Вандали во библиската земја

25.11.2014 13:54
Вандали во библиската земја

Во учебниците по историја пишува дека Вандалите биле готско племе, кое со векови војувало со Римската империја, а во средината на петтиот век од нашата ера го зазеле величествениот Рим и четиринаесет дена го ограбувале градот, уништувајќи ги притоа сите споменици и уметнички дела. Оттогаш поимот „вандализам“ означува дивјачко и сурово уништување на јавните и приватните имоти, уметничките дела и на сè што е добро и убаво. Во меѓувреме, малку луѓе се запрашале како Вандалите за само четиринаесет дена успеале да го уништат најголемото архитектонско и градителско богатство концентрирано во еден град, и така ја заслужиле вечната темна слава запишана во школските учебници и во речниците на многу јазици. Всушност, се работи за една од најголемите историски лаги за чие расветлување во широката јавност денес како веќе никој да не е заинтересиран. А што навистина се случило, кој го уништил незапаметено големото мермерно благо од бели камени зданија, колонади, плочници, фасади и скулптури?

Рим бил најголемиот метрополис изграден целосно од мермер и бел варовник, толку голем и величествен, што денес само илјадитиот дел што е сочуван од уништување го чини сè уште најбогат град во светот со бели камени зданија и споменици од минатото. Запрепастувачки факт е дека никаде во околината на Рим не постоеле мајдани за вадење мермер и бел варовник, така што непоимливата количина на најквалитетни камења Царството со векови ги влечело од целата своја територија, не водејќи сметка за цената на материјалот и транспортот. Па, која била вистинската причина за мистериозното исчезнување на најголемата количина архитектонски и уметнички мермер на сите времиња? Да, Вандалите, Готите и другите „варвари“ го пљачкосувале Рим во повеќе наврати по падот на Царството, но нивен плен биле само лесните скапоцености што можеле да ги однесат. Белиот Рим го разграбуваа, кршеа, сечеа и разнесуваа, рециклираа и преработуваа самите Римјани, последните императори, Католичката црква, византиските цареви и средновековните и ренесансните владетели на христијанската Европа, долги четиринаесет и кусур векови, сè до средината на деветнаесеттиот век!

Суштинските причини за ова илјада и петстогодишно вандалско уништување на мермерниот град се осиромашувањето на целата територија под некогашното Римско царство и прогласувањето на христијанството како единствена државна религија по Солунскиот едикт на императорот Теодосиус. Од завладувањето на христијанството, целото античко римско архитектонско и уметничко наследство било прогласено за паганско, поради што бесценетото мермерно благо било претворено во евтин извор на градежни суровини од кој се изградени и украсени практично сите катедрални цркви во Италија, како и многу кралски палати во Европа. Ужасната иронија во ова милениумско вандалско рециклирање на камената уметност на Рим, е дека најголемата количина мермер била потрошена како суровина за печење вар со кој се ѕидале куќите на богатите и на обичните Римјани. Оваа базична суровинска индустрија станала толку вносна што големите „варџилници“, со своите огромни печки за варовник, биле поставувани до самите царски палати, форуми или базилики, така што централната четврт на Рим во средниот век била наречена Calcaria (Кречана).

Во самиот центар на Рим во средниот век работеле дузина огромни „кречани“ што ја претворале уметноста на стариот век во негасена вар сè до Ренесансата, кога печењето прекинало на сметка на колекционерскиот грабеж на уметничките дела. Така бесценетото мермерно богатство на античкиот Рим исчезнало во чадот на варџилничките печки и јамите со гасена вар во текот на предолгиот милениум и половина вандалско уништување на сопственото наследство од страна на италијанските христијани. Но, бидејќи тие биле историските основачи на денешната западна христијанска цивилизација, вината за својот вандализам ја пренесоа (очигледно за сите времиња) на потполно невините Вандали.
Иако без историска вина, Вандалите му го позајмија името на секое злодејство со кое се уништуваат вредни артефакти, како што е префасадирањето на архитектонските дела во центарот на Скопје, што се градени од шеесеттите до осумдесеттите години од минатиот век. Ова злочинење на владата на Груевски е најдолно дивјаштво, просташтво и, се разбира, вандализам, каков што во Европа и во развиениот свет не е замислив ниту како состојба на свест, а уште помалку како државна агенда. Како и секој вандализам, и оваа „градителска“ опсесија на режимот на ДПМНЕ не само што е незаконска, коруптивна и криминална, туку е и тежок антицивилизациски злостор против македонската култура. За да се третираат врвните архитектонски дела што ги репрезентираат единствените 60 години од македонската култура како градежна суровина, исто како што тоа го правеа христијанските вандали со уметноста на стариот Рим, таа култура треба да се смета за безвредна. Тој културен шовинизам, тоа потполно омаловажување и негирање на модерната македонска култура, е практично основниот услов за вандалското злодејство на режимот на Груевски.

Механизмот со кој вандализмот на ДПМНЕ првин ги поништува културните вредносни системи, за потоа да прејде на физичкото уништување на архитектонските дела, е идентичен со најголемиот вандализам во историјата во темниот среден век. Таа изопачена дивјачка „супериорност“ со која злосторниците ги уништуваат немерливо повредните и подоблесни дела, тој контраст помеѓу нискоста на злосторникот и возвишеноста на уметничкото дело, ја дефинира самата суштина на вандализмот и на вандалите од сите епохи, суштина која има извориште во нивната сопствена инфериорност, непросветеност и дивјаштво.
Наместо трпење на вандалската власт, македонското општество мора да ја изолира и отфрли Внатрешната криминална организација со вандалистичка и клептократска програма и пракса. Потоа, Македонија треба да се обнови како што тоа се прави со уметничките дела што биле жртви на вандалско уништување: делата се чистат од последиците на вандализмот, се реконструираат, реституираат и се доведуваат во „првобитна состојба“. ДПМНЕ ја враќа Македонија во предмакедонско време, па ослободувањето од диктатурата мора да резултира со нејзиното доведување во „првобитна состојба“, пред доаѓањето на вандалите.

Слики: насловна: Marco Ricci, Пејзаж со класични урнатини и фигури (детаљ), околу 1725-30; Jean Lemaire, Пејзаж со Диоскури, 1650; Pierre Patel, Пејзаж со урнатини и со пастир, околу 1645

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото