200 евра казна ако два месеци не сте зеле плата

30.10.2014 13:29
200 евра казна ако два месеци не сте зеле плата

Скопје, 30 октомври 2014

Министерот за финансии Зоран Ставревски денес најави уште една во серијата нови казни во Македонија. Се работи за казна која ќе треба да ја плаќаат работниците кои не земаат плата.

„Видете, оваа казна се наметна природно после сите останати казни. Имаме казни за сè и сешто, па сметавме дека треба да има и за ова. Ако на некого му доцни платата неколку денови, недели или пак месеци, тоа е период во кој лицето нема да може да троши, да купува работи, да плаќа сметки и слично, па преку тоа да ни стигнуваат пари во буџетот од даноци. Дури и ако го казниме за кал на гумите, нема да може да ни ја плати казната, па губиме многу пари на тој начин“, објаснуваше Ставрески.

Како што кажа министерот, висината на казната зависи од тоа колку брзо ќе ја платите.

„Ако два месеци не сте зеле плата, автоматски ќе ви стигне казна од 200 евра која ќе мора да ја платите во рок од 3 дена. Ако не, ќе треба да платите 300 евра во рок од една недела, или 500 во рок од еден месец. Значи, тргнете на страна 200 евра, за во случај да ви доцни платата, и немате гајле. Или ако не сте вработени, побарајте од некого 200 евра пред да се вработите и чувајте ги под перница за ваков случај. Ќе му ги вратите кога ќе ви стигне плата. Ако не, здравје, не се некои големи пари 200 евра“, рече Ставрески.

Тој додаде дека ова решение ќе придонесе за менување на работите.

„Па, ако знаете дека ќе ви стигне казна, нема да дозволите да ви доцни платата. Ако не сте зеле за претходниот месец, веднаш почнете да го молите газдата да ви даде пари, бидејќи ако помине уште еден месец ќе треба да платите казна. Со тек на време мислам дека ќе има резултати, па платите веќе нема да доцнат и граѓаните ќе имаат пари за да ги плаќаат другите казни“, оцени министерот.

Веднаш по прес конференцијата на Ставревски со реакција се јави и претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, д-р Живко Митревски, кој кажа дека синдикатот е презадоволен од сумата од 200 евра за казна која била постигната по макотрпни преговори помеѓу синдикатот и владата.

„Првично беше планирано казната да биде 500 евра, но ние успеавме да ја намалиме на 200“, се пофали Митревски.

Извор: kozanostra.net