За новите даноци и придонеси за хонорарците

05.11.2014 16:03

Нема хонорари над 9.590 денари за јануари

Во најдолгиот месец од годината, хонорарците што земаат надомест поголем од 9.590 денари, ќе останат без примања. Од авторската агенција „Берин“ велат дека од ПИОМ добиле известување, во кое се бара од нив да не исплаќаат хонорари поголеми од 9.590 денари сè додека на интернет-страницата не биде објавено известување за тоа како ќе се вршат пресметките.

НоваТВ

Весна Дамчевска - За хонорар од 9.591 денари, се плаќаат 4.028 денари за придонеси!

Иако придонесот за пензиско е 18 проценти, а за здравствено осигурување е 7,4 проценти, сметководителите објаснуваат дека овие стапки не се пресметуваат на нето-износот, односно на износот што го добиле работниците, туку на бруто-износот кој во себе ги вклучува придонесите и данокот. Згора на сѐ, не се зема предвид реално колку е исплатено како хонорар, туку се зема предвид просечната плата во Македонија, па и за хонорарците најниската основица е 50 проценти од просечната бруто-плата во јануари. Државниот завод за статистика сѐ уште ја нема објавено јануарската плата, а последниот податок се однесува за октомври и просечната бруто-плата изнесува 31.847 денари.

Слободен печат / Окно

Маја Томиќ - И странските инвеститори против оданочувањето на хонорарците

Многу забелешки и препораки до надлежните институции содржи првото издание на „Белата книга“, подготвено од Советот на странски инвеститори, кој го сочинуваат на 110 странски компании што работат во земјава, а се од разни профили и големина. Целта е да се влијае врз подобрувањето на деловниот амбиент, отстранувањето на непотребните бариери за бизнис и да поттикнувањето на инвестирањето.

Покрај позитивните оценки на реформските процеси и деловната клима во земјава, инвеститорите во „Белата книга“ даваат многубројни препораки и забелешки. Една од нив е и следнава:

-Силно се препорачува хонорарните договори и договорите за привремени вработувања да не подлежат на плаќање надоместоци за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување, бидејќи со тоа вработените немаат подобри права;

Утрински весник

Благица Петрески - Грбот на најкревките крепи најмногу

Лицата што остваруваат приходи по основ на договор за повремено вршење услуги се скоро најсиромашни, со просечен годишен приход од 78.038 денари. Правото за остварување пензија за овие лица изгледа како гулаб на гранка.

Economic Talks/ Окно

Ивана Нолчева - Ќе им бидат скратени и онака скромните хонорари

Со последните измени во Законот за хонорарните работници, во кои е предвидено да се плаќаат 35 проценти од хонорарот за придонеси и даноци наместо сегашните 10 отсто, голем број од домашните уметници застанаа против ваквата одлука на Владата, бидејќи, како што велат, тоа ќе оди единствено на нивна штета, со оглед на малите хонорари што ги добиваат

Нова Македонија

Екипа на БИРН - Новинарите - први жртви на придонесите за хонорари

Додека сè уште не се одвоени првите 35 отсто од еден хонорар за придонеси во новата 2015 година, а и не е исплатен ниту еден хонорар според новите измени на законите, дел од медиумите во земјава изнаоѓаат начини да се ослободат од обврската на сметка на новинарите-хонорарци.

Призма

Самка Ибраимоски - И пензионерите ќе плаќаат придонес за хонорарите

Законот едно, Фондот за ПИОМ друго, а министерот сосема трето. Пример за општ хаос во разбирањето на Законот. Зар е можно толку големи разлики во официјалните објаснувања на законските одредби кои треба да бидат кристално јасни и едноставни за примена?

Плусинфо

Соња Крамарска - Одмаздата на бизнисмените

Зошто дојде до оваа звучна шлаканица, до овој очигледен бојкот од страна на бизнис-заедницата кон владината мерка за вработување, до оваа недвојбено задоцнета одмазда кон извршната власт? И дали лавината од отпуштања на хонорарци или намалувања на нивните хонорари се случи само поради слабата финансиска кондиција на фирмите или и поради сознанието дека е подобро да си ги зачуваат парите во своите каси отколку да и' ги подарат на Владата. Вистинскиот одговор е некаде на средината. И покрај економскиот раст кој го покажуваат статистиките, финансиската моќ на компаниите оди по надолна линија и ним сега секое ново оптоварување им паѓа тешко.

Утрински весник

Ване Георгиев - Власта со прописите за хонорарите лови „три во едно“

Читаме дека во земјава има околу 100.000 лица кои се водат како хонорарци и 27.000 со авторски договори. Власта ја интересираат парите од нивните договори, нема да има никакви реални намалувања на невработеноста ама ќе има бришења од списокот на невработеност и за хонорари од 100 евра... Во секој случај власта ќе има и пропагандна корист од овој пропис, додека цели дејности, особено во областа на културата можат да бидат девастирани.

Глобус

Весна Дамчевска - Апаши, нема да ви платиме, уште помасовно ќе се вратиме!

Нема да дозволиме од нашите пари да одземат 35 проценти, зашто тие нема да ги спасат упропастеното здравство и празниот пензиски фонд, туку со нив ќе се градат фасади, порачаа демонстрантите.

Слободен печат / Окно

Ѕвездан Георгиевски - Хонорарци

Овие некогаш почесни граѓани, одамна се претворија во граѓани од втор ред, а сега веќе се и понижени и навредени и целосно осиромашени. Едноставно, одземено им е едно од основните човекови права – да располагаат со својот труд.

Окно

Мариглен Демири - Што со студентите?

Студентите се оние коишто треба да бидат консултирани како дел од јавноста и како категорија на граѓани засегнати со сите промени во општеството. Гласот на студентите претставува интегрален дел до гласот на јавноста којашто задолжително треба да се сослуша, да се земе предвид и врз база на тоа да се гради иднина.

Окно

Солидарност - Зошто плаќањето придонеси за хонорарите е неприфатливо

Намерата на Владата да воведе плаќање придонеси за хонорарите од 1 јануари 2015 година ќе доведе до зголемување на сиромаштијата и до зголемување на невработеноста. Покрај тоа, изземањето на државните службеници од оваа обврска што Владата им ја наметнува на сите други смртници, без никакво логично објаснение, ја покажува целата извитопереност на вака зацртаниот концепт на плаќање придонеси за хонорарите.

Солидарност / Окно

Слободен печат - Битка против придонеси за хонорарите

Неколку синдикални организации и движења на граѓани ја опоменуваат владата дека законските измени нема да ги решат проблемите и дека е најдобро да ги стопира законските измени.

Слободен печат / Окно

Законските измени за хонорарците ќе доведат до намалување на работничките права

Заеднички став на потписниците на Синдикалната повелба по повод воведувањето на плаќање на придонеси за задолжително социјално осигурување.

solidarnost.mk / Окно

Весна Дамчевска - Тие со најниски плати плаќаат најголеми придонеси?!

Согласно со ваквата регулатива, тие што имаат најмали примања, во Македонија плаќаат најголеми давачки. Така, за минимална плата од 8.800 денари давачките се 4.340 денари, што значи дека платата се оптоварува со дополнителни 49,3 проценти. Ако, пак, пресметките се прават на реалниот износ што го добиваат работниците, а не на половина од просечната бруто-плата, тогаш оптоварувањето ќе биде за 6 проценти помало и давачките ќе беа 3.788 денари. Согласно Анкетата за работна сила за 2013 година што ја објави Државниот завод за статистика, нето-плата помала од 15.451 денари земаат половина од работниците.

Слободен печат / Окно

Весна Дамчевска - Од хонорарите голем смут, а само трошки во државната каса

Ако сите хонорарци платат придонеси, независно од тоа дали оствариле хонорар во висина на минималната плата што е услов за нивно плаќање, ќе покријат едномесечен трансфер на државата кон Фондот за ПИОМ.

Слободен печат / Окно

Весна Дамчевска - Се тресат и хонорарците и вработените и работодавците

Практично, ова значи дека за помали хонорари ќе се плаќаат поголеми придонеси. Според последните податоци, просечната плата во Македонија е 21.217 денари, односно 50 проценти од овој износ е 10.608 денари. Независно дали хонорарот е на пример 9.000 денари, или 9.500 денари, фондовите ќе си пресметаат придонеси како да е исплатен хонорар од 10.608 денари. Работодавачите се затечени од оваа информација и велат дека кога се зборувало за законските измени, такво нешто воопшто не било спомнато.

Слободен печат/Окно

Маја Томиќ - Да се биде хонорарец или не

Дали да продолжам да работам хонорарно или да го прекинам договорот? Дали ќе ми остане и понатаму истиот хонорар или ќе земам помалку пари? Колку ќе плаќам секој месец за придонеси за пензиско и за здравствено и дали ќе имам пари за живејачка? Дали да извршам притисок врз работодавецот да ме пријави во редовен работен однос и што ако не успеам во намерата? Овие и многу други прашања им се вртат во главите на многуте хонорарци откако Фондот за пензиско и инвалидско осигурување деновиве ги објави измените во Законот за задолжително социјално осигурување кои ќе стапат во сила од почетокот на наредната година.

Утрински весник

Маја Томиќ - Двојни аршини за хонорарците

Законските измени нема да важат за повеќе категории хонорарци, на кои во најголем дел вообичаено им се исплатуваат солидни суми за хонорари. Така, од уплата на придонеси ослободени се: врвните и професионалните спортисти за премии, трансфери и слично, функционерите, пратениците, советниците и други носители на јавни функции, стипендистите, примања врз основа на договори за јавна работа на локалната самоуправа, договорите за закуп, волонтерите, надоместоците за судии, поротниците, вештите лица и стечајните управници и пензионери.

Утрински весник

Анета Додевска - Дефицитот во касата ги „начека“ хонорарците

Освен тоа што решението е спорно поради тоа што ги заштитува функционерите, пратениците, советниците, врвните спортисити и пензионерите, економистите велат дека тоа се коси и со меѓународните правила кои забрануваат двојно"однаочување". Имено, посочуваат пример во кој едно вработено лице, за кое веќе се плаќаат придонеси, остварува дополнителен приход за кој повторно ќе се плаќаат истите придонеси. Така, велат, економистите ќе се создаде состојба на плаќање на иста давачка два пати, што се коси со Уставот и меѓународните правила. Од друга страна тука е и прашањето што ќе добие од државата оној осигуреник, кој два пати ќе плаќа за здравствено осигурување.

Глобус

Никола Гелевски - Сега кога ми даде гомно, дај ми и лажица

Намерата на режимот да воспостави драстични даноци за луѓето што живеат од хонорари во прв ред е нова дрска пљачка на народните пари. Сè потешко се финансираат лудачките политики на еден одамна забеган владетелски слој („Фамилијата“), а потребите за корумпирање од ден на ден стануваат сè поголеми. Во втор ред, воспоставувањето нови даноци и придонеси е уште еден удар кон сите оние кои директно не зависат од (не)милоста на режимот, т.е. не се закачени на коруптивните партиски (пардон, државни) цицки. Меѓу другото, тоа е удар за малкуте преостанати независни медиуми и невладини организации кои главно живеат од (странски) грантови и хонорари. Во трет ред, новото драконско брцање партиски прсти (т.е. државни) во џебовите на последните не баш сосема контролирани граѓани е и уште еден тест, до каде може да оди затегнувањето на сиџимот или јамката.

Окно

Кој мора да плаќа, кој е ослободен од давачки, како ќе се прават пресметките?

Вработените кои освен плата имаат дополнителен приход поголем од минималната плата, но и невработените кои имаат исто така имаат приход поголем од минимална плата за тоа тоа ќе плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Односно за овие хонорари наместо само 10% персонален данок, од следната година дополнително ќе се плаќаат и 17,6% за пензиско и уште 7,3% за здравствено осигурување.

Фактор

Зошто нема оданочување на функционерите, судиите и спортистите?

Изземањето на функционерите, судиите, спортистите и стечајните управници од обврската за хонораите да се плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување предизвика серија негативни реакции во јавноста, во ситуација кога сите други кои добиваат хонорари што ја надминуваат минималната плата ќе мора да плаќаат дополнително пензиско и здравствено осигурување.

Фактор

Ерол Ризаов - Падна даночниот систем

Мојот омилен уличен продавач на весници ме замоли ако може да ургирам кај раководството на компанијата да му се намалат месечните приходи. Вели, од 1 јануари треба да плаќам 35 до 40 отсто данок на секој заработен денар. Досега оваа давачка беше 10 отсто. Ако ми го намалите приходот од десет на девет илјади денари месечно, нема да плаќам ни денар. Сега за десет илјади денари плата треба да продадам месечно 10.000 весници. Подобро ми е помалку да продадам, помалку да работам и да земам девет илјади, отколку да се скршам од работа и да земам 10.000 денари за кои треба да платам четири илјади денари казна, што тие го викаат данок. Нема подобро објаснување за најновиот изум на Владата да воведе на мала врата нови даноци. Колпортерот со својот здрав резон ја растури волунтаристичката политика во даночниот рај кој се претвора во пекол.

Утрински весник

Ерол Ризаов - Заробени медиуми: Даночниот рај станува пекол

Она што посебно загрижува е фактот што во новиот даночен рај најпогодени ќе бидат малкуте слободни медиуми и невладини организации кои не се под контрола на власта. Блиску до здравиот разум е дека владата кога ги подготвувала овие измени ова го имала предвид. Здружението на новинари и некои медиуми навреме алармираа за последиците од најновиот даночен намет, кој ги има сите елементи на казнена политика и нова глоба за слободата. Како и секогаш овие предупредувања не ја вознемирија власта. Напротив, тоа за неа значи дека е на вистинскиот пат да ги сотре докрај непријателите, предавниците и странските платеници, како што се претставени во јавноста медиумите и новинарите кои критички ги опсервираат владините политики и злоупотреби.

Сервис за проверка на факти од медиумите/Окно

Катерина Блажевска - Хонорарците меѓу прекаријат и нов удар врз џебот

Нов удар врз џебот на граѓаните, кој најтешко ќе го почувствуваат хонорарците. Вака се доживуваат законските измени кои ќе стапат во сила од 1 јануари 2015 година, а на голем број граѓани ќе им донесат 25 отсто помали приходи. Измените беа донесени летото, во шпицот на летните одмори, па најголемиот дел од јавност со новините се запознава дури сега, кога часовникот одбројува ситно до нивната имплементација.

(...)

Сомнежите дека целта на овие измени е да се пополнат дупките во фондовите, не се без основа. Дека во пензиската каса има се' помалку пари покажа и ланскиот ревизорски извештај, според кој кусокот изнесува околу 22 отсто од вкупниот буџет на Фондот. Втор сигнал е фактот дека во Собранието влезе предлог, според кој, висината на стапката на пензиски придонес за вработените нема да се менува во наредните три и пол години. Иако според владините проекции тој придонес во 2015 година требаше да се намали на 17, 6 отсто, висината на пензиското осигурување останува замрзната на 18 отсто до јули 2018 година. Ова е второ одложување на намалувањето на стапката на социјалните придонеси во последните две години.
Според податоците, денес еден пензионер го издржуваат 1,8 вработени, односно 526.000 работници работат за пензиите на 290.000 пензионери.

Дојче веле

Мирче Јовановски - Исклучоците не се добри кога стануваат правило

Стануваат ли исклучоците премногу често правило во нашата законска регулатива? Во речиси сите закони уште на почетокот стои дека тие се темелат на одредени начела, пред се' на оние за еднаквост, непристрасност и објективност. Но, понекогаш поради конкретни решенија во нив, со кои некои субјекти се исклучуваат од обврските, лаиците (и не само тие) се прашуваат дали навистина е така.

Утрински весник

Горан Ризаов - Хонорарците ем невработени ем обесправени

Наспроти аргументацијата на Владата и Синдикатите дека измените ќе поттикнат вработувања, затоа што работодавачите нема да имаат причина да имаат хонорарни соработници кога давачките за нив се исти како и за вработените, сомневањата се дека ќе се случи токму спротивното.

Претседателот на Конфедерацијата на работодавачи, Миле Бошков, посочува дека ваквите измени ќе доведат до тоа газдите да бараат повеќе начини за избегнување на плаќањето даноци. Една од првите опции што им е на располагање, секако е намалување на нето износот на хонорарот.

Призма/Окно

Ѕвездан Георгиевски - Прекарни работници

Од неодамна и Македонија се приклучи на оние земји кои решија дека и на прекарните работници им следува пензиско и здравствено осигурување, со што прекаријатот барем малку го доближија до правата на редовно вработените. Така барем изгледа на прв поглед, но секогаш (барем во македонскиот случај) постои она неизбежно „но“. Како што сега стојат работите, обврската за уплата во пензискиот и здравствениот фонд нема да биде на газдите, односно правните лица, туку ќе падне на товар на прекарните работници, што ги става во целосно нерамноправна и апсолутно незавидна положба. Сосема е поинаку кога преговарате за нето исплата, а сосема е друго кога самите треба да пресметувате колкаво бруто ќе побарате. Башка што барем засега не е јасно дали хонорарите што подлегнуваат на овој тип оданочување треба месечно да го достигнат нивото на нето или на бруто минимална плата. Како и да е, и досега понижените хонорарци сега ќе бидат целосно обезвреднети

Окно

Арслан Новинарски - Ќе се плаќаат придонеси и за паричките најдени на улица

Со новите измени на Законот за придонеси се предвидува граѓаните кои ќе најдат метални парички на улица да издвојат дел од сумата за плаќање придонеси, здравственo и пензиско осигурвање, како и персонален данок.

„Шетањето по улици, секако, е еден вид активност, дури дејност, а некои граѓани просто се професионални шетачи. Ако притоа остварат приход во вид на метална паричка од еден, два, пет, десет или педесет денари, од таа сума треба да се издвои дел за плаќање придонеси“, вели министерот за финансии Зоран Ставревски.

Окно

Арслан Новинарски - Ставревски: Нема да се плаќаат придонеси за митото за функционерите

Новото оданочување на хонорарците од 35 отсто нема да важи за митото издвоено за функционерите од власта, соопшти денес министерот за финансии Зоран Ставревски на прес конференција во ресторанот „Рушвет бар“.

Окно

Слободен печат - Глобење на хонорарите

На прв поглед, идејата е супер - зошто мора да има хонорарно вработени, сите нека бидат пријавени! Така ќе се намали бројот на невработени во бирото, а луѓето ќе имаат сини картони и поголема социјална сигурност.

Сето тоа е прекрасно, сè додека не излезе на виделина кој ќе ја плати цената на овој „бесплатен ручек“. Државата не, таа само ќе инкасира дополнителни пари од стопанството. Газдите и фирмите нема да измислат нови фондови за плати, само ќе ги пренасочуваат. И тоа по правило врз грбот на хонорарците, сечејќи го или нивниот број или нивните хонорари. Значи, цехот ќе го платат хонорарците, истите тие во чие име и за чија корист наводно се носи новината. Бројот на невработените во евиденцијата може да се намали, но во реалноста да порасне. А кој ќе биде виновен за тоа? Нормално, работодавците. Одлично, значи не сме ние - вели на ова популистот и го „турка“ законот низ полупразното Собрание.

Слободен печат/Окно

Слики: Martin Wittfooth