Оклопни возила зад бутки со цвеќе

18.11.2014 12:01
Оклопни возила зад бутки со цвеќе

Ненамерно ги гледав вестите на Канал 5 во 18 часот. Алал им вера! Им појде од рака да не ја видат реката студенти во центарот на градот. Слепи при очи! А на ФБ читам дека ни оние од Република не ги виделе студентите иако им поминале пред излозите.

Студентите не ги видов ни јас. Поточно, избегнував да ги видам или да се најдам во нивната близина.

За да не ги прогласат за „соросоиди“. Но, поминувајќи покрај Цветниот пазар ги видов најспецијалните полициски специјалци во сивомаслинести униформи вооружени до заби. И нивните оклопни возила. Беа паркирани кај Цветниот пазар. Каква иронија, оклопни возила се кријат зад бутки со цвеќе!

Најпрвин не ми текна што прават таму, но потоа се сетив дека недалеку се наоѓа Министерството за образование. Студентите се упатиле наваму, помислив, и веднаш се оддалечив.

Патем, ми текна на една случка од јуни 68. Протагонист е професорот Божидар Виолиќ, режисерот на легендарната претстава „Хамлет у Мрдуши Доњој/Хамлет од Долно Гаштани“. Виолиќ предаваше актерска игра на Театарската академија во Загреб. Во екот на студентските демонстрации, кои во Белград беа помасовни отколку во Загреб, професорот Виолиќ ги затекнал своите студенти во бифето на загрепската академија. Вџашеноста не му траела долго, па се развикал и речиси на клоци и со пцости ги набркал да излезат на улица и да им се придружат на студентите кои демонстрираат.

Така беше во Титова Југославија во 1968. А како е во Грујова Македонија во 2014? Глутница приучени пропагандистички мивки се обидува да го одмолчи или барем да го придуши, да го изблати или барем да го исфлека Денот кога младоста го отфрли статирањето на општествената сцена. На сет глас, како во стихот на Мајаковски.

Така студентите. А како асистентите, професорите, деканите, ректорите? Ќе одмолчат уште еднаш? Пак ќе фаќаат „кривини“?“

Фејсбук статус на Владимир Милчин, професор по актерска игра во пензија

Слика: Свирачиња