Морална економија на долгот

31.10.2014 12:11
Морална економија на долгот

Секој економски крах со себе повлекува барања за отпис на долговите. Приходите со чија помош требаше да се вратат кредитите испарија, додека имотот ставен во залог ја изгуби вредноста. Доверителите ја бараат својата фунта месо, должниците бараат помош.

Погледнете го Strike Debt (Избришете го долгот), изданок на движењето Окупирaј, кој се нарекува „национално движење за отпор против долговите во борба за економска правда и демократска слобода“. Оваа организација на својот веб-сајт тврди дека луѓето „со стагнацијата на платите, системската невработеност и кастрењето на јавните услуи“ се приморани да се задолжуваат за да ги задоволат најосновните животни потреби, што ги присилува „да ја предадат својата иднина на банките“.

Една од нивните иницијативи е Rolling Jubilee, колективно финансирање на откупот и бришењето на долговите, во процес кој тие го нарекуваат „колективно несогласување“. Успехот на оваа група е импресивен, бидејќи досега собра повеќе од 700.000 долари и откупи долгови вредни речиси 18,6 милиони долари.

Толку евтин откуп на долгови е можен благодарение на постоењето на секундарен пазар на должнички обврски. Финансиските институции кои се сомневаат во способноста на своите должници да ги вратат долговите го продаваат долгот на трета страна по намалена цена, често дури и за 5 центи по долар. Потоа купувачите се обидуваат да профитираат наплатувајќи делумен или цел износ од должникот. Американската фирма за студентски кредити Sallie Mae призна дека продава препакувани долгови за само 15 центи по долар.

За да го сврти вниманието на често сомнителното работење на наплатувачите на долгови, Rolling Jubilee неодамна го отпишаа студентскиот долг за 2.761 студент од Еверест Колеџ, профитна школа чија што матична компанија Corinthian Colleges сега е тужена од америаканската држава за давање предаторски заеми. Кредитното портфолио на Еверест Колеџ беше проценето на речиси 3,9 милиони долари. Rolling Jubilee го откупи за 106.709 долари односно за околу три центи по долар.

Но, тоа е капка во морето. Само во САД, студентите се должни повеќе од трилион долари, односно околу 6% од БДП. А студентската популација е само една од многуте социјални групи кои живеат така што се задолжуваат.

Во целиот свет, економската криза 2008-2009 го зголеми товарот на приватниот и јавниот долг - до таа мера што јавно-приватната поделба стана замаглена. Во неодамнешниот говор во Чикаго, пртседателот на Ирска Мајк Хигинс објасни дека приватниот долг е претворен во државен: „Покрај потребата државата да се задолжува за да ги финансира тековните расходи, и пред сè, како резултат на гаранциите дадени на големите ирски банки на нивниот имот и обврски, вкупниот долг на Ирска порасна од 25% од БДП во 2007 година на 124% во 2013.“

Ирската влада, секако, сакаше да го спаси банкарскиот систем. Но непредвидената последица од спасувањето беше нарушувањето на довербата во државната солвентност. Во еврозоната, Ирска, Грција, Португалија и Кипар мораа да го реструктурираат државниот долг за да избегнат банкрот. Порастот на размерот на долгот во однос на БДП фрли сенка на фискалната политика и стана главен изговор за политиката на штедење која ја продолжи кризата.

Ништо од ова не е ново. Судирот помеѓу доверителите и должниците е составен дел од политиката уште од времето на Вавилон. Скаменетите структури отсекогаш се залагале за светото право на доверителот, политичката нужност често барала помош за должниците. Која страна ќе превагне во дадените околности зависи од длабочината на неволјата на должникот и од силата на соперчничката доверителско-должничка коалиција.

Моралот отсекогаш бил интелектуално мерило на овие судири. Доверителите, наметнувајќи го своето право да бидат исплатени во целост, низ историјата создавале што е можно повеќе правни и политички пречки за банкрот, инсистирајќи на остра казна - запирање на приходите, на пример, или во краен случај, на затвор или дури ропство - ако должникот не ја почитува својата обврска. Од државите кои се задолжиле во скапите војни се очекувало да одвојуваат годишни средства за отплата.

Но моралот не е во целост на страна на доверителите. На новозаветен грчки, долг значи „грев“. Но, иако е можеби грешно да се задолжувате, Евангелието по Матеј 6.12 ја поддржува прошката - „прости ни ги долговите наши како што и ние им ги простуваме на должниците свои“. Широкиот општествен отпор кон замислата дека на доверителот му припаѓа имотот на должникот во случај на неплаќање довел до тоа „запленувањето на имотот“ ретко да се спроведува до крај.

Положбата на должникот е дополнително засилена со забрана на лихварството - наплатувањето на неразумно висока камата. Каматните ограничувања се укинати во Британија дури во 1835; каматните стапки на централните банки од речиси нула проценти кои доминираат од 2009 претставуваат денешен пример за напорот да се заштитат должниците.

Точната вистина, како што истакнува Дејвид Грејбер во својата маестрална книга „Долг: првите 5.000 години“, е дека во односот помеѓу доверителот и должникот не постои никаков челичен закон на моралот: тоа е општествен однос за кој секогаш мора да се преговара. Кога квантитативната прецизност и непопустливиот пристап кон должничките обврски ќе станат правило, набрзо следат судири и беда.

Во настојувањето да ги зауздаат редовните должнички кризи, традиционалните општества прифаќале „закон за простување“, свечено бришење на долговите. „Законот за простување“, пишува Грејбер, „пропишувал дека сите долгови автоматски ќе бидат отпишани во сабатната година, односно после седум години, и дека сите кои седеле во ропство поради такви долгови ќе бидат ослободени“. Rolling Jubilee претставува добар потсетник на денешното значење на еден од најстарите закони на општествениот живот.

Поуката од приказната не е, како што Полониј го учел својот син Лаерт, „не задолжувај се и не позајмувај никому“. Без едното и другото, човештвото можеби сè уште би живеело во пештери. Наместо тоа, треба да ја ограничиме понудата и побарувачката на кредити на она што економијата е во состојба да го произведе. Како да се направи тоа и да се зачува слободата на претприемништвото е едно од големите нерешени прашања на политичката економија.

Извор: Social Europe Journal

ОкоБоли главаВицФото