Меркел: Во Македонија со Александар Николовски може да се направи многу повеќе

17.11.2014 10:33
Меркел: Во Македонија со Александар Николовски може да се направи многу повеќе

Берлин, 17 ноември 2014

Германската канцеларка Ангела Меркел ја поздрави изјавата на Александар Николовски кој ги спореди Германија и Македонија и можностите за успех во двете земји, како и вредноста на парите.

Освен што се согласи со тезата дека со 100 евра во Македонија може да се направи многу повеќе отколку во Германија, таа се надоврза и додаде дека во Македонија со Александар Николовски може да се направи многу повеќе отколку во Германија.

„Овој симпатичен млад човек во Македонија е пратеник од владејачката партија, додека во Германија би можел евентуално да чисти тоалети. Тоа јасно укажува дека животот во Македонија е значително поквалитетен, а оваа мала балканска земја нуди поголеми можности за успех отколку Германија“, изјави Ангела Меркел за Пара вести.

„Мојот совет за Македонците е секогаш да се остане дома, бидејќи шансите за успех се поголеми. Има илјадници примери за луѓе кои заминале во западноевропските земји, па живеат полошо отколку во Македонија. Никој од нив не е ниту градоначалник на помало гратче, а камо ли пратеник како Александар Николовски, што покажува колку е тешко да се успее“, објаснува Меркел.

Што се однесува до месечните примања, германската канцеларка исто така се согласи со тезата на Николовски и наведе дека на многу германски работници платата од неколку илјади евра едвај им стасува поради високите цени, додека во Македонија многу граѓани платата од 100 евра ја трошат цел месец.

„Се надевам дека оваа изјава на Николовски нема да предизвика бран иселувања на Германците во Македонија“, ја изрази Меркел за крај својата загриженост.