Што да направиме ние, „исклучените“ од системот?!

25.10.2014 14:45
Што да направиме ние, „исклучените“ од системот?!

Знаете ли дека во Македонија постои една партија која сè уште не е создадена или освоена?! Знаете ли дека во оваа заробена земја и овој потчинет народ, токму зашто е таков, сè уште има повеќе луѓе способни еден ден да се спротивстават на тиранијата, од оние способни да ја одбранат?! Знаете ли зошто? Нашата неслобода, нашата исклученост, сиромаштија и мизерија, па дури и нашето неединство кога еднаш ќе се надмине, ќе бидат неминовни носители на нашето вклучување кон ослободувањето.

Во моментов сè изгледа толку очајно и бесперспективно, немаме вистинска опозиција, немаме никаква структурирана политичка алтернатива, секојдневно се занимаваме со суреалните и мизерни теми кои режимот ни ги нафрла, политизирани сме до крајни граници, без воопшто во тоа да пронаоѓаме или согледуваме некаква суштина.

Ова се времиња кога владеат перверзните психолошки механизми базирани на интереси и привилегии, кога душите и мислите на нашите сограѓани се корумпирани и приморани на неприродни сојузништва со тиранот. Токму лажната опозиција и нејзиното однесување е најјасниот пример до кој степен нашето општество и елити се корумпирани и се дел од една олигархија која луѓето околу себе ги држи врз основа на привилегии, корупција и клиентелизам.

Не верувам дека луѓето не ја сфаќаат својата состојба и позиција на исклученост и алиенација, но за подобро да ја разбереме позицијата на оние вклучените во режимот и неговите привилегии, ќе го цитирам Примо Леви и неговата опсервација од Лагерот, каде карактерите на луѓето се покажуваат во сета своја екстремност и кристалност: ,,Проблемот е во „претпоследните“, односно оние кои ја уживаат и најситната привилегија и кои по тоа се разликуваат од „последните“; поради што и се приморани, но и насочени кон колаборација со хиерархијата на режимот која ги потиснува, покажувајќи дури и благодарност. Одбраната на она „малку“ што ги издигнува над „ништото“ е причината за перверзијата која не е „војна меѓу сиромашни“, туку „војна на сиромашни против најсиромашните“.

Ќе искористам и една архајска дефиниција на тираните од Етиен ла Боеси и неговото дело, „Доброволното ропство“: ,,Не се коњаниците, ни пешадијата, ни оружјето тие кои го бранат тиранинот. Да, во принцип тоа е тешко да се разбере, но така е…Секогаш се случувало, пет или шест луѓе да станат од доверба на тиранинот… Овие шест профитери под себе имаат други шестстотини кои се однесуваат кон нив како тие кон тиранинот. Овие шестстотини, пак, под себе имаат други шест илјади…и така до недоглед, до сто илјади, милиони луѓе под тиранот. Помеѓу услуги и придобивки, протекции и профити добиени благодарение на тиранот се стига до тоа оние кои мислат дека тиранијата е корисна, да станат речиси бројни колку и оние кои ја преферираат слободата.

Оваа вертикална скала колку и да се чини застарена, и денес е актуелна, иако денес повеќе наликува на круг. Како во некои игри со карти, режимот и тиранијата секогаш влечат од долу. И тука е демократската лажга на режимот зошто луѓето не се чувствуваат како потиснати, туку како да се партиципативен дел, што во негативна смисла и се така дадени од системот. Тргнуваш од долу и нема граници за твоите интереси, за тоа колку можеш да се продадеш, да се погазиш себеси или другите, за да стигнеш до некој врв, додека сите заедно пропаѓаме. Гледате како кај Леви, служењето на деспотијата и на интересите е кристално јасно, додека служењето на демократијата и вредностите е нејасно, нестабилно, стресно и вечно променливо.

Сега, кога видовме што се случува со „вклучените“, како функционира нивниот круг, да видиме и кој е нивниот најголем проблем.

Олигархијата или херархијата на кругот, за која и порано имам пишувано под името на змијата Уроборос, не може да постои ако сите уживаат во привилегиите. За овој режим да постои како тесна олигархија (а тој е тоа), за огромен дел од луѓето да се омаени од неговите неисполнети ветувања, мора да постоиме ние, „исклучените“, оние кои се надвор од системот на привилегии и интереси. И настрана поентата до која сакам да стигнам, како и околу што ние „исклучените“ треба да се обединиме и во што да се вклучиме, токму нашето сегашно отсуство, колку што е за критика, дотолку повеќе ни кристализира кој е вклучен и кој соработува со режимот. Значи, проблемот им е сега двоен, лесно се препознатливи и нивниот систем е осуден можеби на долг, но и неизбежен колапс.

И нашата власт и нашата опозиција денес се однесуваат како Алиса во земјата на чудата. Пијат чај додека куќата се наоѓа во слободен пад. И гледате чајот, тацната, Алиса паѓаат со истата брзина како и куќата, повлечени од нејзината инерција и вовлечени во општата авторитарна дегенерација. Но, ако на момент го тргнеме окото од пиењето на тој чај кој режимот ни го сервира (нашиот личен интерес), и се сконцентрираме на куќата (нашите животи и држава) која пропаѓа, ако излеземе од тој филм, можеби имаме поинаков пат и нешто можеме да направиме и промениме.

Ние што сме надвор, неминовно повторно ќе се судриме со оние внатре. Во 2011 година не ни успеа за малку, но стигнавме блиску; следниот пат кога ќе се обединиме, ќе биде кобно за режимот и за нивните колаборационисти. Ќе се судриме на полето на интереси, на луѓе, на нивен терен, но тоа ќе биде борба помеѓу „нивните“ посебни интереси и „нашите“ универзални вредности. Судир меѓу интереси и вредности или вистини, конфликт кој суштински има идеолошки карактер, но не само тоа. И зошто во повторно еден таков конфликт ние исклучените би победиле? Зошто се бориме за општото добро, за генералното, за повеќето, затоа што би се бореле за нешто сите да добиеме наспроти ништото кое го живееме. Зашто тој што е дел од интересите, неговата маржа на утилитарност во таков конфликт се граничи само на неговото, тој само тоа има да го спаси, па макар сè друго пропаднало; додека ние другите ќе се бориме и за нашето што треба да се освои, и за сè друго што не сакаме да пропадне. Гледате, нам тоа останатото, било државата, стандардот, еднаквоста, соживотот, некој вид демократија и солидарност, правната држава, слободата и правата, иднината на нашите деца и општество, сето тоа што на режимот му е „нешто друго што може да пропадне“, нам ни е есенцијално, тоа е дел од нашите потреби, макар ние не знаеле така да ги именуваме или опишеме. Зашто ние сме различни, зашто ние сме исклучени, зашто ние имаме само една единствена слобода и право, а тоа е да се обединиме, да се побуниме и да се ослободиме. И затоа што како „исклучени“, секој ден стануваме сè побројни.

Што неминовно ќе бидеме приморани повторно да направиме? Ние ќе направиме едно ново обединување, една уништувачка, демократска сила за која, бидејќи демократска е непостојана, и ние денес сме сведоци за тоа. Рецептурите ги имаме, испробани се и знам дека сега ви делува генерично и неверојатно, но нема бегање од таа идна реалност. Демократијата предвидува рушење на олигархиите, феудализмите, тираниите, без разлика дали потоа ќе опстои како траен модел и форма на владеење.

Тоа обединување не може да се оствари без партија, тоа за Македонија е неопходност, што значи дека прво ќе мора да се освои Зимската палата на опозицијата, која денес функционира како олигархија суи генерис и политичко-култролошки колаборационист на режимот. Но, паралелно со тоа, пред да го вратиме политичкиот субјект способен да ја примора власта на нејзина „слатка смрт“, каде би се дозволило делумно да се спаси, субјект кој би имал сила да ја примора на евтаназија или на насилен крај, за потоа организациски и системски да ја преземе власта, ние имаме и друга задача. Реакцијата на „исклучените“ е неминовна и ние мора да ја предизвикаме, потпомогнеме или да ја пречекаме подготвени како структурирана демократска опозиција. Мора воедно да го повратиме нашиот идеолошки и морален багаж, без разлика дали изгледа непопуларен, мораме да ја цениме нашата приказна, нашата историја, нашите вредности, доколку сакаме некој во нив да се препознае. Ни треба сидро, ни треба организација и заедништво, ни треба опозиција на „исклучените“. Вистински политички и интелектуален антагонизам, вистинска алтернатива.

И, да, јасно е дека ни треба лидер, иако повеќе не верувам дека во Македонија може да постои култ на личноста. Но, треба харизма и лидерство, треба тим, треба партија „теретана“ која секој ден ќе се билда меѓу народот. Не треба многу луѓе, многу луѓе постојат веќе, треба луѓе кои си веруваат меѓу себе и се спремни не на „херојски“ жртви, туку на истите емотивни и материјални жртви што ги прават последните и исклучените во нашето општество. Денес најголемата жртва е да не се биде дел од режимот, а тоа многумина го прават.

И нема никаква магија во тоа, драги луѓе, само работа. Нема потреба од херојски чинови оти херојствата носат само трагедии. Треба да се апелира против оваа илегалност од која се храни режимот, нетранспаретноста зад која се кријат, треба повик на законот кој ќе важи исто за сите, на слободата на луѓето и информациите. Со други зборови, нам сега ни требаат предуслови за народот и граѓаните искрено да добијат и извинување за минатите неуспеси и искрена платформа за искажување на својот консенсуз и несогласување. Нам баш ни требаат „нехеројски моменти“ за рушење на режимот затоа што на луѓето доста им е од херои кои нè упропастија. Доволно е да се вратиме кон она што бевме, она што се надевавме или ветувавме дека ќе станеме. Сè, само не ова, само не ова тивко умирање и живеење како вечно „исклучени“.

Слики: Aron Wiesenfeld
Извор:
Plostad.com.mk