Варвари пред медиумските порти

28.11.2014 01:53
Варвари пред медиумските порти

„Она што не ве убива, ве прави посилен!“ Оваа илјадници пати парафразирана поговорка на Ниче сé уште најдобро ја опишува состојбата со новинарството и медиумите во Македонија во изминатите девет години од доаѓањето на Груевски и фамилијата на власт во Македонија. Навистина, состојбата со медиумските слободи и професионализмот во новинарството отсекогаш биле валидна тема за разговор и во некогашната македонска демократија, но со укинувањето на демократскиот систем во државата во изминатите 5-6 години и неговото заменување со една простачка, популистичка автократија, многу медиумски порти се најдоа исправени пред налетот на современите анти-демократски варвари. Многумина попуштија, некои добро се наплатија, други кукавички се предадоа, измислувајќи десетици тажни или бесмислени изговори. Како кај Аристотеловата „песна на сирените“, демагошкиот говор на Груевски, со кој тој ја претвори демократијата во тиранија, заведе многумина во помислата дека легитимноста стекната од „народот“ е валиден изговор за гушењето на слободата, по што истиот тој „народ“ станува немоќен да му ја одземе легитимноста на режимот пред растечката моќ на автократската држава. Сега е веќе и практично потврдено дека ставот оти слободата не те интересира додека стомакот ти е полн е најдобриот рецепт, неслободен, да останеш со празен стомак. Варварите, сега, се исправени пред сечии порти… Мечката заигра во сите дворови.

ВЕЖБАЊЕТО ТЕ ПРАВИ ПОСИЛЕН

Но, многумина уште цврсто стојат зад неколкуте електронски и печатени медиумски капии притиснати од бројните анонимни орки на режимот кој блуе пропаганда, клевети и навреди по секого кој се одважил да не се согласи, да не премолчи. Да, би се рекло дека долги години одолевајќи на убиствените закани на варварите, станавме посилни. А, не знаевме колку сме силни, додека силата не ни стана единствениот избор за да опстанеме. Многумина дополнително сфатија дека силата не „паѓа“ од небо, туку дека таа се стекнува преку борба, со искуство, со одржување кондиција. Но, најважно од сé е да решите да не се предадете. Кога ќе ја донесете таа одлука – понекогаш невозможна, често скапа, неретко опасна и за вас и за вашето непосредно опкружување – тогаш, во суштина, веќе сте победиле.

За тоа, ми се чини, е поучен примерот на Здружението на новинарите на Македонија, популарното ЗНМ. Таа неперфектна, несовршена, понекогаш збунета и неефикасна организација на македонските слободномислечки новинари успеа да одолее на сите домашни (и по некои странски) притисоци, закани и злоби и да го сочува својот интегритет – а со тоа и интегритетот на своите членови – и да преживее како една од ретките организации во државава кои опстојуваат во својата намера слободата на мислењето и говорот да се брани по секоја цена. ЗНМ е и една од неколкуте граѓански организации во Македонија против кои режимот спроведе специјално обмислена и спроведена стратегија за целосно уништување: се направија енормни персонални притисоци врз членството и лидерите на Здружението; специјално се променија законски одредби за да се поткопа силата и улогата на ЗНМ; се води непрекината баражна црна пропаганда од сите провладини калибри против челниците и видни членови на Здружението за тие да се вознемират, да се заплашат, да се уценат и да се замолчат; имаше обиди за поткуп, но и демонстрирање на брутална сила наспроти активностите на асоцијацијата; се организираа паралелни иницијативи за ослабување на организацијата и на активностите на ЗНМ за да му се наштети на неговиот углед и легитимитет; само еден-двајца од фамилијата знаат – а можеби и јавноста наскоро ќе дознае – колкумина од членовите на ЗНМ, како во некои изминати недемократски времиња, се ставени под „посебни мерки“ за следење, за да се компромитираат или заплашат; не се стеснија ни од притисок врз „странците“ за тие да ја повлечат поддршката, финансиска и политичка, за ЗНМ; на Судот, тој избербатен храм на правдата, наместо терезија, му ставија пендрек во раката…

Објективно, власта со години троши прилични ресурси – финансиски, оперативни, политички, пропагандни – без да ја постигне посакуваната цел за ликвидација на ЗНМ. И во тоа никако да успее. Дури, на прв поглед, би се рекло дека тоа што не нѐ отепаа, нѐ направи посилни.

СЛОБОДАТА Е ЗАРАЗНА БОЛЕСТ

Посилни? Секако! Но дали сме и подобри и помудри?

Би се рекло дека сме порешителни по секоја нова провокација и притисок, но некако и ние се олошивме, изгубивме чувство за убавина, понекогаш и за мерка, а кај многумина расте желбата за одмазда. Горчината што ја носиме во себе откако сме исправени да се браниме со раце и нозе од варварите што застанаа пред медиумските порти во Македонија и откако повеќето од медиумите паднаа пред таа варварска навалица, нѐ направи да изгубиме години бранејќи ја некогаш освоената слобода, но не развивајќи ги стандардите во професијата. Знаете ли колку теми пропуштивме за кои можевме да пишуваме или да известуваме, знаете ли колку жанрови останаа неиспробани, со колкумина луѓе не направивме интервјуа, знаете ли колку енергија потрошивме за да се одбраниме од хулиганите на македонскиот популистички Џингис Кан и неговата пропагандистичка фаланга?!

Некој ќе рече дека највисокиот професионален стандард е слободата, па, според тоа, времето изгубено за одбраната на тој стандард не е напразно потрошено. Секако. Но, приказната за овдешното новинарство се исцрпи на тоа. Пред очи ни расте цела една нова генерација на „новинари“ од кои повеќето се професионално (а некои и буквално) неписмени, кои не знаат дека во новинарството фактите се поважни од „вистината“, кои не знаат што е репортажа или како се пишува вест, кои мислат дека интернетот е главниот новинарски соговорник, а соопштенијата од државните институции единствените новинарски извори. Кои мислат дека полициските соопштенија по апсењата се поважни од судските процеси што би требало да следуваат. Кои не истражиле ни една сторија, под услов да знаат дека во нашата професија да знаеш да раскажеш приказна е прашање на занает што не се учи (само) по кафеани. За кои сензациите и парите се единствениот мотив во професијата и на кои неколкуте новинарски „олупини“ потонати длабоко на дното на овдешното медиумско мртво море им се единствените примери во кариерата. Кои духовно изгледаат како што (пре)пишуваат: анонимни и евтино платени парталковци во служба на нечии други скапи интереси.

Според тоа, можеби варварите, на долг рок, сепак успеаја да нѐ победат вградувајќи ги своите грди животни погледи во следната генерација?

Можеби. Но, таа идна генерација мора да добие шанса, кога ќе се сврти наназад во преиспитувањето на корените на злото, да каже дека имало и такви кои не попуштиле, не дозволиле да бидат заплашени и замолчени. Можеби варварството е лесно пренослива општествена болест, но слободата е ѓаволски позаразна!

Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Geffen Refaeli