Портокалово и жолто

28.10.2014 12:30
Портокалово и жолто

Во мојот ликовен јазик портокаловата боја означува чувство на радост, жолтата - светлина.

На пример, портокаловите нијанси на плодот на кајсијата предизвикуваат едно такво многу радосно расположение. Двете бои, портокалова и жолта, во фузија, го сликаат сонцето, макар што него го сликам и само со румено-црвена боја како сонце во изгрев или со други бордо–румено-виолетови нијанси кога е во залез.

Проучувањата на боите од страна на историчарот Мишел Пастуро („Боите на нашите сеќавања“) укажуваат дека портокаловата (и виолетовата) е помалку популарнa боja во однос на сината, зелената, жолтата, црвената, црната, белата, во западниот свет. Од друга страна, пак, во источните земји или во Африка портокаловата се вбројува меѓу попопуларните бои.

Портокаловата е бојата на будистите. Навистина, будистите многу ме радуваат, а бојата на нивната одора е портокалова, во распон од светла окер до темно портокалова, зависно од степенот на будаството кое го достигнале.*¹

Портокаловата боја (бојата на шафранот) го симболизира хиндуизмот на индиското знаме, зелената - исламот. Во средишното бело поле е знакот на тркалото на Дармата (попрецизно Ashoka Chakra, Тркало на Законот), во длабоко сина боја, кој симболизира напредок и правда.

Портокаловата боја е бојата на втората чакра, сакралната чакра, жолтата на третата или соларната чакра. Ако се направи истражување зошто портокаловата боја, еве, историчарот ја прогласи за споредна боја, (секако, бидејќи е непопуларна во западниот свет) и ако се надоврземе со симболиката на тркалото на дармата (Дармачакра во будизмот), можеме да дојдеме до констатација дека на западниот човек (и на западната култура) можеби му/ù недостасува баш таа област од себството или баш таа философија на Буда*². Таа боја – отсечка од спектарот на Реалноста не е реализирана во него. Обратно, за човекот од Истокот, на пример, сината боја не е толку популарна ( би рекле, тој има други афинитети)*³.

Значи, овие жолто–окер портокалови нијанси го сликаат Внатрешното сонце, мојот личен симбол. А кога радоста на ова внатрешно сонце ќе се претопи во сонцето кое дава живот и виталност и настане една целина, многу нешта се менуваат за нас...
......................

Пред некое време во еден наш дневник прочитав: „Србите на големо градат сончеви колектори, ние во Македонија се сончаме.“ Се сончаме, се разбира, кога имаме толку многу сончеви денови во годината (хелиографот на Солунска Глава регистрирал 2041, а во Гевгелија 2400 часови осончување годишно). Од нас повеќе часови осончување има само една земја како Калифорнија или земјите од Блискиот Исток. Овие последниве радо би се откажале од еден одреден број на сончеви денови. Бидејќи располагаат со нафтени ресурси, па сончевата енергија толку не им е битна. Но, според прогнозите на експертите, нафтата, како и другите фосилни горива, гасот и јагленот, ќе биле исцрпени некаде до 2300-та година. До тогаш сите овие фосилни резерви ќе бидат потрошени, земајќи го предвид темпото со кое се експлоатираат!*4

Но, на нашиот денешен човек тој факт не му задава голема грижа (освен постојаниот раст на цената на бензинот). Прво, бидејќи до тогаш веќе нема да биде меѓу живите, па следните генерации нека се снаоѓаат како знаат и умеат. Второ, во меѓувреме сигурно ќе се пронајде друг поефикасен извор на енергија, на пример, Сонцето...

Сличен негрижлив однос се има кон еколошката стварност. Денешниот егоистичен човек не се оптоварува толку со последиците од емисиите на гасови, кои предизвикувајќи глобално затоплување на две нивоа, катастрофално ќе се одразат на екосистемот. Тој е преокупиран со своите потреби и желби и нема време да мисли на биосферата. Владите на светските сили не дека не сакаат да дејствуваат на свеста на своите граѓани, туку, едноставно, се немоќни нешто да променат во беспрекорното функционирање на потрошувачката машинeрија која мора непречено да ги задоволува потребите на нејзиниот човек.

Во САД, не може да се замисли животот без автомобил, бидејќи без приватно превозно средство не може да се стигне до Молот за да се купи храна и други продукти. Велосипедите не се популарни, а да се оди пеш 10-15 километри во еден правец, па натоварен со продукти назад... не оди. Едноставно влегуваш во удобниот автомобил, се паркираш на паркинг во Молот, завршуваш со сите набавки, па назад со удобниот автомобил до дома. Така секој член во семејството поседува возило за постојано да се движи со него поради разни потреби. На улица ретко кој се движи пеш или со велосипед. Па и опасно е, сите поседуваат оружје, кој знае кога некому ќе му текне да се послужи со него... (САД се еден од најголемите загадувачи со јаглероден моноксид и азотен диоксид - испусти од нецелосното согорување на фосилните горива ...)

Како и да е, поентата во овој текст беше прогнозата дека кога-тогаш сонцето ќе стане главен извор на енергија и се надевам дека и јас ќе го доживеам тоа време.

Затоа и ми го привлече вниманието таа статија во весникот, си велам, види, Србите градат колектори, а ние се сончаме...

Неопходноста од преструктуирање кон овој извор на енергија ќе биде уште поголема, како што расте свеста дека и нуклеарната енергија е многу штетен извор на енергија. Нуклеарните централи, освен што се потенцијална голема закана за животот, во случај на несреќни случаи-хаварии, туку, и произведуваат многу штетен отпад – плутониумот. Плутониумот, пак, може да послужи и како материјал за производство на нуклеарно оружје (секој нуклеарен реактор произведува 250 кг плутониум годишно што е доволно да се изработат од дваесет до педесет атомски бомби). Значи, се мултиплицира проблемот, преку трговијата со овој радиоактивен елемент, или, ако го закопаат длабоко во земјата и понатаму е голема опасност која демне. Потребни се дури 500 илјади години да се распадне плутониумот, најопасниот радиоактивен нуспроизвод на нуклеарната индустрија!*4 Не може да се замисли ни материјал ниту технологија кои би се ползувале за да се произведе контејнер во кој би се складирал овој радиоактивен отпад за неверојатно толку долго време!

Ете уште еден добар мотив да се свртиме кон соларниот извор на енергија, размислуваат научниците и еколозите.

За мене најдобриот аспект на Сонцето, освен енергетскиот и виталистичкиот, е духовниот. Тука нема промашување и успехот е загарантиран. Внатрешното Сонце кое го истражував повеќе години не само што е обновлив извор на енергија, туку и нешто што безусловно и постојано шири позитивна енергија и радост. Така, мојата голема идеја е дека ако се комбинира внатрешното и надворешното Сонце, тогаш, дефинитивно ќе настане Рај на Земјата...

Утопија! - веднаш ќе дофрлат тие што не веруваат во вакви идеи и во Сонцето.

Но, без разлика кој што ќе коментира, веќе постојат силни аргументи кои ја подджуваат оваа теза…

По повод изложбата Внатрешно Сонце, во 2003 година, за каталогот ја напишав оваа песна. Екстракт на тоа внатрешно сончево чувство...

ВНАТРЕШНО СОНЦЕ

Нашето Вистинско Битие, Нашето Внатрешно Битие е како Сонце, а неговите зраци се Море од Радост, Светлина и Убавина

Како најбрзо да го препознаеш своето Внатрешно Сонце


Една наша уметница, после дваест години живот во Париз се врати во Македонија. Кога ја запрашаа која е причината што го напушти Париз – светскиот центар на добриот вкус (заради ова Скопје ли?), таа одговори: „Заради Сонцето!“ Новинарката која го постави прашањето беше малку збунета: „Мислите заради вашите пријатели тука или што?“ Уметницата (Лидија, дизајнерката и модната креаторка) го повтори одговорот: „Не, заради Сонцето!“

Ете, тоа е вистинскиот одговор! Баш сум среќна кога некој дава ваков одговор, кратко и јасно. Заради Сонцето… “

(дел од текстот Внатрешно Сонце објавен во Глобус 2012 год.)

________________________________________

*¹ Тоа е кај теравада будистите на островот Шри Ланка. При иницијација се добива бела одора која со текот на времето се бојосува повеќе пати, така постепено потемнувајќи. Внатрешната одора кај будистите е главно окерасто-жолто портокалова, а надворешната роба е во различна боја, кај зен –будистите црна, кај кинеските и корејанските будисти сива. Тибетанските будисти носат окераста внатрешна одора и роба во бордо-виолетова нијанса.

*² Според учењето на Буда сè што е составено од компоненти и што е подложно на деконструкција нема вистинско постоење, туку е проток, движење, флуид. Страдањето на човекот е поради врзувањето за тој флуид, за таа река, панта реи, односно заради неумеењето да се усогласи со текот. Во Природата ништо не постои како фиксирана реалност, туку сè е составено од елементи чијшто сооднос, а и самите тие, во секој момент се менуваат.

Ако површно ја сфатиме оваа вистина за непостојаноста, минливоста, тогаш се прогласуваме за нихилисти. Но, тоа не е сета вистина на Будизмот, и далеку е од тоа дека тоа е вистината. Бидејќи искуството од контемплацијата и медитацијата нè доведува до спознанието дека исто така постои единечното, кое не е составено од компоненти, значи Атманот или Душата (за која Буда ретко кога говори, не може да се искаже со конвенционални јазични форми, па „… за она за што не може да се зборува, за тоа мора да се молчи.“ Л. Витгенштајн).

Буда единечното го остава на страна и сето време се концентрира на сложеното, флуидот. (Ние луѓето не умееме ниту сакаме да се усогласиме со оваа суптилна животна философија и повеќе милуваме да го обожуваме фетишот во некој од милионите негови облици. Така нашите животи добиваат значење и „тежина“, нешто „судбинско“.)

Кога се увидува суштината на флуидот, истовремено расцветува тоа другото, единечното. А дека за Тоа „нема зборови“ говори и начинот на кој Буда го пренесува учењето на својот ученик Касјапа (Kashyapa). На големиот собир кога требало да се пренесе учењето, Буда во молк подигнал еден цвет и го покажал пред сите. Касјапа се насмеал и така станал негов наследник. Тој кој што сфатил што значи расцветување станал наследник! Толку фини нешта уште во шестиот век пред нашата ера!

Страдањето е заради врзување, врзување за компонентите, агрегатите, флуидот. Увидување на флуидот (флукс, флуксус) и живење во склад со постојаниот тек на реката, (но и со спознанието за изворот и морето или океанот во кои се влева) е радост. Радоста е во постојаното обновување, освежување на енергијата како топлината и треперењето на пламенот. Таа динамика на радосно, игровно славење на животот за мене има портокалова боја. Поврзана е и со петтиот фактор на правилен живот – живот кој не ги повредува другите, ахимса (еден од осумте фактори - доблести на патот на Буда), многу битен принцип во будизмот.

*³ Сината боја е боја бр.1 во западниот свет (и во Македонија според анкетата на Окно. Но убедена сум дека на некој друг портал најомилени бои ќе испаднат црната и црвената – смрт/ прокреација - базично еволутивно ниво во кое сме заринкани). Сината е бојата на либерализмот, слободата. Слободата, пак, според доктрината на Дармата е во ослободување од вечното тркало на причинско–последични самсари, кармички поврзани реакции на претходни акции. Има разлика во поимање на слободата на Западот и Истокот. Мислам дека во фузија на овие две поимања на слободата / ослободувањето е напредокот.

*4 За ова опширно пишува Фритјов Капра во „Време на пресврт“, Табернакул

Цртежи: Татјана Миљовска

ОкоБоли главаВицФото