Почетокот на падот (и финтите за негово мало одложување)

18.11.2014 11:11
Почетокот на падот (и финтите за негово мало одложување)

По импактот во јавноста, не се чудете ако Грујо излезе и рече „студенти су у праву“. Сите финти од учебниците по пропаганда ги проба, оваа класика остана непробана.

Некои интересни медиумски објави, а и фактот дека протестот, пред сè поради успехот и масовноста, ја проби како од шега медиумската блокада и може сериозно да го разниша угледот (читај рејтингот) и на власта, но и на нејзините медиуми, ми индицираат дека дури и вакво неверојатно сценарио е можно.

Замислете само! Ќе биде супер за студентите, ќе си добијат што сакаат, ќе се чешаат и оние кои мислат да се возат на нивниот бран, но и оние кои денес ги игнорираат, а утре ќе ги плукаат и етикетираат (некои уште од вчера објавија дека опозицијата ги организира протестите). И едните и другите ќе се најдат во небрано, како крокодили кои предвреме излегле од барата.

И да биде така, ич нема да ми биде жал, дури од срце ќе му честитам на Груевски. Зошто?

Прво, тоа ќе биде сигнал до луѓето од која било општествена група, еснаф, професија - кој е патот до остварување на нивните права. Сигурно не е молкот. И да „им даде“ на студентите, на пастирот ќе му биде јасно дека тоа само може да го одложи падот, затоа што бргу пред неговите порти ќе се нацрта армијата на оние што примаат цркавица до максимум 8.000 денари, армијата невработени, професорите и наставниците, стечајците, тепаните, газените, дискриминираните... Процесот кој го започнаа денес студентите може малку да се забави, но не може да се врати назад.

Второ, убаво е малку да се расчисти јавниов простор, да се знае кој е кој, преку глава ни е за една обична вест да читаме по десет медиуми за да разбереме што се случило, да бараме манипулатори зад секој ќош, да дуваме во јогуртот. Следуваат времиња во кои луѓето ќе се паметат и по нивните зборови и по нивните дела.

Студентите си ја заораа својата нива. Прашањето е, што правиме ние останатите, секој во својата нива и со својата мака?

Извор: Фејсбук профилот на авторот, 17.11.2014.
Слика: Свирачиња