Најнеобичната книга за деца на Морис Сендак

30.10.2014 12:21
Најнеобичната книга за деца на Морис Сендак

Една од најнеразбраните карактерни црти на Морис Сендак, која истовремено е и истата онаа која го претворила во еден од најиновативните и највлијателните раскажувачи на сите времиња, е неговата длабока верба во детската отпорност и неговото непоколебливо одбивање да им дозволи на стравовите и самоцензурата на возрасните да ја контролираат детската фантазија, за која верувал дека поседува огромна емоционална интелигенција при разоткривањето на „мракот“. Ваквото негово размислување е соодветна преобразба на изјавата на Толкин дека „не постои нешто што може да се нарече 'книжевност за деца'“, а која Сендак ја искажал во своето последно интервју, огорчено кажувајќи му на Стивен Колберт: „Јас не пишувам за деца. Јас пишувам, а потоа некој вели: 'Тоа е за деца!'“

Многу од делата на Сендак се сметаат за контроверзни токму поради ова недоразбирање, што довело и до забрана на „Во ноќната кујна“, како и до бесот предизвикан од неговите сензуални илустрации за книгата на Мелвил. Сепак, ниедна негова книга не привлекла толку многу внимание како неговото ремек-дело од 1993, „Сите сме на ѓубриштата со Џек и Гај“ – невообичаена фузија на два познати стиха од детските песнички на Мајката Гуска, „Во ѓубриштата“ и „Џек и Гај“, преобмислени и обновени со неповторлива сензибилност од страна на Сендак и вклопени во неверојатно богатиот културен и личен контекст.

Напишана за време на најстрашното беснеење на сидата и среде епидемија на бездомништво, оваа мошне симболична и сензитивна приказна се чита речиси како повик за милост, за светлина, за воскреснување на човековиот дух во време на огромна тага и болка. Но над сѐ, таа е жив споменик посветен на надежта, изграден не врз негирањето на безнадежноста, туку заснован во можноста таа деликатно да се деконструира.

На најосновно ниво, книгата раскажува приказна за едно изгладнето црно бебе, дел од група бездомни деца кои се облечени во партали од весници, живеат во картонски кутии, и се киднапирани од банда џиновски стаорци. Џек и Гај, кои поминуваат покрај нив и прво ги разбркуваат бездомните деца, се сведоци на киднапирањето и решаваат да го спасат момчето. Но стаорците ги предизвикуваат на игра бриџ, вложувајќи го детето како награда. По серија предизвици прикажани низ најразлични страшни сцени, Џек и Гај ги победуваат непријателите, спасувајќи го момчето со помош на сеприсутната Месечина и на една голема бела мачка која ги брка стаорците.

Но вистинската магија на книгата лежи во нејзиното прикажување на многубројните идентитети на Сендак – син на преживеани жртви од Холокаустот, хомосексуалец кој бил сведок на ужасите на сидата и суптилен жонглер на темнината и светлината.

Дејството на приказната се одвива во Сиропиталиштето Св. Павле, ужасно место кое потсетува на Аушвиц. При партијата бриџ, „дијамантите се безвредни“ (“diamonds are trumps“) функционира како фраза со болно двојно значење, суптилно укажувајќи на алчноста на најбогатите луѓе на светот и на улогата на многубројните влијателни богаташи (налик на Доналд Трамп) во систематското ширење на социјалната чума – бездомништвото. Ова е одразено и на самиот наслов на книгата, каде преку умна јазичка игра авторот укажува дека бездомништвото не е ограничено на бездомните, но е проблем за сите, а секој од нас е еднакво одговорен за неговото решавање.

Џек и Гај изгледаат како геј двојка, и нивниот труимф при спасувањето на детето наликува на посвојување, две децении пред тоа да стане прифатлива тема за детски книги. „И заедно ќе го одгледаме/ Како што прават сите други“ (And we’ll bring him up / As other folk do), гласат последните стихови. Тука повторно се открива двојното значење, како што двата лика се прикажани со крила на грбовите, полетувајќи кон небото и придавајќи му одредена аура на избавување на овој последен стих (кој буквално може да се преведе и како „Ќе го понесеме нагоре“). На крајот, тројцата се прегрнуваат како вистинско семејство среде светот кој е сепак несовршен, но исполнет со љубов.

„Сите сме во ѓубриштата
Затоа што дијамантите се безвредни
Мачињата отидоа во Св. Павле!
Бебето е мало
Месечината е на своето место
А куќите се изградени
Без ѕидови

Џек и Гај
Излегоа да се прошетаат
И пронајдоа едно мало момче
Со едно помодрено око
Ајде, вели Џек, да го удриме
По главата
Не, вели Гај
Ајде да му купиме леб
Ти купи една векна
А јас ќе купам две
И заедно ќе го одгледаме
Како што прават сите други.“

На многу начини, ова е најзначајната и најличната книга на Сендак. Всушност, дваесет години подоцна, Сендак ги воскреснал ликовите на Џек и Гај во неговата неверојатна последна книга, постхумно објавеното љубовно писмо до светот и до неговиот долгодишен животен партнер Јуџин Глин. Џек и Гај, според драмскиот писател и режисер Тони Кушнер, близок пријател на Сендак, ги претставуваат двете најзначајни личности во животот на илустраторот. Џек е неговиот вистински брак Џек, чија смрт длабоко го погодила Сендак, а Гај е Јуџин, љубовта на неговиот живот, човекот кој Сендак го надживеал по педесет години поминати заедно; тие двајцата ќе можеа да го уживаат правното достоинство на бракот ако случајно поживеаја уште малку, за ја видат зората на брачната еднаквост. 

Низ целата книга можат да се препознаат многубројните влијанија кои Сендак го инспирирале во текот на животот и кариерата. Како и стиховите и цртежите на Вилијам Блејк, визуелната поезија на Сендак во „Сите сме на ѓубриштата со Џек и Гај“ е длабоко заинтересирана за човечкиот дух и, особено, за (не)згодите на децата.

Ова дело е едно од многубројните и повеќеслојни, за жал, недоволно познати дела на Сендак, меѓу кои спаѓаат и неговите прекрасни постери кои ја слават радоста при читањето, неговите необјавени цртежи, неговите рани винтиџ илустрации за „Песните на невиноста“ на Вилијам Блејк и неговата провокативна уметност за книгата „Пјер“ на Мелвил.

Извор: brainpickings.org
Илустрации: Морис Сендак

ОкоБоли главаВицФото