„Inner traces“ - изложба фотографии на Ана Лазаревска

04.12.2014 09:14
„Inner traces“ - изложба фотографии на Ана Лазаревска

На 4 декември во независниот културен центар Кула, ќе биде отворена самостојната изложба на фотографката Ана Лазаревска, насловена како „Inner traces“. Изложбата ќе биде поставена една недела.

Серијата фотографии „Inner traces“ на Лазаревска, впечатливо ја доловува релацијата простор-време, со посебен акцент на временскиот печат втиснат во ентериерите на одамна напуштени селски куќи, каде што се направени фотографиите. Напуштените куќи даваат сосем пригодна сценографија и „подлога“ за идејниот концепт. Објектите во распаѓање, надополнети со духот и живоста на човековото присуство (скоро затекнато сред временските траги на ентериерот), добиваат сосем нова димензија и приказна во композицијата на кадарот.

Или, како што стои во текстот за изложбата на кураторката Бојана Јанева-Шемова:

„Во нејзиниот најнов проект, 'Внатрешни траги', употребувајќи ја фотографијата како еден од најелегичните модуси на изразување, авторката документира интензивирана релација со секвенцата минато, осведочено 'memento mori' во ентериерот на стари, напуштени, селски куќи. Но, додава и дополнителен визуелен контекст преку осведочениот перформанс изведен со спонтани транс движења на нејзиното тело во просторот – директна референца за емоционалното до(-о)живување потенцирано со мизансценот на трошната куќа.“


Ана Лазаревска вели дека одбирањето на темата кон која го насочува својот интерес, секогаш ѝ е поврзано со искуствата и емоциите. Што се однесува пак до нејзината актуелна изложба „Inner traces“, самата објаснува:

„При создавањето на овие дела се водев од внатрешниот импулс за изразување преку перформативно движење. Движењата се родија инспирирани од примордијалното чувство на враќање кон моето минато и минатото на моите предци. Просторот во кој движењата ги добија своите природни форми се стари, и најчесто напуштени куќи. Со синтезата меѓу трошната граѓа од куќите-остатоци и вивидната форма на движењата-зачетоци, се отвора прашањето за непостојаноста и променливоста на сѐ, односно што е она што било и што ќе остане од сето тоа, каде престанува сѐ? Токму тука, фотографијата се појавува како сведок-медиум на мојата непредвидлива и променлива реакција, како документ за ефемерноста на нештата. При процесот на документација и создавање, движењето, свесноста за кадарот, композицијата и светлината се појавија како елементи кои допринесоа кон низа дополнителни прашања во однос на меѓусебната релација на перформансот и фотографијата, како канал за презентација на внатрешните траги.“


Визуелниот уметник и фотограф Ана Лазаревска (1987) го завршува своето образование на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Во 2009 година станува дел од стипендиската програма CEEPUS и завршува еден семестар на Ликовната Академија во Загреб. Во текот на студиите како и по дипломирањето учествува на работилници и резиденции во Австрија, Хрватска и Либан, како и на неколку ликовни колонии низ Македонија.Во последните години одржува две самостојни изложби, како и еден самостоен интернационален проект во соработка со уметници од Австрија чија реализација е сеуште во тек.

Лазаревска како уметник сака да си поигрува со вариетет од форми, медиуми за изразување и простори. Се обидува да ги вклопи времето и емоциите во уметничката форма и при тоа не сака да поставува граници кај медиумите преку кои се изразува. Па затоа, во нејзините досегашни дела можеме да сретнеме најразлични матерјали, колажи, инсталации, видеа и перформанси - па и комбинации од повеќе медиуми зедно.

ОкоБоли главаВицФото