Јас

21.11.2014 11:44
Јас

Светот остана без уште едно јас. И тоа без моето јас. Сите други тоа го знаат, освен мене којшто веќе не постојам. Полесно е да не се постои, отколку да се постои. Телото е единственото станиште на секое јас, но на телото не му е лесно што во него живее едно јас. Јас го мачи телото, а и телото го мачи - јас. Тие се во грчовита прегратка додека постојат. Јас е свесно дека не може без тело, а телото не знае ништо. Тоа просто постои не заради јас, но како да е тука поради јас.

Откако е човечкиот род, имало безброј неповторливи јас. Светот постои додека едно јас го самоосознава. И кога него веќе ќе го нема, како да го нема ни светот. А го има. Колку само за време на нашето живеење заминале од животот разни јас, а светот продолжил да постои без нив. Тоа е доволен доказ. Еве, мене веќе ме нема, а светот постои.

Аз буки вједи е почетокот на црковнословенската азбука. А Б В... „Аз буки вједи“, не се тоа само букви, туку имаат значење: „Јас буквите ги знам“.

Јас е сродно со хеленското и латинското ego, со готското ikk, со германското ich, со литванското as и со хетитското ukka. Не е случајно што е толку краток зборот кој го означува себството. Како во таа краткост да е сосредоточена целата суштина на самопостоењето, тврдото јадро на непорекливата егзистенција. Бидејќи животното постоење додека трае е апсолутно. Не може човек едновремено и да е и да не е. Се осипува неговата граѓа, но живеењето како живеење во еден момент е дадено во сета своја полнотија и единствена неповторливост, без колебање помеѓу битието и ништожеството.

Извор: НИН

ОкоБоли главаВицФото