Неспокојството е наша привилегија (1)

27.11.2014 12:15
Неспокојството е наша привилегија (1)

Уметноста на театарот е изградена на премисата дека „создавањето среќа“ не е нејзина функција. Ниту театарот воопшто поседува каква било функција.

*

Театарот е толку есенцијален за идејата за животот, што не можеме да го компромитираме правејќи од него имитација на животот. Не можеме да го понижуваме со ритуалите на репродукцијата.

*

Уметноста на театарот, во својата нетрпеливост кон светот, создава сопствени јазици. Впрочем, овие јазици се начин на кој публиката се прочистува од познатиот, од домашниот, од питомиот и препознатлив јазик.

*

Смртта е преокупација на големата уметност дури и тогаш кога не е нејзина непосредна тема. Кога утилитаристите за кратко го освоија театарот, смртта стоеше во фоајето: стрпливо чекајќи; како возач.

*

Да се влезе тивко во тој простор. Да се влезе со мисла за смртта. Да се занимава со смртта дури и тогаш кога смеата ја открива двосмисленоста на нашите страсти. Да се признае смртта.

*

Фоајето не е неутрално. Играта на смртта секогаш е во војна со фоајето. Фоајето е театар par exellence. Првата задача на уметноста на театарот е да го собори фоајето.

*

Суровоста е евтина, баш како и филантропијата.

*

Сите би сакале да ја одбереме својата смрт: како мигот на смртта, така и начинот на умирање. Би сакале да ги контролираме сите епизоди од животот. Но смртта не е една од животните епизоди, таа е од оној крај на животот и ништо во животот не е сродно со смртта.

*

Сексуалниот момент не е спознание. Неговата виталност сепак е вдахновена од погрешната претпоставка дека сексуалноста е осознавање, како што сите наши истражувања и сите наши патувања божем би требало да се сведат на стекнување знаење. Но оние кои најмногу патуваат се ноторни незнајковци.

*

Кога веќе ни е наредено да бидеме слободни, можеме барем да прашаме во чиј интерес е нашата слобода? Зашто, во постоечката состојба на јазикот, а посебно етиката, не е баш очигледно дека слободата е подарок.

*

Зошто бараш од мене да бидам слободен?

*

Дури ни оптимистите не сакаат да го населат рајот. Рајот е чиста принуда. Оптимистите се цинични. Тоа секогаш се разоткрива во нивната смисла за хумор.

*

Длабоката мистерија на Дон Жуан. Мачното чувство дека одредена секвенца од зборовите и гестовите нужно ќе постигне одреден учинок. Постапна супституција на љубовта со суровост, волја да им се наметне на другите, да заборави дека истите фрази некогаш молеле за мир, откровение... откритие?

*

Збор. Овој збор, збор кој е единствен и не може да се замени со ниту еден друг. Извесноста на зборовите, зборовите кои неспорно влегуваат во просторот: во тоа е божествениот квалитет на говорот; тоа е карактеристика на говорот која никогаш не постои во обичниот разговор.

*

Уметноста на театарот го оспорува разговорот.

*

Како да се зачекори во смртта? Не е ли тоа тема за комплетната филозофија и за секој театар, и покрај протестирањето на филозофијата и театарот и нивното тврдење дека се само инструменти на живите?

*

Одиме да гледаме трагедија за да го дознаеме она што веќе го знаеме, што сме го знаеле од раѓање: дека нашите животи се посветени на смртта, макар што знаењето во сите останати форми на социјална егзистенција настојува да го скрие тој факт од нас, па и ние вешто се обидуваме да го скриеме од себе.

*

Се чини дека драмата е кај живите затоа што ја играат живи глумци. Но ликовите никогаш не живееле, ниту, во истата смисла, некогаш се во состојба да умрат. Театарот е лоциран на брегот на реката Стикс (на страната на живите).

*

Големите драми немаат смисла. Наместо тоа, тие се придвижуваат како устата на мртовецот од другата страна на Стикс. Смислените драми се натопени и расипани од смислата. Но која би била смислата на смртта?

*

Трагедијата е раѓање на смртта.

(продолжува)

Извор: Death, The One and the Art of Theatre (London: Routledge, 2005)

Везови: Yoon Ji Seon

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото