Неспокојството е наша привилегија (2)

28.11.2014 12:26
Неспокојството е наша привилегија (2)

Велиме: суровиот човек има душа кога ги контемплира противречностите на својата суровост. Зарем не би требало да го растегнеме истиот критериум така што ќе го опфати и милостивиот човек?

*

Бидејќи уметноста на театарот е света уметност, таа им припаѓа на глумците, а не на забавувачите. Кога глумецот ќе се впушти во забавување, би требало да знае дека тоа може да го чини живот. Кој би го ризикувал сопствениот живот за да биде забавувач? Би било навистина срамно да се убие измамник, циркузант, факир; тоа би бил чин на голема арогантност (дури и во случај забавувачот да ни ја украл жената). За ниту еден забавувач не можеме да кажеме дека заслужил казна поради своето забавништво. Но глумецот можеме сосема праведно да го обвиниме дека ни го скршил светот.

*

Уметноста на театарот тежнее кон морална соголеност. Дотолку е спротивна на едукацијата. Едукацијата е облекување, подобро кажано, гушење во слоеви и слоеви етички украси...

*

Постоечкиот театар нуди бројни оддишки, евтини лекови, како иронијата. Спротивност на трагедијата не е комедијата, која поради својата суровост живее заедно со трагедијата, туку иронијата...

*

Признаваме дека болката маѓепсува. Трагичната протагонистка ја проучува својата болка не барајќи да биде спасена. Спасена за што? За продолжување на ваквиот живот? Но веќе се откажала од него...! Во тоа е тајното сознание на трагичното искуство: светот е несоодветен.

*

Кој може да сведочи без неспокојство? Но, неспокојството е наша привилегија.

*

Толку многу оставаме на брегот на смртта... Колку е трагедијата блиску до поништување на вредноста?

*

Ако смртта има свој јазик, тој јазик сигурно не е наш. Трагедијата го антиципира јазикот на смртта, како во смисла на поинаков текст, така и во смисла на шок поради изговореното.

*

Дали трагичарите се доволно храбри за трагедијата? Дури и во уметноста на театарот, копнеж да ја искупиме вредноста од смртта...

*

Мир на гробот. Или барем така изгледа надвор од гробот. Што ако смртта е какофонија? Не знаеме ништо...

*

Како само смртта прави од нас идиоти... Во тоа е нејзината дисциплина.

*

Ако смртта навистина не е ништо, многу помалку би се плашеле од неа и многу помалку би размислувале за неа. Несигурноста поврзана со смртта произлегува од несигурноста дека смртта е нешто.

*

Смрт – учење?

*

Доаѓам блиску. Кажувам сè. Но само на таков начин што слушателот се прашува дали тоа што го слушнал е замислено.

*

Да се движите секогаш надвор од дофат. Да се биде секогаш само во непосредна близина.

*

Не се раѓаме полни со грев, се раѓаме полни со апетит за него.

*

Да се каже вистината искрено е најбедната претензија на театарот. Да се лаже искрено е еуфоријата на уметноста на театарот.

*

Стравот од говор е знак за духовно здравје, а баналноста на зборувањето е универзална и предизвикува мачнина. Во уметноста на театарот признаваме само една единствена обврска: да го спасиме говорот од него самиот.

*

Сè што опишувам е театар, дури и кога театарот не е тема.

*

Изгледа дека театарот им дава задоволство на многумина. Уметноста а театарот им дава неспокојство на неколкумина. Што е поголем дар?

*

Не го познавам театарот и театарот не ме познава мене.

Кон првиот дел

Извор: Death, The One and the Art of Theatre (London: Routledge, 2005)

Везови: Max Colby

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Стрип / Култура / Теорија
Наука / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото