Филип Петровски: Студенти, фокусирајте се на омраза кон Албанците

20.11.2014 12:00
Филип Петровски: Студенти, фокусирајте се на омраза кон Албанците

Скопје, 20 ноември 2014

Раководителот во државната лотарија, поранешен пратеник, член на ВМРО-ДПМНЕ и повеќе политички партии, основач на своја партија, поддржувач, критичар и пак поддржувач на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Петровски, изјави дека не му се докрај јасни актуелните студентски протести.

„Обично гледам со симпатија на студентските движења и ставови, особено кога вклучуваат национализам, фашизам, разгорување меѓуетничка омраза, а понекогаш и насилство. Но, не ги разбирам денешните студенти, за што поточно се бунат? Заради тоа што се уништува универзитетската автономија и им се загрозуваат понатамошните шанси за комплетирање на образованието? Голема работа“, вели Петровски.

Тој смета дека студентите треба да се фокусираат на омраза кон Албанците, да бараат ускратување барем на некои, ако веќе не на сите права. На коментарот на новинарите на Пара вести, дека меѓу студентите што протестираат има и Албанци, Петровски предложи оригинално решение.

„Во случај студентите Албанци да не се солидаризираат и да ги мразат останатите Албанци, нека ги мразат Македонците. Битно нешто да се мрази“, предлага Филип Петровски.

Тој смета дека сите професори, експерти, студенти и аналитичари кои го сметаат екстерното тестирање за бесмислица се тајно вмрежени за да може да ѝ помогнат на опозициската СДСМ да извлече некаква корист, а им порача на студентите дека се надева оти ќе ја сфатат користа од екстерното тестирање и неконфронтирање со власта.

„Верувам дека младата интелигенција ќе се вразуми. Ако можев јас да се поправам некое килце за време на штрајк со глад, тогаш и тие можат да сварат едно обично екстерно. Кога верувате во себе, само небото и партијата се граница“, заклучува Филип Петровски.