекот видел музеј во животот, ама очигледно не виделе ни оние кои по дефиницијата би морале да знаат како се конципира една археолошка поставка, како се осветлуваат витрини, како се пишуваат легенди, како се потенцираат највредните експонати итн. Веројатно би требало да знаат дека се неопходни некакви, барем некакви означени правци на движење, па хронолошки периоди, па дека „уметничките“ (украински) слики не можат да бидат замена за неопходните информативно едукативни табли (или дијарами, или обични паноа, или…), па дека треба на секој кат да има барем план на просторот за да знаете каде се наоѓате, па дека сето тоа би морало да биде нормално осветлено за посетителите можат да прочитаат што овие „стручњаци“ напишале на легендите, па дека не можете во една витрина да сместите десет експонати а да не ги означите со соодветни броеви (заедно со идентични на легендите, за да знае човек што гледа)… Па дека од целата македонска археологија не може да биде највредна една новосоздадена божем римска кочија, заобиколена со сиџими како да е којзнае колку вредна (а заборавиле дури и да стават легенда за истата!). И не може таков ист третман на „врвна вредност“ да добие и саркофагот на Александар, кога сите знаеме дека е само копија на оригиналот од Истанбул. И кој на светов заштитува копии на таков помпезен начин? (Патем, фамозната копија изгледа била поставена само за отворањето, зашто веќе не може да се види. Да не ја сокрија во некој од трезорите од блиската Комерцијална банка? А кој пак би ја крадел, и за што му е?)

3.

Но, не дека не знаевме дека сето тоа, горе-долу, ќе изгледа така, имајќи предвид кои „стручњаци“ ја тераа(т) целата работа, уште од времето кога онаа шушупатка која не знае колку е часот истопори антички скулптури пред Владата. А сепак, жално е македонската археологија да спадне на такви ниски гранки. Зашто, ако има нешто навистина вредно во македонските музеи, тоа секако е археолошкото богатство. И иконите, се разбира. Затоа целиот овој циркус изгледа уште потажно, кога највредното што го имате го изложувате на таков начин, односно го изнесувате на потсмев на луѓето кои барем малку разбираат како треба да изгледа еден археолошки музеј.

Ако ништо повеќе, нашиве „стручњаци“ можеле да отидат до Солун и Атина па да видат како се презентира археологија, можеле да отидат и до Софија (ем ќе го виделе она што божем не знаеле дека е таму, а потекнува од Македонија!). Белки некој од нив разбира дека музејот не го прави зградата – особено не ваква грдотија, со „столбови“ полнети со стиропор – или „неговото вечерно амбиентално осветлување, со што се збогатува ноќниот живот на нашата метропола“, како што смета директорката. Еден музеј не го прават ни т.н. лед-подови и екрани (патем, не умеевте ли некако да ги сокриете/маскирате толкуте проектори?), туку музејот се цени според вредноста на експонатите и начинот на нивната експозиција. И овде нарочно не ги спомнувам Археолошкиот музеј во Атина, сместен во сосема просечна (неокласицистичка) зграда, слична на онаа на Археолошкиот музеј во Истанбул, или некои други. Особено не новиот Акрополис музеј во Атина – ремек дело и на архитектурата, и на музејската поставка. И како, по ѓаволите, на Грците не им текнало да ја направат божицата Атина во восок, па таа да ги пречекува посетителите на музејот, па восочниот Перикле да ги поздравува, па... Или мислиме дека ние сме тие најумните кои постојано ја откриваат топлата вода?

4.

Умешните пак, дури и од просечни експонати, а низ стручно осмислена и дизајнирана постапка, знаат да направат солидна поставка. Ние не умееме да го изложиме дури и највредното што го имаме. Односно, го изложуваме, ама за нас се поважни копиите на саркофаг, на римска кочија, наместо нашите „локални“, но вредни експонати. Или, ако сакате, има ли некој стручен што ќе ѝ објасни на јавноста зошто за нас е поважна копијата на саркофагот на Александар од една наша Менада, на пример, или од обетките – гулабици, или од златните маски? И зошто една копија на римска кочија направена буквално вчера е поважна за македонската археологија од една „Венера Пудика“, или од од онаа римска „Глава на маж“ (Демир капија, 3 век н.е.)? Зошто оние малкумина поумни кои сосема солидно и инвентивно умееле да ги презентират барем гробните наоди, не ја презеле целата работа, па да го упристојат музејот?

И оттука, повторно за жал, нашиот музеј не нуди, како што смета неговата директорка, „една голема вистинска приказна, заснована на една величествена историја“, тука го експонира/соголува нашето денешно незнаење и неумешност, шарлатанство и самобендисаност. Како и саркофагот и кочијата, и ние сме само лоша копија на современите европски култури, а за музеологија не умееме ни да мислиме, камо ли да ја (с)работиме. Таму, во таа наша македонска „музеологија“, очигледно царува вечна ноќ, како и во новиот Археолошки музеј на Македонија.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња

Слични содржини

Јавни простори / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото