Битола како полигон за испробување на ново-старите истории

27.11.2014 12:13
Битола како полигон за испробување на ново-старите истории

Дали Битола е пробен полигон за испитување на новите, ревизионистички тенденции во историјата? Ова прашање се поставува во некои извештаи од градот на конзулите ама и се наметнува од посетата што неодамна, навистина во еден брзопотезен мотив, ја видов и на Широк сокак. Минатата недела, во вторникот, на овој славен сокак можеа да се забележат Тодор Петров и неговата камарила како ја „запоседнува“ половината од главната улица, додека на отворањето на изложбата за ослободувањето на македонските градови во 1944 година и новата книга која ја издаде историчарот а која е посветена на априлската војна (1941) на тлото на Македонија дојдоа само „партизаните“, секако и други посетители, особено млади. Петров и неговите домаќини не дојдоа во Музејот, иако имаа време - тие беа на одбележувањето на денот на основањето на Костурската бригада, која исто така учествувала во чистење на Западна Македонија во 1944/1945 година од окупаторските остатоци, практично од балистите.

Оваа поделба на НОВ на две различни „секции“ не е наивна и доаѓа секако од некои повисоки проценки дека „егејската борба“ е национално „посвесна“, дека таа значи немирење со поделбата на етничкото подрачје на Македонците во 1945 година и слично. Постои соодветно деидеологизирање на настаните во овој дел на Балканот преку што е можно помалото споменување на ДАГ, Коминтерна, Москва и зборот „граѓанска војна“ за она што се случуваше во Егејска Македонија 1941 - 48: она што е класно треба да стане национално-ослободително. Грчкиот елемент, по правило се исклучува или се смета однапред за „непријателски“.

Кусиот и пријателски муабет со некои од учесниците на манифестацијата по повод Костурската бригада дозволи да забележам и дека постои меѓусебно префрлување во рамките на оваа групација зошто дојденците од Скопје заминале да запалат свеќи на гробиштата на борци од оваа бригада, кои биле комунисти, а обратно, истите комеморативци ставале замерки кога битолчани оделе во леринско и костурско и муабетеле со комунистите од таа страна на границата (забелешката се става со идеолошки побуди). Иако, според битолчани, одново, грчките комунисти дозволуваат слободно со нив да се „лафе“ на македонски јазик! И постои толеранција и во други теми за кои се двете страни загрижени, како што е сочувување на обележјата на борбата во периодот за време и после Втората светска војна.

Она што посебно привлекува внимание во муабетите за историјата е комплетното повампирување на некои темни ликови од нашата нашата национална историја зад кои речиси отворено стои високата политика.

„Тодор Александров - Македонски Исус и Робин Худ или борец за Бугарија?“. Ова е насловот и импресијата на новинарката - дописничка на Радио Слободна Европа од Битола, по повод основањето на здружение кое го носи името на Тодор Александров. За основачите тој ти бил дури и „македонскиот Исус“ (на ова МПЦ треба да реагира, бидејќи таа споредба е класично сквернавење, нели), додека други историчари реагираат дека рехабилитацијата на Тодор Александров значи оцрнување на Ѓорче Петров.

На основачката средба присуствувале над стотина поддржувачи на неговото дело. Александров, кој во минатото важеше за бугарски агент и нарачател на антентати на македонски дејци, на средбата бил прикажан како еден од најголемите македонски револуционери. Еве како го најавила водителката: „Тодор Александров странските дописници го нарекувале душа на организацијата. Странските новинари во нивните интервјуа го нарекуваа генијален водач, најголем воин на Балканот, фанатичен патриот, последниот Мохиканец на Балканот, Робин Худ на Балканот, Исус на Балканот“, рекла водителката.

Новинарите велат дека мала сала на Центарот за култура по овој повод била преполна, како и дека цел на основачите е „залагање за целосен континуитет на македонската историја од времето на Филип Втори, Александар Македонски и цар Самоил и давање на целосен континуитет на македонската историја во времето на ВМРО како организација од 1903 до 1934 година. Нивната платформа ќе биде и отстранување, како што велат тие, на „белите петна“ од историјата за Тодор Александров и другите револуционери, чие дело било премолчено или минимизирано, бидејќи ликот и делото на Тодор Александров како голем борец за независна Македонија, но и на плејада други револуционери кои биле маргинализирани од страна на комунистичките историчари.

Според оранизаторите на ова здружение, пред судот на историјата, молкот бил голем грев, и долг им е на сегашните генерации да ги исправат грешките и неправдите кон нашите предци, кои се бореле и ги положиле своите животи за македонската кауза.

„Ќе го проучуваме, расветлуваме и чествуваме ликот и делото на еден од великаните на македонскиот народ кој целиот свој живот го вложи за создавање на македонската држава. Но, ќе ги расветлиме и животите на македонските патриоти кои придонеле за создавање на македонска држава, а биле маргинализирани или подзаборавени“, изјавил Златко Нечковски, претседател на здружението.

На основачкиот собир била интонирана химната „Изгреј зора на свободата“, за која беше речено дека била пуштена и на Првото заседание на АСНОМ, а се смета дека Александров нарачал да биде направена во дваесеттите години од минатиот век. Од здружението велат дека ќе имаат за цел да го расветлат неговото дело кое во комунизмот намерно било анатемисано.

„Се знае дека ако се рехабилитира Тодор Александров треба да го оцрните Ѓорче Петров зашто Александров е нарачател на убиството на Ѓорче Петров“, кусо искоментирал Александар Литовски, историчар, по повод овој настан.

Од друга страна историчарот Ѓорги Чекутков вели, бранејќи ги основачите на ова здружение, дека „ако добро ја прочитаме старата комунистичка историографија на Југославија, односно во СР Македонија, и бугарската комунистичка историографија, има паралелно дејствување да ја анатемисаат целата македонска струја на ВМРО која дејствува меѓу двете светски војни. Целта беше да се оцрни името на ВМРО, бидејќи во тој период ја продолжи војната за создавање на независна Македонија. Сите македонски револуционери кои вооружено се бореа против новата окупација по Букурешкиот договор, а македонскиот народ ја водеше во Автономистичката ВМРО на Александров, вооружено дејствување со пушка. Во старата комунистичка историографија беше анатемисано и прикажано во негативна конотација“.

Формирањето на здружението било долго готвено, а е во согласност со тајните, ноќни пароли кои осамнуваат во Битола, со кои се величаат личности како Александров или Черноземски, но одвреме-навреме и се пишуваат антиеврејски пораки! Дали се тие дело на исти раце? Иако оваа појава се влече наназад со години, властите никогаш не ги пронајдоа „писателите“. Или можеби се чека прилика паролашите да добијат некои признанија?!

Оваа ситуација одамна предизвикува револт и реакција на Сојузот на борци од Битола. Претседателот Александар Трајковски стравува дека со ова повампирува врховизмот и фашизмот во Битола.

„За жал, чувствуваме повампирување“, вели тој во интервјуто со новинарката Жанета Здравковска. „Во градот има летоци во кои се величи Тодор Александров, Ванчо Михајлов, Черноземски. Треба да знае македонскиот народ дека тие беа терористи, убијци на македонскиот народ. Иако беа по потекло од Македонија, по Илинденското востание станаа најобични терористи, луѓе кои ги убија прогресивните дејци на македонскиот народ. Ова е голема трагедија за македонскиот народ.“

Од Сојузот на борци повеќе години по ред бараат соодветна акција од надлежните органи. „Полицијата има надлежност над ова и треба да ги пронајде лицата што ги лепат летоците зашто тие се вперени против македонскиот народ, нација и сето она што е сврзано со борбата на македонскиот народ“, додава Трајковски во истото интервју.

„Требаше да се остави науката да го утврди и верифицира местото на Тодор Александров и ако фактите докажат дека вистината е поинаква од она што го имаме денеска и што е утврдено во многу писанија, тогаш немаше да има никаков проблем да го добие местото што го заслужува. Вака се дава голема можност за поларизација. И дебатите што се водат дека после тоа со доаѓањето на нова политичка власт во државата, тие ќе бидат сменети, покажува една несериозност пред сè на подносителите на тие имиња, затоа што тие личности и настани не се пинг-понг топчиња, па секогаш кога ќе дојде нова политичка гарнитура да имаме промена. И како народ покажува дека несериозно се однесуваме кон нашата култура и историја“, рече по тој повод Чепреганов.

Извор: Глобус, 25.11.2014.