1003 hPa
81 %
8 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 22:03
На 16 ноември на 84-годишна возраст во Белград почина Јован Ќирилов, еден од најзначајните културни работници од втората половина на минатиот и почетокот на овој век. Театролог, драматург, драмски писател, дипломиран филозоф, поет, есеист, романописец, преведувач, лексикограф, ерудит, основач и уметнички директор на Битеф, долгогодишен управник на Југословенскиот драмски театар...
Хроничар на општеството и театарот, „модернист во постојана војна со конвенциите“ - одамна стекна место меѓу најзначајните личности на српската, југословенската и европската култура.
Јован Ќирилов е роден на 30 август 1931 година во Кикинда. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Беград 1955 година, за веднаш потоа да почне да гради богата и сестрана театарска кариера. Прво како асистент на режија, драматург, уметнички директор, а од 1985 до 1999 година како управник на Југословенскиот драмски театар. Со Мира Траиловиќ во 1967 го основал Битеф, во тие години бил и драматург на Ателје 212, сè до заминувањето на чело на ЈДТ.
За време на најблескавите години на Битеф (па сè до последните денови) го обиколил светот и како исклучителен познавач на театарскиот живот во Белград ги донел најголемите ансамбли и режисери на своето време: Брук, Бергман, Гротовски, Пина Бауш, Роберт Вилсон, Ронкони, Нурија Есперт, Љубимов, Ливинг театар - многу од нив почнале да стекнуваат светска слава токму во Белград. Како и неговата театарска сестра Мира Траиловиќ, целиот живот се раководел од ставот дека не е доволно да го сакате театарот, туку треба да му служите.
„Јас сум филозоф по образование, со акцент на естетиката како една нејзина гранка. Филозофијата, а особено Сартр и егзистенцијалимот, многу ми помогнаа да се снајдам во театарската практика... Многу е тешко да го оценувате денешниот миг и покрај моето големо и долго искуство во театарот, а и во другите уметности. Во секој случај, помалку сме интересни отолку во шеесеттите години на минатиот век, кога дури бевме и дисиденти, некогашни дисиденти од времето на меѓувоениот капитализам“, вели Ќирилов во едно од своите последни интервјуа.
Со Бранка Митиќ
Иако во полн театарски ангажман до последните денови, Ќирилов се занимаваше и со лексикографска работа, составувајќи неколку речници. Го објавил романот „Некое време во Салцбург“, две збирки поезија („Патување по граматиката“ и „Залудни патувања“), а пишувал и филмски сценарија. Бил член на Српскиот ПЕН центар. За театарските изведби превел многу драмски дела (Брехт, Жене, Стопард, Сем Шепард, Мамет), а сам напишал две драми: „Соба за четворица“ и „Дом на тишината“ (со Мирослав Беловиќ)... Како ретко кој држеше чекор со времето, полн со такт и разбирање за несовршеноста на современата доба:
„Не спаѓам во видот луѓе кои ќе речат дека денес сè е погрешно. Секое време има свои мани и доблести. Ние не сме исклучоци, сите имаат свои грешки и предрасуди. Света должност на интелектуалците е да се борат против секој вид примитивизам и исклучивост.“
Добитник е на две Стериини награди (за критика и животно дело), Октомвриската награда на градот Белград за целокупното творештво, наградата Јоаким Вуиќ за придонес кон српскиот театар, Сретенски орден од трет степен, а Франција го одликуваше со орденот Витез на уметноста и книжевноста.
Со Мира Траиловиќ
„Најмногу сум горд на тоа што, и покрај прилично одминатите години, имам килажа на некој многу помлад вистински витез - виткост на витез. Кога во самиот себе, во целосна осаменост, би нашол некаква поважна особина на витез, не би бил достоен за тоа“, изјави за Новости, веќе тешко болен, со малку иронија, одмерено и достоинствено, непосредно пред 48-то издание на Битеф, единственото на кое не присуствуваше.
Љубопитен и со немирен дух, Ќирилов беше една од последните ренесансни личности на српската културна сцена. Неговото знаење, интерес и уметничка биографија по богатството можат да се мерат со библиотеката која ја поседуваше, а во која имаше сместено повеќе од 10.000 книги. За празнината која ја остава зад себе Јован Ќирилов, најдобар коментар е еден прекрасен стих: „Умираат старците, како да горат книги“...
Селектор и во Европа
Ќирилов две сезони беше селектор на меѓународниот фестивал во Нанси, член на жирото за Големата европска награда за театар и член на управата на Мителфест во Чивидале, Италија... Претседавеше со националната комисија за УНЕСКО (од 2001).
Јован Ќирилов како дете со својата мајка
РЕАКЦИИ
Небојша Брадиќ: Детски љубопитен
Заминувањето на Јован е ненадоместлива загуба за театарот и за сите нас кои му припаѓаме. Беше несекојдневна личност: ерудит, љубител на зборовите, посветен и верен на своите широки интереси и луѓето со кои сакаше да ги споделува. Од него учевме за театарот, но и тој радо учеше од нас. Беше детски љубопитен, толерантен, широк и добронамерен.
Иван Меденица: Голем патник
Не само во професијата, туку и во животот, беше голем патник и талкач, некој што не се колебаше по враќањето со авион од некоја светска престолнина, во истиот момент да седне во локален автобус до најоддалеченото домашно гратче ако слушнеше дека таму се случува интересна претстава. Оваа негова спремност зборува дека иако со Мира Траиловиќ беше креатор на „најелитната“ манифестација во српската култура, Битеф, му беше туѓ секаков елитизам, секаков снобизам.
Александар Милосављевиќ: Заштитен знак
Изгубив пријател кој ми даваше поддршка од првите денови како критичар, директор на театар и селектор на разни фестивали, изгубив човек со кој можев да разговарам отворено за сè што ме интересираше, но многу повеќе од мене изгуби театарскиот живот во Србија. Ја изгубивме личната карта на нашиот театар во светот, заштитниот знак.
Егон Савин: Редок ентузијаст
На наше големо жалење, изгубивме сестран ентузијаст, познавач и љубител на театарот, драматург, во секоја смисла единствен човек каков што долго нема да имаме.
Бранко Цвеиќ: Темелен и храбар
Ќирилов беше ренесансен тип човек, сестран и темелен во сè што правеше, но најмногу фасцинираше храброста со која правеше сè.
Јован Ќирилов
Кревет
Од мене тој е
постар
барем две-три роднини во него
умреле
во истите простирки своите браќа
ги стекнав
и своите деца
неродени ги истурив
во белите пештери на постелнината
колку пати бев вечен и огромен
поголем од удот свој сопствен
влажен од слатката млакост на семето
уште почесто бев слаб и немоќен
гонет од пороци посакувани па сонувани
потрајни од секое конечно време
Во мојот кревет секое утре сништа
заборавам
спремен во животот дневен да
нурнам
и измами против смртта смерно да
измислувам
Во него навистина сево ова
почнало
го мразам - во него и мојот фетус
е зачнат
Прозорец
Низ мојот прозорец
со години ги гледам
истиот ѕид
истиот електричен столб
истиот пат долг
Едно утро
ќе ги здогледа
ѕидот
електричниот столб
патот
долг
некој друг.
Превод: Пандалф Вулкански, Патување по собата
(Од книгата „Поређење придева“, 2013)