Телохранители со докторски дисертации

01.11.2014 11:58
Телохранители со докторски дисертации

Отсекогаш ме забавувала опсесијата на г. Никола Груевски со македонскиот образовен систем. Кога зборува за овдешното образование, од Груевски, невешто затскриено зад технократскиот реформски дискурс, извира некаква бес, некаква завист на човек кој се чувствува како аутсајдер во македонските, а особено скопските образовни институции. Тоа може да е резултат и на неговиот досегашен слаб, дури и потпросечен образовен резултат постигнат низ тие институции. Своевремената презентација на неговиот магистерски труд во МАНУ требаше да биде јасен сигнал за неговата намера да ја понижи овдешната академска заедница и систем, во што, сѐ чини, и успеа. За илустрација за ова, погледајте ја фрустрацијата што извира од секоја реченица на Груевски кога е оваа тема во прашање:

„Екстерното тестирање во средните училишта е почеток на крајот на ерата во која царуваше неправично оценување кое започна како тренд во деведесеттите, заедно со транзицијата и новопечените богаташи, кои непосветеноста на развојот на децата сакаа да го компензираат и да го купуваат со поправање на нивните оценки преку притисоци врз наставниците и професорите кон оние што немаа таква моќ, на сите да им пишуваат високи оценки.“ (Интервју на Груевски за Нетпрес, 07.07.2013)

ПАТРИОТСКА УКА НА НАРОДОТ

Со вака оптоварен идеолошки пристап, потребната образовна реформа не може да успее. Нашиот популистички лидер себе се доживува во голем историски формат, па не може да прави каква било реформа, туку само таква што историјата на нацијата ја дели на „ерата пред него“ и „ерата откако е тој дојден на власт“ – пред него имало „непосветеност на развојот на децата“ од страна на корумпираните богаташи, се купувале оценки, редовни биле притисоците кон наставниците и професорите и кон оние кои немале моќ… Следствено, преродбеничката улога во изминативе десетина години требаше од Македонија да направи „балкански образовен тигар“, според истите популистички методи применети и во другите области: проблемот беше лоциран во мрзеливата, корумпирана, протекционистичка и предавничка македонска образовна елита која требаше да се разбие, да се понижи, да се лустрира и да се поапси, за да биде заменета со новата, чистокрвна раса на образовани вмровци кои потекнуваат од народот и кои напорно, чесно и патриотски посветено ќе работат за ука на народот, ширејќи ја каузата дека работата ве прави слободен! За три-четириесет милиони евра некорумпирано се купија илјадници компјутери, се преведоа стотици наслови од „модерни“ книги (оти дотогаш, срам-да-ни-е, се учеше од заостанати, немодерни книги, а не од сегашните блескави преводи), се отворија факултети низ селата и низ приградските населби за 97% од завршените средношколци да се запишат на универзитетски студии и Македонија образовно веќе требаше да се најде рамо до раме со светскиот успех на нашиот „дуинг бизнис“…

Ама, ете, не бидна така. Самиот Груевски неодамна призна дека „имаме факултети, па и цели универзитети каде проодноста на студентите е без знаење или без доволно знаење, каде што се ставаат деветки и десетки на секој, независно кој колку научил. Тоа е нездраво за едно општество. Тоа е правење штета на самите студенти. Тие стануваат, на некој начин, инвалиди во своето знаење.“ Благодарение на образовните реформи, дојдовме до тоа возачите и телохранителите на министрите да докторираат пред министрите кои ги развезуваат на вечерните училишта за докторирање.

Во „ерата на Груевски“, сите степени на образование во Македонија даваат полоши резултати, растат пороците (особено наркоманијата) меѓу младите (за чиј развој, нели, порано недостасувала „посветеност“!), сега уште повеќе млади од порано својата иднина ја гледаат надвор од татковината, студентскиот стандард е подеднакво беден, како и некогаш, убедливо најчитаната литература се билтените по обложувалниците, а „дисперзираните“ факултетски дипломи на Груевски не вредат пет пари ни на домашниот, а камо ли на меѓународниот пазар на труд…

Решение? Има: ќе се воведат екстерни тестирања и државен испит за студентите на втора и четврта година студирање. А и секој ќе мора да ги измие рацете пред да влезе на предавање.

Браос!

РЕЗУЛТАТОТ (НЕ Е) ПОВАЖЕН ОД ПРОЦЕСОТ

Во една класична популистичка политичка матрица – додуша, идеолошки блиска до некои социјалистички школи на мислење – Груевски ја разбира државата како голем механизам за создавање, а не за распределба на општествените ресурси и моќ. Државата има командна општествена улога, таа е „алфа и омега“ во сите општествени сфери и е механизмот за „месење“ на општествениот пластелин според желбата на власта. Во таа смисла, образованието е организираниот, долгорочен инструмент за менталниот преврат на народот. Тоа мора да создаде лојални и послушни граѓани/поданици. Груевски мисли дека основната цел на студирањето е студентите да се стекнат со конкретни, униформирани знаења, а не со научната методологија којашто ќе им помогне да ги бараат знаењата – но, токму учењето знаење е превладувачкиот принцип на образовно бубање кое царува на нашите училишта и факултети (што, патем, е предмет на купи-продај оценки), бидејќи изучувањето на методологијата подразбира развивање на критичко мислење, креативност кај учениците и студентите коешто ќе ги натера повеќе да се сконцентрираат врз способноста да дебатираат, да поставуваат прашања, отколку да меморираат одговори. Од образованието се бара резултат, а не сконцентрираност врз процесот. Така се засилуваат принципите на послушноста, лојалноста и правоверноста, што е рецептот за општествен успех во денешна Македонија. Па, овде ни на прес-конференции не се дозволени прашања, а камо ли во образовниот процес!

Впрочем, кога сме веќе кај прес-конференциите, земете го за илустрација изучувањето на новинарството на универзитетско ниво во Македонија: од основањето на Факултетот за новинарство при УКИМ, пред повеќе од 35 години, до денес, над илјада дипломци се имаат стекнато со звањето професионален новинар; на Високата школа за новинарство при Македонскиот институт за медиуми, како и низ активностите на самиот Институт, во последните 13 години на разно-разни обуки или школување поминале над 1.200 овдешни новинари; којзнае уште колку низ другите универзитети завршиле во оваа професија, а до сега барем педесетина новинари се стекнале со магистерски и уште десетина со докторски звања од областа на новинарството… Формални резултати за почит! Па, што? Новинарската професија, во морална и професионална смисла, веројатно никогаш не била на пониски гранки во Македонија од тоа каде се наоѓа денеска, белки уште од времето на Јордан Хаџи Константинов – Џинот и Партение Зографски, од средината на 19-тиот век. Во оваа сфера на образованието реформите – и не само образовни – веројатно го дадоа најпосакуваниот резултат за власта.

РЕФОРМИРАЊЕ НА РЕФОРМИТЕ

Груевски нема доблест – а можеби ни памет – да признае кој е виновен за лошите резултати од неговата еднодецениска реформска политика во образованието. Убеден дека реформите се добро смислени, тој, природно, мисли дека единствениот проблем е нивното спроведување и како преродбенички да им се „продадат“ на јавноста. Што значи тоа? Тоа значи дека ќе се гонат „субверзивните елементи“ кои ги кочат реформите, ќе се воведуваат екстерни контроли на сите нивоа на стекнување знаења, ќе се промовираат построги казни и санцкиони механизми, ќе се предизвика уште поголем страв за некој да не праша нешто што не треба – со еден збор, ќе се зголеми притисокот врз системот за тој да го даде резултатот што е зацртан со реформата обмислена во политбирото. Плус ќе се вработат уште некоја илјадарка учители и наставници, школувани во вмровското реформирано македонско образование. А крајот на успешната реформа ќе се објави кога ќе се истера Фрчко од Правен.

После речиси една деценија од владеењето на ДПМНЕ сега може и да се докаже дека повеќето реформи во клучните сектори на државата не ги даваат посакуваните резултати за напредок. Кој е виновен? Се знае – сите, освен Груевски и неговите реформатори. Можете ли да се сетите на сите министри кои ни го реформираа здравството или образованието, на пример? Сега, новите реформи што се најавуваат имаат за цел да ги коригираат лошите резултати од реформите што самите ги спроведоа. Ете, би можеле да ги пуштат снимките од помпезните телевизиски промоции на претходните реформи и ви гарантирам дека никој нема да ја забележи промената. Бидејќи реформата што навистина ѝ е потребна на Македонија сѐ уште не е дојдена на дневен ред.

Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Rustam Qbic