Студентските протести мора да се политизираат!

26.11.2014 13:48
Студентските протести мора да се политизираат!

Во ноември 1971 година, во големата сала на Студентскиот центар во Загреб, Анте Параџик, еден од студентските лидери, прогласуваше штрајк на Загрепскиот универзитет. Во воздухот лебдеше харизмата на Иван Звонимир Чичак, со зимското шалче околу вратот и со Матош на усните и на Будиша, хрватски националист кој на страста и на заносот на Чичак им додаваше некоја природна смиреност и рационалност набиени со чудна категоричност и беспоговорност.

Ние бевме на спротивната страна, Југословени од Македонија и од Ислам Грчки, од Бенковац, од краината која дваесетина години потоа, заедно со Белград и Загреб, се разбира, ќе се јави како еден од центрите на разорниот југословенски земјотрес. Јас бев веројатно единствениот човек кој брзаше да излезе од еуфоријата на преполната сала низ која лебдеше највозбудливата хемија на една заедница: мојата идеја беше што е можно побргу да стигнам до поштата крај главната железничка станица и да му јавам на единствениот весник кој имаше платена рубрика "читателите јавуваат", дека загрепските студенти се во штрајк. Бев сигурен дека имам материјал за дваесетина евра во денешна противредност, дека толку пари можам да им лапнам на уредниците во "Политика Експрес" за веста дека во хрватската метропола тукушто се случил настан кој во самото раѓање зрачеше со својата историска димензија, но повеќе од тоа ме чепкаше предизвикот дека за прв пат може да биде објавен еден мој материјал. Успеав да ги истрчам тие неколку километри од центарот до поштата во рекордно време!

Како Филипидес, со таа разлика што јас останав жив, што и денеска може да се забележи. Немав трпение да чекам трамвај, за такси немав пари, а мобилните телефони, како што е познато, се појавија триесетина години подоцна! Таа моја вест ги беше окупирала сите шест колони на првата страница на првото следно издание на белградскиот весник, со објаснување на третата страница дека 45 минути по моето јавување, Танјуг ја потврдил веста. Хонорарот што ми беше исплатен по десетина дена го испивме со колегите во кафето "Палиќ" во близина на Факултетот за политички науки! "Амаро 18" мислам дека беше на програмата! Следната вечер, или неколку вечери потоа, не се сеќавам, на Плоштадот на Републиката ( денеска "Бан Јелачиќ") се собраа илјадници студенти. Полицијата го блокираше плоштадот, а нас, што бевме надвор од тоа окружување, но со своето љубопитство, а некои и со ставовите, ги притискавме полициските кордони што беа дошле од цела Југославија, во правилни временски интервали не’ бркаше низ Зрињевац, тој фантастичен парк во срцето на Загреб ( две години потоа од тој ист парк мававме по американската амбасада во знак на протест по повод државниот удар во Чиле во кој со помош на ЦИА генералот Пиниче го собори претседателот Аљенде), при што некои од нас се препнуваа од ниските оградни жици на парцелите во паркот и добиваа пендреци по грбот.

Тоа наше бегање ги развлекуваше полициските сили и тие по некое време се повлекуваа да ја држат блокадата на централниот плоштад и на крајот да учествуваат во тепањето и приведувањето на тие што беа на плоштадот! Едно утро сите студентски домови се разбудија блокирани со по три реда полициски единици. Не можевме да излеземе и никој не можеше да влезе во домовите. Луѓето што се враќаа од околните продавници и пазари се солидаризираа со нас и ни фрлаа, преку полициските кордини, сокови, цигари и топли лепчиња од околната пекара. Полициски и воени хелихоптери вртеа над рамните кровови на студентските павиљони во "Цвијетно насеље" и над " Шаренградска", ние, демек Југословените, бевме на покривот на еден павиљон, а хрватските националисти или нивните симпатизери, на другиот!

Ова се слики од " хрватската пролет" позната и под името " маспок", движења за либерализација и демократизација на тогашна Југославија, за економска праведност (посебно за праведна распределба на девизите) за јакнење на хрватската државност во рамките на заедничката држава што ја проектираа како конфедерација. Повод за студентскиот штрајк беа студентски проблеми, како што беше изборот на студентски проректор спротивно на интенциите и на кандидатот на единствената партија, но се претворија во доминантно политичко движење за промена на конститутивните односи во Југославија! Тој изблик на нови идеи, како што е познато, беше скршен со енергична акција на системот и на Тито лично, а студентските лидери, заедно со многу други активисти, завршија на по три- четири или малку повеќе години, по затворите во Лепоглава и на други места. Но, веќе наредната година се случија уставните измени со кои се зголемија правата на републиките и покраините и се јавија други процеси кои краен исход имаа во распаѓањето на заедничката држава и во конституцијата на шест нови држави! Кога ги гледа денешниве протести на студентите против екстерното тестирање, човек би можел да помисли дека историскиот развој во меѓувреме ги има разрешено прашањата за државата и државноста, за праведната распределба на економските ресурси, за демократијата и либерализмот! А отсуството на каква и да е страст и енергија, тоа манекенско парадирање по улиците на масакрираниот град, сугерира дека на нашиот фантастично елегантен и култивиран систем, му се случила некаква ситна грешка која ќе биде исправена ако во меѓувреме системот не успее да им објасни на студентите дека тие се во заблуда!

Обаче, сите знаеме дека не е така, односно знаеме дека според сите наведени критериуми ситуацијата во Македонија денеска е полоша и тоа значително полоша отколку во Загреб и во Југославија во 1971 година! Дека Сојузот на комунистите беше една фина, демократска партија во однос на Сојузот на вмровистите и општествена вертикала во која немаше вакви кретени! Сите, ајде да ги наречеме, секторски проблеми, од државните испити во високото образование, до моронизирањето на здравствените работници, од пропаста на новинарството и монструозната деформација на медиумите до идиотизирањето на културната сфера, од тешката беда на една страна и тешкото, со ништо незаслужено богатство на друга страна, од дезинтеграцијата на општеството до катастрофата на државата- сите имаат основен извор и замав во централниот идеен и политички проект на режимот на чипираните идиоти и во суштина не можат да се решат без поглед врз општата ситуација односно без ослободување од режимот! Затоа што сите тие проблеми се позитивни индикатири за режимот!

Тој ја мери успешноста на својата историска мисија со нивото на општествените страдања, затоа што суштината на политичкиот концепт е одмазда и уништување на општеството кое во еден историски контекст се конституирало како посебен субјект спротивно на принципите на вмро! Единствената паралела која во овој текст сакам да ја повлечам е, всушност идејата за општата ситуација како извор на сите поединечни проблеми и како позиција која треба да биде прва за решавање. Најпогрешната работа кај студентските протести е сугестијата да не се политизираат. Јас мислам дека ако нема да се политизираат тие ќе станат бесмислени, независно од тоа дали нема да им воведат екстерно тестирање или ќе им воведат. Режимот сака да проверува какво знаење дава неговиот системот за заглупавување! Тоа е, меѓу другото, цинично! Така што, почитувани студенти, запрашајте се малку за тој систем и за режимот, а не само за екстерното тестирање! Клучно за вас и за вашата иднина е тоа што сте пикнати во машина за мелење месо (Пинк Флојд), а не за производство на умни луѓе и дека од факултетите ќе излезете во средина со која нема да имате што да размените освен, се разбира, глупоста! Дефицитот на тоа што се вика хемија во изразувањето на општествената волја, е резултат на атомизацијата на општеството односно на замаглувањето на општата слика. На обесчувствувањето, на алиенацијата, на искривената индивидуализација, на шарлатанизацијата, на глупавата естрадизација и сл. Не само кај нас, се разбира. А тие што настапуваат со општи теми настапуваат со погрешни општи теми.

Опозицијата, сакам да речам, настапува како маж кој ја гали жената така што внимава оваа да не се возбуди! Лепа Лукиќ би рекла: што је дираш кад не знаш да свираш! Општеството кое се солидаризираше со студентите, всушност, се солидаризираше со себе, со својата мака, тоа се понадева дека студентите ќе ја испровоцираат таа толку неопходна хемија со која ќе може да и се спритивстави на истрошената антихемија на вемерето! Денеска сум во најубавите години, но сеедно би трчал со километри за да јавам некоја возбудлива вест. Како пред четириесет и кусур години! Ќешки да има што да јавам!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат