Вишнова хроника

20.11.2014 11:12
Вишнова хроника

Една доцна пролет, кога мама поминувала со другарките на сретсело, украла од вишната што се подавала од дворот кај што седел тате и тој не ѝ рекол ништо, па мама украла и наредниот ден, па и тој по него, сè до дента кога поминала на истото место и видела дека нема повеќе што да краде, тогаш излегол тате со една мала кофичка полна вишни и ѝ рекол дека дента ја обрале, ама тој тргнал настрана за неа. Есента истата година тие направиле свадба, а наредната прлет, кога сум дошол јас, вишната речиси ништо не родила и мама многу се плашела да не е тоа некаква несреќа.

 

 

Прв дел

Нашата куќичка се наоѓаше на најцентралното место во селото. Едната порта од дворот излегуваше баш на сретсело каде што беа сите мали и големи случувања, до неа имаше ѕитче високо метар и пол и што требаше да служи како ограда, ама беше злоупотребувано за сеирџиски седенки од стари, од млади, од кој се најде, и тоа многу ја нервираше мама така што секогаш кога ќе узрееше вишната, ги бркаше со прачки тие што безобразно ги кинеа плодовите како да се нивни. Тука, кога ќе се излезе од нашата порта беше сè, право беше сретселото, лево поминуваше патот што доаѓаше од Демир Хисар и одеше угоре во планината, црквичката од другата страна на патот во која имаше повеќе погреби од свадби и редовни клепања на камбаната во недела и на празници, десно беше Домот на културата што се протегаше во должина на целото сретсело, бифето на Домот кај што одеа мажите од селото, малку подолу, кај задниот дел од Домот, продавничката на Ване и Милица кај што мама одеше секое утро со црна платнена торба што никогаш не ја полнеше многу, ама секогаш имаше нешто за да ме израдува. Од прозорците на нашата куќичка, преку предниот дел од дворот се гледаше пресечено парче од сретселото и речиси целата црква со камбаната, и на мама не ѝ беше убаво што и нас, кога се движевме во тој дел од дворот облечени ко за низ дома, можеше да нè гледаат тие што поминуваат во тоа парче од заемниот видокруг, ама, за среќа, си го имавме и десниот дел од дворот, пред кој се испречуваше високиот ѕид од задната страна на левото крило на Домот што ни беше главниот штитник на нашата интима кога си седевме во тремот, до кој беше летната кујна и не се прибиравме в куќа по цел ден зашто имаше еден кревет, маса и по неколку столчиња во убавата сенка од плевната кај што ги чувавме дрвата за в зима, а и зашто никој што живееше в село не седеше денски кога е топло дома, се седеше надвор, во дворот. Низ нашето село пред речиси илјада години поминала ослепената војска на цар Самоил и секој стотти војник имал оставено само по едно око за да може да ги води другите зад себе, и тие со по едно око, ги воделе другите војничиња до Добромировскиот манастир, уште погоре од манастирот Св. Јован Претеча, и кога прашале како се вика ова село, никако, рекле некои од луѓето што си живееле, и после на тие луѓе им текнало да му го дадат името на селото според тажната судбина на војничињата што им ги распарале срцата, велеше мама како што ѝ кажувала баба и секогаш потенцираше дека баш тука, баш кај нашето ѕитче со вишната што тогаш не било ни ѕитче ни вишна, баш по тој пат што тогаш бил само земја, баш таму поминале војничињата.

Во нашата куќичка имаше сè. Беше едноставна, ама имаше сè собрано во три соби и еден ходник што беше исто голем колку соба, а мама и тато, не знам зошто, го викаа салонот. Едната соба беше со два кауча што се пуштаа, маса поголема, дрвени плакари, перде на големиот прозорец и толку, таа соба секогаш беше чиста, темна и спремна за спиење на лето, зашто во неа спиевме само кога е топло, и само за тоа служеше таа соба зашто немаше ништо друго. Собата до неа моите ја викаа спална, а во неа никогаш никој не спиеше, иако имаше голем брачен кревет што му го подарил дедо на тато кога ја зел мама, таа соба иако се чуваше за нова, во неа одеше сè што немаше сопствено место, сè што требаше негде да се складира, а е префинето за да се пика во визба. Салонот беше со чевли и јакни, телефон и едно огромно огледало на чело, исто подарок од истиот дедо, во кое можевме да се гледаме цели, и тоа од три страни, зашто беше составено од три дела. И главната соба што ја викаа само соба зашто беше и дневна и кујна и спална во зима, заедничката соба кај што се вртевме сите најмногу, кај што ни идеа гости, собата кај што имаше сè за сите. Тоа беа главно предмети што имаат некаква употреба и овде-онде по некој голблен на ѕидовите или скромно вазниче со вештачко цвеќе што немаа некакви посебни намени освен да го красат домот според вкусот на мама или на некој што дошол од негде и ни подарил нешто. Имаше шпорет на дрва за да нè грее во зима, а и за да не мора мама да оди да готви надвор во летната кујна кога е ладно. Имаше телевизор во боја што фаќаше прва, втора и трета, и тате можеше да гледа вести и фудбал, јас приказни и цртани, а мама не пушташе ништо, понекогаш гледаше вести со тато, приказни со мене, ама најчесто следеше и го ловеше моментот кога никој не гледа да го чкрапне црвеното копче за да не брчи телевизорот за џабе. Имаше маса среде собата за да вечераме сите заедно, кога тате се прибираше по цел ден возење со камионот, а и за кога ќе ни дојдат гости преку викенд да може мама да сервира ручек или вечера и на раат да си седат со часови, да зборуваат за дрвјата, за печурките, за тутунот, за селаните што кодошат во Шумското, за тие во собранието и други работи што јас како мал тешко ги разбирав, ама многу сакав да седам и да слушам, уживав така да бидам обвиен од гласовите што секогаш се засилуваа и се забрзуваа со одминувањето на ноќта и најлошо за мене беше кога принудно ме носеа на спиење дур тие уште си седат. Имаше два теписона еден врз друг за да не влече ладно од подот и мама секогаш нè опоменуваше дур јадеме да внимаваме да не ни паѓаат трошки на теписоните зашто треба да мете, а мама изгледа не уживаше кога мете зашто секогаш кога кружеше околу нас со метлата ни дофрлуваше дека не се разбираме, дека и стопати да помине со метлата пак веднаш ќе направиме свињарник околу масата. Имаше часовник обесен на ѕидот со кафени топки што му висеа на дебели долги конци, огледало лево под него, потпрено на плочките до мијалникот за да не мора во зима тате да оди во вецето да се бричи насабајле, зашто преку зима беше многу ладно и таму никој не се задржуваше повеќе отколку што треба. Имаше прозори за да може да гледаме кој поминува по патот и што се случува надвор, имаше и пердиња на прозорците за да можеме да се скриеме кога не сакаме никој да ни ѕирка внатре, во нашата куќичка. А под прозорецот беше каучот што го пуштавме во зима за да спијат мама и тато на него, а јас веднаш до каучот, на мало монтажно креветче што мама го носеше секоја ноќ од спалната и за неколку секунди го расклопуваше и го постилаше, во лет, брзо и лесно како и сè друго што правеше мама низ куќата. Имаше витрини за да можеме таму да чуваме чаши, чиниички, тенџериња, па и ќебиња, јоргани, чаршафи, лекови, чоколади, сè во различни прегради, со различни фиоки и вратничиња, секогаш средени зашто мама не сакаше кога ѝ треба нешто, да не може веднаш да го најде. Лево од витрината, во ќошот, стоеше картонскиот пакет со моите играчки, со војничињата, пластичните ножиња, чаталот и муницијата, пиштолче на вода, камиончето што ми го купи баба на мама кога уште знаеше да работи со пари и да купува, мала беше нашата куќа, ама за сè имаше место, и за луѓе да дојдат, и нивните деца да си ги донесат, и вујче од Скопје да дојде на спиење и баба на мама можеше да ја собере, па и дедо и баба од Сиднеј да дојдат имаше место и покрај тоа што тие речиси никогаш и не доаѓаа.

Тоа се и моите први сеќавања, мама, тате, баба на мама и предметите во нашата куќичка. Па дворот, сретселото, парчето од него што се гледаше од прозорците и од предниот дел на дворот и нашата вишна кај што тате ме носеше в раце, ме тераше да му покажам која гранка ја сакам, ме креваше кон неа и јас самиот ќе грабнев една-две вишни во раката. Предметите ми беа првите другарчиња. Ниските столчиња на ногарки што ги превртував и правев фронтови за војничињата што ми се паѓаа во киндер-јајцата, чкорчињата што ги крадев од креветите или наткасните и цртав контури на луѓе со глави како компири, па кога ќе им се насмееја тие компири на мама, особено на тате, добивав по некоја лесна заушка, така колку да не украсувам повеќе во иднина. Заушки добивав и кога потпалував, начив да потпалувам уште на три години, весниците стари што и така си стоеја за потпалување оган, еднаш толку збувнаа што мама до ден-денес раскажува дека ќе сум ја потпалел куќата. Во моите најрани години не сум бил баш некое дете што човек може да го остави така и да си брка работа, туку морало постојано некој да има блиску до мене и да ме варди. Зашто освен што чкртав и потпалував, знаев да отидам во салонот кај што стоеше зелениот телефон од кој мама вртеше кај баба или вујче или ни ѕвонеа баба и дедо од Сиднеј, да ја кренам слушалката, да вртам така ко умоболен и да му наштетувам на буџетот на куќата. Да се пентарам по симсовите на прозорците и да ризикувам да паднам од ниско, не да се отепам, повеќе колку беља да направам. Да брчкам во штекерите, да крадам виљушки и ножеви и да ги кријам низ куќата, да глумам умрен кога не сакам да се капам во зима, да ѝ го кревам здолништето на мама дур има кај нас гости, да им буричкам на гостите со показалецот во ушите, и ако извадев некакви нечистотии, ги изложував триумфално пред сите, да се скријам во плакарите и ненадејно да излезам кога ќе ги наслушнам чекорите на мама и да ја извадам од памет зашто ми беше смешно како подрипнува и како ги тегне трипати ушите надолу како и секогаш кога нешто ќе ја потплашеше. После дознав и дека сум месечарел често, особено првата година откако сум проодел, така што ни ноќе не можеле од мене да се раатисаат. Бељите, главно, сум ги правел низ акции што следеле откако мирно сум демнел за да начекам шанса да поминат, настрана од тоа сум бил молчаливо дете, загрижувачки молчаливо. Моите се плашеле да не нешто ми фали зашто сум прозборел дури на две години и првиот збор што сум го кажал бил топанката, симулација на стопанката, без разлика што мама пробувала да ме научи на нешто бебешко, нешто убаво, јас изгледа сум го фатил тој збор од седенките кај нас и сум го испукал, мама кога чула прво не ѝ се верувало, ама јас сум повторил за да ја уверам, а тате се фалел кај и да стигне горд што првиот збор не ми бил некоја бебешка лигушка. Луѓето што ни иделе, заведени од мојата молчаливост, викале детево мирно, златно, вакво, онакво, ама тоа дека немале прилика да ме имаат дома. Не дека ептен сум бил бељата на Господ, ама самото тоа што требало нон-стоп некој да ме варди, тоа некој беше главно мама, сигрно дека имало моменти во тие години кога ѝ доаѓало да ме задави. Ама тие години за мене, како и за многу луѓе, се најверојатно најубавите, зашто и мама и тате и предметите, сè постоеше само за мене.

Фросина Пармаковска е родена во Скопје 1985 година. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, катедра за Општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институтот за македонска литература, на Културолошки студии („Варијации на магичниот реализам во светскиот и македонскиот расказ“). Има објавувано раскази во книжевни списанија, а во 2013 го објави првиот роман „Пишувајќи ги изгубените топки“ (Култура). „Вишнова хроника“ е нејзин втор роман.

Извор: Фросина Пармаковска, Вишнова хроника, Или-Или, Скопје, 2014.

Слики: Sophia Heymans

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
517
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото