За филмот „Los Ángeles“ на Дамиан Џон Харпер

21.11.2014 10:58
За филмот „Los Ángeles“ на Дамиан Џон Харпер

Скопската публика на филмскиот фестивал „Синедејс“, како дел од опсежната овогодинешна селекција имаше пригода во кино Фросина да го погледне Los Ángeles на Дамиан Џон Харпер. Во салата беше присутен звучниот дизајнер на филмот Грегор Бонсе, кој по завршувањето на проекцијата поразговара со публиката и ни откри доста интересни детали околу идејата на филмот и самиот процес на негово снимање.

Фактот што режисерот Дамиан Џон Харпер по професија е антрополог, им дава сосема освежувачка димензија на неговите филмски остварувања. Имено, тој како млад етнолог и самиот живеел некое време во истата таа заедница во Мексико, каде што е сниман Los Ángeles. Она што го примаме преку филмот е всушност мајсторски приказ на тековната реалност на тоа поднебје.

Значителна тежина на филмот му додава фактот што истиот е снимен без ниту еден професионален актер. Скоро како во докуметарец, искористени се самите луѓе кои што живеат таму, сцените се снимени во нивните семејни домови, содржината е базирана врз реални случки од нивното секојдневие... па дури и првичното сценарио е оставено во нивни раце, да го „преведат“ со свој речник онака како што природно би го кажале.

Како што објасни Грегор Бонсе кој работел на пост-продукцијата, не само што вистинските жители на местото се земени како глумци и статисти, туку и самата музика што тие луѓе секојднево ја слушаат е искористена како саундтрак, што одлично се вклопува и додава на шмек во филмот.


Los Ángeles е филм за животот во малечка рурална заедница во јужно Мексико каде што жителите се вкоренети во своите обичаи и скоро како племенска заедница го делат истиот начин на живот, истите проблеми со сиромаштијата и криминалните банди.

Ликот околу кој се одвива дејството е Матео, младо момче кое го чека судбината на нелегален имигрант-печалбар како и повеќето момчиња и мажи од селото. Сите од заедницата што сакаат да заминат во Лос Анџелес, стапуваат во контакт со една локална банда криминалци и силеџии коишто наводно им помагаат на имигрантите да се снајдат во новата средина штом ќе ја минат границата. Матео, надевајќи се на нивната поддршка, се вклучува во бандата. За сето време додека се труди да биде примен меѓу нив, го принудуваат да влегува во тепачки и ситни кражби, а штом ќе одбие да убие човек - условот да ја заслужи полната доверба, почнуваат проблемите за него и неговото најдраго семејство.

Филмот одлично ја доловува тмурната атмосфера на безизлезната предодреденост да се живее во една заедница со примитивен менталитет. Доколку од еден филм очекувате да видите убави луѓе во нивните светкави урбани средини, преокупирани со нивните минорни животни осцилации, во Los Ángeles тоа нема да го добиете.

Ликовите се прости и валкани. Резоните и обичаите им се инкапсулирани од некое друго време. Зборуваат со лош речник, немаат животни амбиции повисоки од голо преживување во родната средина и летаргично се препуштаат на правилата поставени од најлошите меѓу нив. Мажите пијат или заминуваат на печалба, а жените го крепат бремето на домот и децата. Најмладите - или ќе прераснат во ситни локални криминалци или ќе ја доживеат нималку лесната судбина на нелегални имигранти, за нивната фамилија да врзе крај со крај. Со тоа опциите се исцрпуваат и ништо друго не преостанува. Заедницата ги раѓа и жртвува сопствените членови и циклусот се повторува.

Таа мачнотија и естетика на грдото, сепак нема на крајот од филмот да ве остави испразнети од убавина и да ве лиши од облагородувачкиот ефект на дозата естетика за која што впрочем и одиме на кино. Столбови на приказната помеѓу кои може да се одржи нишка надеж во убавината и човечноста, се моментите во кои жените од селото се силни мајки кои кришум ги бришат солзите кога нивните синови запаѓаат во неволја и продолжуваат понатаму за своите останати деца. Миговите кога љубовта е преклопување на два наивни погледа преку сета грубост на сиромашната и разрушена околина. Кога семејството е алфа и омега на суштината на живеачката лишена од поапстрактни либерал-западњачки (неретко отуѓувачки) идеали. Тие се моментите што режисерот сакал да ни ги предочи како надоместок за изгубените нијанси во едно такво исцрпувачко битисување.

И покрај фактички непрофесионалната глума и генералната спонтаност на сетовите, во ниеден момент не се добива чувство на невкусен аматеризам - токму напротив. Кадрите едноставно течат како добро склопена целина и даваат хируршки прецизен приказ на животниот пулс во руралните гетоизирани заедници во Мексико. Ликовите се глумат самите себе си, и тоа го прават толку добро, што за момент сме таму, со нив, фатени во нивното секојдневие! Тоа е она што го прави Los Ángeles вреден да се погледне.