Џоди Дин: Антикомунизмот е знак дека комунизмот сè уште има моќ

21.11.2014 10:47
Џоди Дин: Антикомунизмот е знак дека комунизмот сè уште има моќ

Зборувавте за антикомунизмот кој со децении е присутен во САД. Значи, тој не е само појава во таканаречените транзициски, постсоцијалистички земји. Можеме да кажеме дека овде сме во мала транзиција, која е само дел од глобалната „антикомунистичка состојба“ на големата транзиција. Но, каков е сега американскиот контекст?

Во САД постои карикирана верзија на нешто што се случи на друго место во 1991 година. Владејачката вистина е дека комунизмот не успеа и дека се сруши. Друга верзија на владејачката вистина е дека тој е поразен. Но, тие разлики во интерпретациите не се бришат, туку меѓусебно се зајакнуваат. Само секогаш се повлекуваат поинакви аргументации. Кога американскиот мејнстрим тврди дека комунизмот не успеа, тој испраќа порака дека нема алтернатива за пазарната економија. Државата може да му помага на пазарот, но неуспехот на комунизмот е доказ дека единствено можна е капиталистичката економија. Во друга верзија, онаа според која ние го победивме комунизмот, докажавме дека американската комбинација на либерална демократија и слободен пазар е најдобрата комбинација за остварување на слободата кога било. Несреќно е сознанието дека и многумина од левицата некако и денес веруваат во тоа! За глобалната левица тоа е вистинито, на некој начин. Тогаш веќе не можеме да најдеме ознаки во мејнстримот кои упатуваат кон сомнежот во нивната сопствена идеологија. Затоа што, кога тие навистина би верувале дека комунизмот е тотално поразен, дека тој не може да функционира – повеќе не би имало антикомунисти. Никој веќе не е противник на Римското Царство. Никој не зборува: „Господи, мораме да се грижиме да не се врати Римското Царство“. Од друга страна, и понатаму е присутен постојан антикомунистички говор. Можеби тие стравови од комунизмот во прекините на антикомунистичката идеологија треба да ги сфатиме како нешто добро, како знак дека идејата сè уште има моќ.

Кога станува збор за тоа, тука е малку полудо отколку во САД. Тука, од една страна, доминантната десница параноично во сè гледа континутитет со „комунистичкиот тоталитаризам“, во редуцирана верзија на удбо-мафијата која е на власт и слично. Од друга страна, либералната јавност го „критикува“ тој став како лудило, затоа што ништо комунистичко веќе не е замисливо и реално. Така, имаме ефект double bind порака на дело.

Господи, па тоа е уште полошо!

Но, причините за постоењето на антикомунизмот секаде се сведуваат на истото?

Вознемирувачки е тоа што не може ни да се замисли комунистичката алтернатива. А, како беше за време на окупацијата на факултетите?

Мислам дека овдешните млади левичари, главно се гледаат себеси во опозицијата, наспроти филозофските идеи на комунизмот, како оние на Бадју или Жижек. Политички се доживуваат попрагматично, реформски, во крајна линија социјалдемократски, а истовремено тврдат дека се марксисти.

Сметам дека наша задача како леви интелектуалци и активисти е јасно да покажеме дека нема ништо пореалистично во денешното социјалдемократско држење. Тоа се сили кои само сакаат државно управуван капитализам. Тоа веќе нема врска со социјалдемократијата за народот, туку само со социјалдемократијата за банките и корпорациите. Накратко, за богатите. Ние, останатите, остануваме изложени на експлоатацијата и на пролетаризацијата на пазарот. Клучот за нашата идеолошка работа сега треба да биде токму во тоа да покаже дека нема ништо попрагматично и реалистично во тоа. На дело е само апологија на експлоатацијата. Ако ги погледнеме климатските промени или енергетската политика, сосема е јасно дека светот не можеме да му го препуштиме на пазарот.

Од друга страна, дали во денешниот антимарксизам не е препознатлив некаков „обратен марксизам“, односно дали левите идеи се субвертираат пред да ги зафатат масите, како што уште во седумдесеттите години предвидуваше Херберт Маркузе, со својот поим превентивна контрареволуција?

На некој начин, Маркузе денес е порелевантен од кога било. На пример, тој ја гледаше сексуалната десублимација како нова форма на опресија. Неговата актуелност е во сестраното проучување на затворањето на човечките можности во општество кое за себе тврди дека е слободно.

Се наметнува проблемот дали можеме терминот „народ“ да го употребуваме марксистички. Тука, сè уште живееме во сенка на настаните од разбивањето на Југославија и правењето нации држави, што мислам дека самото по себе е најголемиот пораз на левицата. Тешко ни е во рамки на една нација воопшто и да излеземе од политиката на идентитети во марксистичка, а тоа значи класна анализа на овдешните општества. Никако да заживее сфаќањето за народот како значително неединствен, класно поделен феномен?

Ме чуди тоа што левицата тука го избегнува комунистичкиот говор. Затоа што тој би можел да ги пресече националните идентификации, да посочи на солидарност надвор од националните граници. Па, нели е тоа главната мобилизациска сила против национализмот?

Затоа мислам дека левицата во своето организирање кај нас не може да почне од националното ниво, затоа што тоа е најтврдо „зафатено“. Првенствено, мораме да дејствуваме локално и интернационално, регионално...

И класно! Токму на една конференција во Берлин го слушав вашиот теоретичар Борис Буден додека презентираше многу интересен проект за гастербајтерите. Многу ми се допадна како е обработен класниот момент, едно класно движење, како тоа се манифестира во состојбата на поединечните работници на различни места, што историски значело во рамки на Југославија. Наспроти сите видови националистички идеи ги истражуваме условите за работа на луѓето, она што ги поттикнало работниците да реагираат на одредени начини. Не е ли тоа многу инспиративно за начинот на кој и денес би требало да гледаме на тоа што се случува? Тој поглед на гастербајтерите „однадвор“ фрла ново светло на положбата на југословенските работници. И тоа едно силно светло.

Кога денес зборуваме за (не)актуелноста на револуцијата, се испреплетуваат два концепти. Еден е оној познатиот уште од историската критичка теорија, на авторите како Хоркхајмер и Адорно, за епохалното отсуство на револуцијата. Сè што можеме да правиме е да подготвуваме пораки во шише и да се надеваме дека ќе ги најдат некои идни поколенија. Оваа филозофија беше застапена и кај нас пред контрареволуцијата. Вториот концепт зборува дека целиот минат век беше зрел за револуција. Нејзините можности постоеја насекаде, а некаде беа и реализирани. Ние сме тука, вели Буден, заглавивме помеѓу заборавената и неостварената револуција.

Поблиско ми е ова второто гледиште. Веројатно постои и можност за дијалектичко премостување на овие две позиции. Дали не сме сведоци на континуитетот на буржоаската револуција, која се радикализираше себеси? Еве конкретен пример. Ужасниот американски политичар Њут Гингрич, во еден свој говор кога се смени векот, прокламираше „25 години од револуцијата на Реган“. Тој беше среќен што може да го употреби јазикот на револуцијата и таквите како него постојано го употребуваат. Проблемот се создаде кога левицата стана либерална и ја издаде револуцијата. Целата општествена енергија и надежта за револуција ги презеде десницата, како наводно револуционерна сила и разните лудаци на интернет од Силиконската долина.

И кај нас „револуцијата“ во деведесеттите се легитимираше во вонредна состојба, со повик на историјата.

Тоа повикување на вонредната состојба со часовник кој отчукува, во најмала рака може да има двојно значење.

Во старата разлика која ја воведува уште Валтер Бенјамин во полемиката со нацистичкиот филозоф Карл Шмит, помеѓу редовната и вистинската вонредна состојба. Тука никој не сака отвореност кон вистинската вонредна состојба. Сега нè измачува проблемот на институционализацијата. Синдикатите се сè послаби, а таква е и положбата на работниците. Но, секаде е присутна свеста дека ни требаат вистински леви парламентарни партии, кои повторно ќе заговараат социјализам.

Мислам дека тоа е потполно воодушевувачки. На многу места во Европа се чувствува потреба за обединување на левицата. Бараме организациски облици кои ќе бидат повеќе од задоволувачки од постоечките. Очигледно, фрагментацијата е облик на нашиот пораз. Дали тоа, како и она што се случи во Југославија не е вистина? Работниците се поразени и развластени. Можеби добра вест е дека времето на фрагментацијата заврши.

Значи, повторно е можна реалната револуционерна политика? Социјалдемократите кои сè уште се на власт кај нас се само вестернизирани, про ЕУ уништувачи на локалните леви традиции. На видик немаме силна лева алтернатива за тоа. А, геополитичката иницијатива на Балканот ја води Германија...

Мислам дека би било најдобро сите тие разновидни левичарски групирања долж Европа и САД кои ги измачуваат организациски прашања и кои бараат нови облици партиско организирање, да се доживуваат себеси како интернационалистички. Така ќе ги избегнеме националистичките политики или сведувањето на чист парламентаризам.

Во овој регион капиталот се формира во југосферата, но политичките активисти сè уште имаат аверзија од заедничко настапување, освен на конференциите на политичкита и цивилна основа. А, имаме шанса да ги повикаме не само духовите на Маркс, туку и југословенската работничка класа, чив проект навистина постоеше?

Да. Тука социјализмот веќе се случи. И беше злоупотребен. Некои негуваат носталгија кон него. Но, зошто да се „заборави“ дека луѓето беа подготвени да се борат и да умрат за него? Антикомунистичките наслаги, за кои зборувавме, ја потиснаа силата на револуционерните маси која постоеше. Сега нè убедуваат дека тоа го сакале обичните луѓе и дека за тоа војувале. Но, како што се случуваше социјализмот се случуваа и срања. Па, сепак, тоа не значи дека беа нужни.

Нашата соговорничка, американската филозофка Џоди Дин, предава политичка и медиумска теорија на универзитетите во Њујорк и Женева. Напиша и уреди единаесет книги, меѓу кои се: „Комунистички хоризонт“, од која го објавивме поглавјето „Окупирањето и партијата“, како превод на Милош Ѓурѓевиќ во последниот број на „Актива“, и „Демократијата и други неолиберални фантазии“. Разговорот го водевме во Загреб, по нејзиниот настап во Мултимедијалниот институт, каде ги презентираше своите тези од книгата „Комунистички хоризонт“.

Извор: http://www.portalnovosti.com

ОкоБоли главаВицФото