Сечење на тетивата

27.11.2014 14:34
Сечење на тетивата

Веднаш да нагласам дека во следните размисли ќе се занимавам со политичката природа на режимот со кој се соочуваме. На културата ќе се осврнам само парцијално, или трансверзално, размислувајќи што културата може да направи за да придонесе повторно да се освои слободата во политичка смисла. Не дека слободата во смисла на уметноста и на културата во овој режим постои. Како и секоја диктатура, и нашата ја сака уметноста и културата како слугинка. Затоа безбројните уметници и директори беа понижувачки впрегнати да протестираат против опозицијата во предвечерието на срамниот 24 декември. Затоа слава, и пари, и јавен простор добиваат само оние што се подготвени да се вклучат во владиниот пакет-аранжман на славење на гордото минато преку трансисторискиот стиропор-барок. Од друга страна, почитувајќи ги дострелите на историските авангарди, сметам дека Македонија не е до толку политички поразена и прегазена, дека сѐ уште има надеж за повторно освојување на слободата во политичка, а со тоа и во културна, и во уметничка смисла. Имено, прашањето на авангардниот отпор го сметам за последен бастион на уметничката етика, која одбива да се приклучи во цивилизациското бесчестие, а кое нема сили да го запре. Кај нас, за среќа, сѐ уште постои граѓанско-политички ескадрон, кој има шанси да го собори режимот, и во таа смисла и уметничката активистичка акција треба да биде во координација. Секое автономистичко – или: „третиот пат“ – дејствување го сметам за кусогледо, дури и штетно, зашто ги слабее и онака не толку сјајните позиции на споменатиот ескадрон.

Значи, културата и уметноста може многу да придонесат кон отпорот. Тие, впрочем, тоа и го прават. Но, треба и понатаму да се охрабруваат и да се поддржуваат. Политичките сили не треба да се плашат од ослободувачката сила на уметноста. Не треба да стравуваат дека слободарскиот фантом ќе ги проголта и нив во едно проголтувачко цунами, сосе нивните притаени слабости. Слободарскиот, критичкиот, преиспитувачкиот капацитет на уметноста е насушно потребен во смрзнувачките, прекројувачките, дисциплинирачки услови на диктатурата. Радикалната уметност ги враќа надежта, смеата, го отстранува стравот и премреноста на луѓето уплашени за сопствените животи или за благосостојбата. Граѓанско-политичкиот ескадрон знае дека по авторитарното застранување демократијата мора да се рестартира од почеток, а ослободувачката и критичка уметност ќе ни помогне да стигнеме дотаму, со својата раблеовска испревртеност, безбедно ќе нè донесе до креативниот хаос на примордијата.

Затоа, креативните акции, културниот активизам треба да се поттикнува, да не речам да се нарачува во сите протестни опозициски акции. Постојат илјадници тактички облици на културен активизам со кои на многу места на сличен отпор низ светот граѓаните се охрабрувале, се интегрирале, движењата стекнувале видливост и симпатии од слободарската интернационала.

Се разбира, постои и друг облик на култура, која опозициската номенклатура треба да ја негува. Тоа е, да ја наречеме, меинстрим, односно нормалната култура. Под тоа подразбирам една релативно автономна, високо квалитетна култура, каква што постоела и пред авторитарното подјармување. Треба да се освојат или да се создадат паралелни културни институции, кои ќе ја чуваат институционалната меморија и ќе упатуваат на добрите времиња, на добрите програми, на добрите проекти од пред диктатурата. Тие сериозни институции треба да зрачат и да сведочат за инаквото, за подоброто друго што стои наспроти диктаторското подјармување. Во специфичниот македонски контекст таа задача и не е толку тешка, затоа што нашиот режим не создаде висока уметност, туку само евтин, авторитарен кич. Стиропор-барокот, патетичната драмска или прозна книжевност, неинвентивните филмови и здодевните документарци не ја пленат ниту домашната, ниту странската публика. Очајните режимлии се крстат времето да им даде патина на нивните бездарни творби или се молат естетскиот вкус да се превоспита за да се постигне некаков катарзичен или хедонистички ефект. Но, иако лесна, оваа задача треба да се исполни со целосна вдахновеност. Секое повторување на кичот, или создавање бофл-уметност од опозицискиот систем, може да ги обескуражи граѓаните, преку досега фаталниот недостиг на доверба изразен преку синтагмата „сите се исти“. Опозицијата не смее да се надева на евтина солидарност од кич-масите, кои би требало да се придобијат со сознанието дека и демократските опозиционери ќе им ги дозволат истите авторитарни и етно-наци фантазми, само што ќе владеат помалку насилно и сурово. Да не заборавиме дека кич-масите уживаат садо-мазохистички во потрагата по „цврста рака“. Затоа секој што е макар и малку заразен со омлитавувачкиот демократски порив не може доволно добро да го задоволи нивниот нагон за цврстина.

Толку за културата во демократскиот отпор. Трансверзално и радијално до ултимативната цел. Освојувањето на политичката слобода значи и ослободување на уметноста. Како премин има уште една функција од граѓанската, невладина култура, која политичкиот отпор треба да ја искористи. Тоа е знаењето и капацитетите на секторот да планира стратегиски. Во услови на лимитирани финансиски средства, на лимитиран човечки потенцијал, на ограничувања од најразличен тип, треба да се применат методите на здравиот стратегиски менаџмент, кои треба најефективно и најефикасно да нѐ доведат до саканата цел.

Затоа сметам дека треба да постои еден стратегиски план. Внатре можат да постои уште некое сценарио и уште неколку комплементарни стратегии, но дијагнозата на противникот, големата визија и големата цел, начините како да се стигне дотаму, мора да се едни и единствени, дури и во постструктуралистичкиот интелектуален амбиент. Во таа смисла, моите понатамошни размисли ќе бидат насочени кон скицирање на таков стратегиски план.

Во однос на дијагнозата на актуелната ситуација, би рекол дека во Македонија владее постмодерна аеробна автократија. Суспендирана е демократијата, авторитарниот режим е заокружен. Идеологијата е постмодерна. Нема вкоренетост и строг концепт во она што го сочинува авторитарниот апсолут. Но, без оглед на менливоста, она што е „авторитарна убавица на денот“, тоа се брани и се препорачува со авторитарна догматичност. Кога велам аеробна, пред себе ја имам сликата на чоколадите со воздушни меурчиња. Односно, диктатурата дозволува во општеството да се јавуваат мали воздушни меурчиња на отпор. Онаму каде што ќе се процени дека демократскиот отпор нема да создаде сериозна штета, тој се дозволува. Тие создаваат ефект на крцкавост и задоволство од реализираноста, макар и делумна, на отпорашите. Во таа смисла, во земјата, прво, постои опозиција, потоа, постојат критички медиуми, и многу интелектуалци не се затвораат за своите ставови, иако извесни шиканирања и колатерална штета им се нанесува. Токму поради таа аеробност на режимот сметам дека една постмодерна стратегија на отпор, која епистемолошки ја милувам, на цветањето илјада протестни цветови, на постоењето илјадници микростратегии, на добредојденоста на секој што ќе откорне тула од авторитарниот ѕид, би била неефикасна. Точна е Фукоовата аксиома дека моќта е капиларна, но авторитарната моќ е затворена, строго хиерархична, колосална. Главната одлика на секоја автократија, или диктатура, е дека таа владее со сила. Нашата диктатура со торпеда ги гаѓаше неколкуте личности и институции што таа процени дека може да ја загрозат на кој било начин. Затоа, капиларниот отпор, како илјадниците стрелички во телото на Гуливер, не може да го легне авторитарниот џин. Може само да го заскокотка. Посоодветно е борбата со авторитарната власт да се види во митските слики на пресметките на Давид со Голијат, на спартанскиот крал Леонид со персиската армада, убивањето на ламјата од св. Ѓорѓија, на Париз со Ахил и слично.

Значи на авторитарниот џин мора да му се исправи воин. Мал, несоодветен, недоволно опремен, недоволно подготвен, но воин. Ако џинот се расфрла со својата застрашувачка сила и тоа го покажува секојдневно, над сите и во секое време, макар и мал микроб на сила мора да му се спротивстави на другата страна. Тој мал микроб на сила е граѓанскиот отпор. Ист онаков каков што започнавме по срамниот 24 декември. Прост, обединувачки, општонароден отпор. Без комплицирани сценарија, без тешко усогласливи мотиви, без сложени координации. Секој што е незадоволен од режимот, што сака да му покаже среден прст, треба да се собира на плоштад, на сретсело, секој ден или секоја вечер во определно време. Да го искаже револтот и несогласувањето. И тоа треба да трае. Да трае. Само така простиот отпор најефикасно ќе се претвори во манифестација на сила, на волја, на подготвеност овој режим да се напади. Отпорот ќе биде стечиште, но и еманација на охрабрувањето. Тој ќе има силна интегративна улога. Таму, на барикадите, ќе се замислува и повторно ќе се открива демократскиот проект и ќе се раѓаат нови љубови. Појавувањето на новиот воин ќе го обеспокојува авторитарниот џин и ќе создава нервоза. Бидејќи, според авторитарниот канон, кога партијата ќе ја освои државата, таа не е партија, ами прераснува во, беневолентно кажано, движење, народна волја, супердржава, тогаш се разбира дека воинот не треба, а и не може да биде креација на една партија, или политичка опозиција. Тоа мора да биде општ граѓански, сенароден отпор. Се разбира, не треба да се прават глупави тактички грешки на дистанцирање од партиите и од политичките играчи. Напротив, политичките играчи треба во контрареторика да инсистираат дека отпорот ги надминува нивните редови.

Значи, воинот треба да биде граѓански амалгам. Таму, во тој амалгам, ќе се родат и новите демократски институции. Како и обично при демократските револуции, тој принцип на базично демократско уредување треба да опстои за целото време на отпорот, и извесно преодно време по соборувањето на автократијата, сѐ дури не се создадат зрели услови за нормализација и политичко- партиска институционализација. Затоа, сметам дека секое дистанцирање на политичките и на граѓанските фактори едни од други, или прераното враќање во категориите на либералната демократија, може да биде погубно. Дури и да се силни политичките фактори, тие не треба да се откажуваат од сенародноста или да се замајуваат дека можат самите да ја изборат битката против авторитарниот колос.

Граѓанскиот воин мора да се кочопери. Тоа особено го дестабилизира колосот, удира на неговата гордост и надменост. Тој сака брзо да ја покаже својата сила и да го смачка противникот „како шлепер жаба“.

Затоа граѓанскиот отпор мора да има радикална, но кратка платформа. Не повеќе од десет божји заповеди, се разбира извајани во камен. Тоа е, впрочем, и визијата за иднината на земјата. Божјите заповеди мора да бидат и имплицитна пресуда на режимот. Која е визијата за Македонија, односно пресудата? Македонија – демократска држава, со поделена власт, интегрирана во ЕУ. Земја што им припаѓа, по дух и по достигнувања, на земјите со западна демократија. Односно, претворање на Македонија од земја од третиот свет во земја од првиот свет. Бидејќи режимот ги измести стратешките цели, па денес Македонија е поблиска до евроазиските отколку до евроатланските интеграции, реално посткомунистичка диктатура, бидејќи го направи примордијалниот антидемократски злостор, ги спои властите што како демократско табу мора да стојат раздвоени (парламентот, владата, судството, медиумите), тој треба да одговара. Визијата треба да содржи заложба за враќање на Македонија на вистинскиот пат и отстранување на причините што доведоа до тоа. Со ветување механизми никогаш такво авторитарно зло да не се повтори. Заради дразнење на колосот, не е лошо во визијата да се содржат дури и персонализирани пунитивни клаузули. Да се набројат по име политичарите, министрите и други влијателни луѓе или слуги на режимот што се сметаат за одговорни и на кои ќе им се суди. Може дури да се предложи забрана за користење на името на владејачката партија и нејзина понатамошна злоупотреба за генерирање авторитарна реакција.

Откако воинот го исправивме пред ламјата, треба да ги пресметаме шансите за негова победа. Анализата на митовите на нерамноправните дуели главно укажува на единствена борбена тактика. Народните воини користат неколку напади со кои го замајуваат џинот, а потоа му го задаваат клучниот удар, откриената најслаба страна, како тетивата на Ахил, или окото на киклопот, или симболичките слабости, како близината на сонцето, односно далечината на земјата. Во некои случаи тоа е неочекуван директен удар во сржта на неговата моќ, кој го парализира или веднаш го дезинтегрира. Кои се замајувачките напади што му стојат на располагање на нашиот граѓански Давид? Тоа се потенцирањата на слабите страни на режимот, односно разобличувањето, претворањето на неговите моќи во негови слабости.

Најлесно и најпрво, режимот владее преку корупција и клиентелизам. Граѓаните се капиларно врзани во синџир што треба да ги доведе на ред за „омрсување“. Треба да се разобличи дека се работи не за синџир на привилегии и социјална мобилност, или за некои и голо преживување, ами за пирамидална измама, во која само првите во играта добиваат, а сите други, кои се на дното на пирамидата, не добиваат ништо, односно дека пирамидата се одржува благодарение на нивните влогови, кои никогаш нема да им донесат добивка, односно дека пирамидата ќе се распадне во оној момент кога тие ќе престанат да ја хранат. Значи, на граѓаните треба да им стане јасно дека поддршката за авторитарната власт е избор дали магарето да им го шибне или змија да ги касне. Се разбира, отпорот мора да покаже дека граѓаните ќе просперираат со остварувањето на демократската визија на Македонија. Дека припадноста на првиот свет е привилегија што носи многу мед и млеко и на кратки и на долги патеки. Многу повеќе од отровната мобилност на диктатурата. Доволно е само да се нагласи користа на нашите „најголеми непријатели“, добрососедите Бугарија и Грција. Нешто што им е очигледно и што ги полни со завист нашите граѓани, а режимот ја претвора таа завист во одржлив инает. Подудар во рамките на овој напад е да се докаже дека нивната борба за инвестиции и слободни економски зони е, всушност, едно ново подјармување на народот, претворање на сите во лумпенпролетери, кои треба да работат во нечовечки и експлоататорски услови за надница околу минималната плата без никакви синдикални права и привилегии.

Втора, поголемата моќ на режимот е токму инаетливата национална гордост. Среќата на вековниот роб што може да си биде свој газда макар и од Табановце до Гевгелија. Треба да се докаже дека подобрувањето на односите со соседите не мора да се случи преку губење на националното достоинство и гордост. Тоа е Баба Рогата на режимот. И за тоа мора да се најдат помали позитивни примери (проблемите со Србија и Бугарија) пред да се прејде на најкрупното решение. И второ, треба да се разобличи дека актуелниот режим не е националистички, во смисла на патриотски, туку дека се една банда криминалци и оѕверени клептократи од кои земјата треба што побрзо да се ослободи. За навек.

Може да се откријат уште слабости, но мислам дека овие две се најважните. Во интерес на просторот кратко би се осврнал на завршниот удар. Искуството од Таксим, Сирија, Украина, покажува дека откривањето на клучните слаби страни може да биде фатално. Ако клучниот удар не го дезинтегрира чудовиштето, тоа може сите да ги повлече во продолжителна агонија. Затоа сметам дека слабите страни треба само тактички да го замелушат, а дека главниот удар врз македонското чудовиште треба да се случи при неговата најсилна моќ. Ако македонската ламја владее со сила, таа треба да се надбори со сила. Би сакал да е тоа силата да се победи на избори. Но, разните искуства на (повторно) воспоставување на демократијата, знаат за разни варијанти под митската закрила на ноќта. Се разбира, постои голема непредвидливост на историјата. Некогаш тоа е кадифена, пролетна, понекогаш валпургиска, мошне често и бартоломејска, а сосема реално и ноќ на долгите ножеви. Цинична вистина е дека победниците ја пишуваат историјата. А, во демократиите тоа им се дозволува и на постструктуралистите. Но, едно е неодминливо, а тоа е најголема болка на македонскиот активизам. Секоја историска врвица почнува со првиот чекор.

Слики: Свирачиња
Извор: Што да се прави (зборник текстови, 2014)