Каде сме, Белград?

30.10.2014 14:21
Каде сме, Белград?

Живана Станковиќ, Ромката која изгуби три деца во пожар, останува во притвор, и според сите изгледи ќе биде осудена на неколку години (најмногу осум). Сосема е уверливо дека е виновна за „негрижа“ бидејќи во картонската кутија во која живеела со пет деца го греела своето семејство со свеќа, истовремено и заштита од глувци. Свеќата паднала, сè се запалило. Околностите, олеснителни и отежнувачки, ќе ги оцени судот, во кој немам намера да се сомневам однапред. Ние останатите, набљудувачите, можеме до сто еден и назад да проценуваме, одмеруваме и резонираме за судбината на групата (Роми), судбината на жената во таа група, судбината на децата во таа група, и така натаму. Преживеаните бебиња на Живана можеби под државна грижа ќе бидат посити, почисти и поисчешлани. Во меѓувреме, стотици и илјадници такви, отпаднати од системот, администрацијата и животот, живеат на работ, но и во срцето на градот. Во овој случај, тешко е да се пријде до наслебата во која СИТЕ живеат како Живана Станковиќ, бидејќи има многу кал. Можеби треба да се почека додека калта не замрзне?

Но, воопшто не станува збор за тоа како да се смирува, да се рационализира, не предизвикувајќи уште поголема омраза - тоа е веќе постигнато во голема мера. Поточно, судбината на Живана Станковиќ, нејзините деца и нејзините соседи комотно ѝ ја препуштивме на онаа гранка од власта и оној дел од државата за кој мислиме дека сè уште функционира. Сите други приказни за односот на судството и граѓаните се добри за објавување, некои и за ангажирање, единствено оние за Ромите некако баш не се. Посебно за оваа, најтрагична од сите Ромки.

Да речеме дека на Живана Станковиќ повеќе не може многу да ѝ се помогне. Значи, само од очај и безнадежност, а не за да обвинувам кого било, морам да ги поставам прашањата на кои најмногу би сакала да добијам одговор во облик на демант и навреденост што воопшто се поставени.

-Колку организации и/или поединци отидоа да ја посетат населбата во која Живана Станковиќ живееше, макар заради распрашување за преостанатите деца и прашување/анкетирање за тоа што би било најкорисно, барем пред оваа зима, да се направи за нив?

-Колку подарени шпорети на дрва, пакети за деца (облека, храна, хигиена, книги) и пакети за возрасни се однесени во населбата каде се случи несреќата?

-Колку славни и богати адвокати се затрчаа да ја бранат Живана Станковиќ pro bono?

-Колку поединци и организации понудија мотанжни куќи, станбени контејнери, доброволна работа за да се подобри состојбата во оваа населба (можеби и во другите слични)?

-Колку социјални работници во таквите населби ги поттикнувале потенцијалните граѓани на Србија и им помагале да станат полноправни граѓани со релативно едноставните административни постапки?

-Колку ресторани ја доставувааат својата дневно непотрошена храна во ваквите населби?

-Колку жени или женски организации отидоа да ја посетат Живана Станковиќ во притвор, да се распрашаат за нејзината состојба и да ѝ купат нешто што ѝ треба, да речеме цигари?

-Колку невладини организации го презедоа слчајот на Живана Станковиќ, за подобро и похумано да го претстават во јавноста, да предизвикаат интерес, да најдат средства и решенија?

-Колку пратеници во српскиот парламент го поставија прашањето на општествениот статус на Ромите по повод овој случај?

-Колку градски советници покренаа акција, и кои, да се подобри состојбата на урбаните Роми во Белград и околу Белград?

-Колку луѓе и организации во Белград јавно демонстрираа за заштита на основните човекови права на Ромите во Белград?

-Кому му падна на памет во известувањето за овој случај на Живана Станковиќ да ја наведе како „госпоѓа Станковиќ“?

Искрено се надевам дека ќе добијам одговори кои сведочат за мојата неинформираност на сите дванаесет прашања. А ќе бидам среќна и ако добијам барем еден. Баем мојата неинформираност ќе биде уште еден канал да се зборува и мисли за овие работи.

Извор: Peščanik.net, 29.10.2014.

ОкоБоли главаВицФото