Се тресат и хонорарците и вработените и работодавците

22.11.2014 11:40
Се тресат и хонорарците и вработените и работодавците

За сите хонорари што се над минималната плата, по Нова година ќе се плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување, но основицата за плаќање нема да биде реално исплатениот хонорар, туку таа може да биде најмалку 50 проценти од просечната плата во Македонија, пишува во известувањето што го објави Фондот за пензиско осигурување.

Практично, ова значи дека за помали хонорари ќе се плаќаат поголеми придонеси. Според последните податоци, просечната плата во Македонија е 21.217 денари, односно 50 проценти од овој износ е 10.608 денари. Независно дали хонорарот е на пример 9.000 денари, или 9.500 денари, фондовите ќе си пресметаат придонеси како да е исплатен хонорар од 10.608 денари.

Работодавачите се затечени од оваа информација и велат дека кога се зборувало за законските измени, такво нешто воопшто не било спомнато.

-Ова не е добра вест и јас сега првпат ја слушам. Во законот што ја регулира ова материја, не беше нешто вака напишано. Ваков е законот за редовните вработувања, но ние не очекуваме дека ќе важи и за хонорарците. Ние само знаеме дека придонеси ќе се плаќаат над секој износ на минималната плата. Значи сега, Фондот за пензиско накалеми онаков правилник како што му одговара. А од друга страна, пак, слушаме дека се изземени, односно нема да се плаќаат придонеси за судии, стечајни управители, функционери. Со ова сме ставени во сосема нерамноправна положба – вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија.

Во известувањето од Фондот за пензиско е наведено точно за чии примања нема да се плаќаат придонеси. Тоа се: примања на професионални спортисти (премии, трансфери), примања на функционери, пратеници, советници и други носители на јавни функции (избрани и именувани лица), надоместок по основ на стипендии, договори за јавна работа кои ги склучуваат единиците на локалната самоуправа, договор за закуп, волонтерство согласно со закон, надоместок за судии, поротници, вешти лица, и стечајни управници, надоместок за врвни спортисти и договори склучени со пензионери.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов деновиве изјави дека функционерите се изземени затоа што земаат надоместок на плата, а не хонорар.

Изземањето на јавните функционери и други ангажирани што ги плаќа државата, предизвика остри реакции кај академската јавност.

„Ќе дозволите властодржецот повеќекратно да собира од вас пари по ист основ? Ќе дозволите да донесе закон што важи за граѓаните, а не за властодршците? И потоа да ги троши вашите пари без да ве праша вас, за споменици, фонтани, фасади, исплата на партиските војници, кои ги наградува со вработување за нивните активности во текот и по изборите? Навистина ќе дозволите некој да ве превезе жедни преку истата река 10 пати?

Ве молам, прочитајте внимателно кој е ослободен од оваа обврска. Многу внимателно (пратеници, стечајни директори, судии, судски вештаци, функционери). Спортистите се тука само за украс. Зошто тогаш не видни уметници? Научници?“, напиша на својот Фејсбук-профил професорката Мирјана Најчевска.

Двојно плаќање придонес за здравство

Законските измени предвидуваат придонесите за хонорари да се плаќаат и за тие што веќе се вработени, а кои дополнително остваруваат некаков хонорар. На ова реагираше СДСМ од каде што посочија дека државата спроведува политика на двојно оданочување. Владата, пак, го правдаше новото законско решение со тоа што ќе се спречи злоупотребата на хонорарците, затоа што има сознанија дека многумина долго се ангажирани како хонорарци, наместо да се вработат. За оние што се вработени, пак, оправдувањето за плаќање придонеси се лоцираше во можноста да се оствари поголема пензија, но изостана одговорот зошто двојно да се плаќа за здравствено осигурување кога здравствените услуги што се добиваат се исти за сите.

За едни плаќа газдата, други сами си плаќаат придонеси

За оние што веќе не се во работен однос, а имаат договори за хонорарна работа кај еден газда, со износ над минималната плата, фирмата е должна да достави пресметка и да им ги плати придонесите. Оние, пак, кои по Нова година ќе имаат договор со повеќе работодавачи и со вкупен износ над минималната плата, мора сами да си платат придонеси, а пресметките ќе ги направат фирмите.

Доколку станува збор за веќе вработени граѓани, и за нивните дополнителни работи ќе се плаќаат хонорари. Притоа, ако покрај редовното вработување, кај истиот газда, вработените имаат дополнителен ангажман, фирмата ќе ги направи пресметките, а уплатата треба да ја направи вработениот. За хонорарна работа, пак, кај друг газда каде што прима хонорар над минималната плата, придонесите ќе ги пресметува и ќе ги уплатува фирмата.

Извор: Слободен печат
Слики: Timothy Hunt