Кондомот и понатаму најефикасно средство за заштита од брак

22.11.2014 13:11
Кондомот и понатаму најефикасно средство за заштита од брак

Скопје, 22 ноември 2014

Резултатите од истражувањето на Институтот за проучување на предбрачните и брачните навики од Скопје потврдуваат дека кондомот е убедливо најефикасно средство за заштита од несакан брак.

„Голем број љубовни парови кои при сексуалниот однос редовно користеле кондом својата врска не ја крунисале со брак. Ако подробно ја анализирате статистиката, ќе видите дека повеќето луѓе во својот живот променуваат неколку сексуални партнери, а склучуваат еден, евентуално два брака. Секако, постојат исклучоци, но многу се ретки, па нивното влијание на крајните резултати е прилично занемарливо. По деталното истражување на сексуалните навики, утврдивме дека повеќето од нашите испитаници при сексот користеле кондом во предбрачните врски. Со оглед на тоа дека повеќето од овие врски не завршиле пред матичар, заклучивме дека кондомот е најдобра заштита од брак која моментално може да се најде на пазарот“, објаснува водачот на истражувањето д-р Стојко Распашков.

Стручњаците од неговиот тим ги предупредуваат сите заинтересирани за овој вид заштита дека кондомите кои ги користат мораат да бидат целосно исправни, а своите резултати ги поткрепуваат со изјави на лица кои неодамна стапиле во брак.

„За да ги потврдиме нашите резултати анкетиравме и одреден број луѓе кои во претходните три години влегле во брачна врска. Покрај среќните парови кои изјавуваат дека се венчале поради љубов, ги добивме и следните одговори: 'Никогаш не мешајте пијачки ако немате кондом со себе' и слично. Сето ова нè упатува на недвосмислен заклучок дека кондомот, освен од сексуално преносливите болести, може успешно да ве заштити од бракот и неговите последици“, објаснува д-р Стојко.

Извор: www.njuz.net