Засадени илјадници оброци

03.12.2014 13:12
Засадени илјадници оброци

Скопје, 3 декември 2014

Македонските граѓани масовно се вклучија во акцијата за пошумување на Денот на дрвото, а мотив на најголемиот број учесници во акцијата беше обезбедувањето корења како храна за во иднина.

„Среќен сум што граѓаните ја сфатија важноста на засадувањето на сопствената иднина и масовно се зафатија со обезбедување егзистенција за себе и своите семејства“, изјави премиерот Никола Груевски и додаде дека јадењето корења кај народот се јавува исклучиво како последица на светската економска криза.

Овој важен празник соодветно го одбележа и министерот за финансии Зоран Ставревски, кој засади дрво во Џумајлија и најави дека инвеститор од Амазонија е заинтересиран за засадување 20.000 дрвја во овој регион.

„20.000 дрвја се исто толку корени. Ова е грандиозен потфат во прехранбената индустрија и на долг рок може сосема да го реши проблемот со гладот во земјава“, рече Ставревски.

Скопскиот градоначалник исто така учествуваше во акцијата, објаснувајќи дека садењето дрва го вбројува Скопје во редот на најпознатите светски метрополи.

„Скопје и Њујорк имаат многу заеднички работи. Во Њујорк има дрва, а и во Скопје има дрва. Њујорк го има Централ Парк, Скопје го имаше паркот кај Бристол“, изјави Коце Трајановски за Пара вести.

По повод Денот на дрвото попладнево во Институтот Павел Шатев ќе се одржи трибина на тема „Античките корени на македонските дрва“, а во МАНУ во 20 часот ќе започне научната конференција „Власта и дрвените адвокати“, на која ќе учествуваат научници и гости од повеќе епохи, особено од антиката и барокот.

Слика: Свирачиња