Не го чепкајте Фрчкоски!

01.11.2014 10:16
Не го чепкајте Фрчкоски!

Последниот атак на инквизицискиот пиoн на режимот, Томе Аџиев, врз Фрчкоски со неговото барање професорот да биде избркан од Универзитетот, не носи со себе само правни проблематики. Најчевска тие моменти - неуставноста на Законот за лустрација и фаличноста и неоснованоста на барањето одлуката на лустрациската комисија и прогласувањето за кодош да бидат основа за бркање од работа - брилијантно ги дисецира и ги оспорува.

Јас, сепак, мислам дека и самото правно оспорување на еден неуставен закон на одлуките на една инквизициска и варварска институција која режимот ја создаде за да лови вештерки, да стигматизира и да сатанизира политички или идеолошки противници, неправно и антиисториски да го ревидира и да го ревизионира поранешниот систем, па дури и плуралниот поредок кога ДПМНЕ не бил на власт, иако е добредојдено, сосема е беспредметно. Овој фашистички закон и оваа фашистичко-партиска институција со самото свое постоење се фаличен, неуставен, лажен и политичко-идеолошки искреиран инструмент, чие правно оспорување на некој начин им дава супстанцијалитет. Фашизмот не се оспорува, тој се уништува, се истребува, здраворазумски и вредносно се погазува и се отфрла. Сакам да кажам, овој закон е само една од алките на режимот, инструмент кој материјално, но и духовно го санкционира нивниот фашистички и тоталитарен дух и тој мора да се отфрли во целина, како и самиот режим.

Затоа, сакам да се позанимавам повеќе со симболичниот аспект на овој налудничав процес, кој како своја најеминентна жртва го посакува професорот Фрчкоски. Како прво, овде не е во прашање само индивидуата Фрчкоски, туку институцијата Фрчкоски. Видете, професорот е симбол на слободата и мислата, на науката и на институциите, со други зборови, симбол на една демократска држава и на демократски политики. Фрчкоски е тоа што уште Макијавели луцидно ќе го именува како „Servitore dello Stato“ (службеник на државата). Воедно, со атакот врз него лично се атакува, иако тоа е веќе воспоставена пракса, врз еден од креаторите на нашиот републикански и демократски Устав, а со тоа и врз самиот Устав. И обратно! За режимот не е доволно што константно се гази Уставот, туку преку газење на Уставот сака да го згази и неговиот автор.

Но, Фрчкоски не е само тоа! Професорот е еден од клучните актери во креирањето на независна Македонија, човек кој во тие историски и судбоносни моменти, а и подоцна, покрива клучни позиции и раководи со некои од најважните институции. Обидот за газење на неговите заслуги во тој процес не е само индивидуална неправда и злосторство, туку е и колективна и национална. Режимот смета дека преку понижувањето и бркањето на Фрчкоски ќе додаде уште едно делче од сложувалката во својата смешна, но во исто време, и трагично деструктивна ревизија на нашата поблиска или подалечна историја. Настрана што ја уништуваат нашата институционална меморија, режимот секогаш се стремел кон уништување на нашата историска меморија.

Но, и сево ова не е доволно за да се опише Фрчкоски, неговите заслуги и неговото значење за нашето општество и држава. Фрчкоски е вонсериски мислител и професор, уникатен човек и мозок каков што во Македонија, па и пошироко, му нема рамен. Професорот е една од ретките индивидуи кој не само што има поставено ненадминати стандарди во полето на науката и професурата, туку е можеби и единствениот кој денес го брани достоинството и правото на нешто во оваа земја да се нарекува под името наука или професура. На овој наш пропаднат и потчинет Универзитет, Фрчкоски е најважната причина за таа институција сѐ уште така да се именува.

Фрчкоски е „меѓународна“ фигура, како што симпатично самиот би изговорил. Неговото бркање не би било срам само за режимот, туку и за државата, затоа што професорот е познат и ценет и надвор од неа. Уште од моите универзитетски денови во Италија кога ќе сум кажел дека доаѓам од Македонија, прво нешто што професорите ќе ми спомнеле, било за Фрчкоски и колку го ценат. Ете, Фрчкоски бил и мотив за гордост дека светот кој толку малку знае за Македонија, само поради еден човек има толку високо мислење за нашата земја и држава.

Конечно, Фрчкоски е можеби најголемиот индивидуален критичар на нашиот режим, човек кој секогаш оригинално и суштински го демистифицира и деконструира лудилото и варварството кое ни се случува. Дали во практичен или теоретски дух, неговите ставови, изјави, колумни никогаш не биле банални и се убедливо најчитаните и најследените во духовно и образовно осиромашената и опустошена Македонија. Јас за многу политички ставови не сум го споделувал истото мислење со професорот, некогаш мислејќи дека некои негови гледишта се преопшти, утописки, идеални, но никогаш не сум останал рамнодушен на неговата систематичност, ерудиција и експертиза. Тоа што е најважно и покрај сите неоспорни квалитети, е неговото чувство за должност кон оваа држава, надежта и смислата за решение кои трасудираат од неговата појава и дело, пркосот кој човек со негов габарит беспоштедно го демонстрира, во времиња кога цели институции изумреа или се потчинија, а камо ли индивидуи. Ете, затоа Фрчкоски е институција, покрај тоа што е голема индивидуа.

Јас не знам дали намислата на режимот преку дворската будала Аџиев ќе успее, дали деканот на Правниот факултет ќе издржи на својот благороден став или, едноставно, како за сето останато и бркањето на Фрчкоски ќе им помине и овој народ тоа ќе го проголта?! Знам, дека нема да останам нем и слеп, дека ако треба, сам ќе протестирам против таквиот процес. И мојот протест не е и нема да биде само против бркањето на Фрчкоски, туку против цивилизациското уназадување кое тоа бркање го претставува. Овде, самиот Фрчкоски е вреден и заслужува протест затоа што е човек кој претставува многу нешта кои се толку ретки, а толку многу потребни. Конечно, без Фрчкоски би недостасувал еден културолошки стратус без кој не никнува ништо, ниту рози, ниту трње. Би имало само празнина која нема кој да ја исполни. Професорот е тука и за нашите лични, човечки верификации, да си се самопотврдиме, да си го провериме паметот. Да се споредиме со тој што го цениме, да се измериме, да се подобриме.

Еден ден Аџиев, како и многу други, кога ќе му се суди на режимот, ете, токму тој и нему сличните ќе бидат симболите на режимот, оние кои практично го спровеле неговото варварско лудило. Фрчкоски одамна е и секогаш ќе биде симбол на една поинаква, подобра, демократска, образована, напредна и горда Македонија.

Не го чепкајте Фрчкоски! Се закачате со многу поголема работа од еден човек! Човек кој вие не можете да го избркате, но кој може вас да ве осуди да останете тука. Вие, тираните на и над плебесот, авторите на овој бесмислен масакар, владетелите на бескрајни хектари човечко месо, без никаков концепт и цел, освен вашите мизерни средства и интереси, на пат сте да направите уште едно злосторство.

Извор: plostad.com.mk
Слики: Свирачиња