Идеи за Студентски пленум

21.11.2014 10:18
Идеи за Студентски пленум

Обичај е по секое поголемо случување сите да напишеме по нешто за тоа, па така и овој пат за студентските протести против екстерното тестирање.

Сакам да ги ставам во втор план дебатите за тоа дали протестот е политички и дали студентите си го следат својот краткорочен интерес. Одговорот на двете е  -  да, но овие дебати се парализирачки. Студентите, како и сите млади луѓе, ќе научат.

Наместо тоа, сакам да предложам неколку практични идеи што би можеле да се спроведат во деновите што следат.

Прво, најочигледното, студентите може да го заземаат „јавниот простор“ на интернет. На твитер тоа се хаштаговите. Имате дебата на пример за #твитернагради и во неа (т.е. со тој хаштаг) вие твитате за студентскиот протест. Лесно е и безбедно. Додава видливост. Може да добиете само малку хејт од интернет.

Второ, студентите може да постават штандови на влезот на УКИМ и да им делат на другите студенти флаери со содржина „Добредојдовте во автономната зона, вашите дипломи вредат исто толку колку и на професорите/пратениците/министрите.“

Трето, студентите може да се обратат до своите професори и управата на факултетите: формално преку архивата да побараат информации во врска со екстерното тестирање. Се разбира, целта не е да се добијат информации, туку да се затрупа службата со барања; понатаму, студентите можат тивко да го бојкотираат наставниот кадар со „што ќе ве слушаме, и така ќе имаме екстерно“.

Четврто, студентите можат да го окупираат јавниот превоз. Автобусите на ЈСП се како подвижни огласни табли. Може да се качите во 5-ка и да се возите од едниот до другиот крај на градот, а на прозорците да поставите хамери „Слободен превоз“, „Превоз на студенти на екстерно“, „Проект на Владата на РМ“ итн. Направете го во вторник и петок и како бонус оставете ги пензионерите на улица.

Петто, студентите можат да шетаат низ град како човечки реклами. „Имам екстерно - барам работа“ или слично.

Шесто, и за ова не знам дали е возможно, т.е. дали системот е ист како порано, но студентите може да освојат место во некој студентски парламент од помалите факултети, како на пример ФДУ.

Седмо, студентите можат да ги најдат професорите во пензија и од нив исто така да ја побараат поддршката.

На крај, разни настани, приредби, музика, театар, ад-хок активности низ градот. Мислам дека не мора да се објаснува.

Целта на сите овие нешта е да се освои медиумскиот простор кој е строго контролиран и да се добие нужната поддршка од академската фела.

Останатите, ние што не сме студенти, можеме да помогнеме со:

-присуство на протестите;
-пишување до нашите факултети (јас планирам да му пишам на факултетот и да го прашам дали треба да полагам екстерно, што се случува со мојата диплома, итн.);
-помош за пристап до медиуми или други ресурси.

Протестите може да не успеат, но да не зборуваме однапред за тоа дали е кисел плодот на дрвцето што го пуштило првиот лист. Прво да му помогнеме да порасне.

Извор: medium.com/@therealpsmst
Фотографија:
@zabrcanec