Сеќавањето како антифашистичко оружје

10.12.2014 12:38
Сеќавањето како антифашистичко оружје

Или за 70 годишнината од смртта на Ромен Ролан

 

Како да се бориме притив фашизмот? Одговорот може да понуди разни методи и средства за антифашистичка борба, но сосема сигурно, еден од начините на борба е сеќавањето, помнењето, историјата! Особено што левицата има прекрасна, херојска и епска, борбена традиција! Во најмала рака, да се потсетат луѓето на фашистичките злодела, или на херојската антифашистичка борба е начин да се наштети на фашистичката пропаганда и на ширењето на фашистичката идеологија. Не постои поглупава теза, од тезата која ја пласираат некои "квази-левичари" дека левицата нема потреба од историјата! Свесен сум дека тоа се должи на нивната природна интелектуална ограниченост и мрзливост, како и половичното (историско) образование, но тоа мора де се надмине, за да се има успех во спротивставувањето на фашизмот! Едноставно кажано, "левицата" мора да извојува победа на своето "историско сеќавање" за да има политичка иднина! (Е, за историското сеќавање вреди да се напиши една посебна статија). Со сè ова, фактички, сакам да кажам дека на "левицата" под итно ѝ треба "историско образование", а заедно со тоа и создавање на слободољубива и прогресивна "историска свест"!

Токму водејќи се од ваквите мотиви, се решив да потсетам на јубилејната годишнина од смртта на нобеловецот Ромен Ролан, кој беше еден од најекспонираните антифашисти во периодот меѓу двете светски војни!

Веднаш да кажам дека овој текст нема претензија да го исцрта животописот на големиот Ромен Ролан. Такви биографии се направени во голем број, па секој оној што сака поблиску да се запознае на таков начин со животот на Ролан, може тоа да го направи ако се информира од нив. Мојот текст нема намера ниту да прави анализа на делото на Ролан од литературно-уметнички аспект. Тоа е задача на далеку поедуцирани и специјализирани лица за уметност и литература, отколку што сум тоа јас. Овој текст единствено има намера да ја одбележи јубилејната годишнина од смртта на еден голем антифашист, да ги потсети Македонците на ликот и делото на Ролан и да го зајакне антифашистичкиот дискурс во македонското општество. Токму затоа, во мојот текст акцентот е ставен на општествено-политичката ангажираност на Ромен Ролан, а најмногу на неговата антикапиталистичка и антифашистичка активност.

Творечката и општествено-политичката активност на Ромен Ролан е мошне интензивна и широка. Тоа е така, затоа што во центарот на неговото внимание е „целиот човек“. Тој пишува романи, статии, есеи, монографии за славни писатели, уметници, композитори... Едноставно кажано, тој е манифестација на универзалноста на творецот! Општествената ангажираност била толку широка и интензивна што како епитети му се лепеле карактеризациите дека е "прочуен писател-хуманист", дека е "бестрашен борец за мир, правда и слобода", дека е "совест на Европа" и, најпрестижното, дека е "совест на човештвото во најмрачните и најтешките денови на неговото постоење".

Ваквите епитети ги стекна бидејќи се раководеше од сопствениот морален интегритет! Со други зборови кажано, тој беше човек што по секоја цена настојуваше да ја зачува чистотата на сопствениот образ! За да го постигне тоа, како свој основен принцип во пишувањето и опшествено-политичкото дејствување го постави хуманизмот, односно човекољубието. Затоа, на пример, неговото творештво е утилитарно во насока на напредокот на човештвото! Тој настојува да ја дискредитира и замени дотогаш доминантната "декадентна, бескрвна уметност на неомистичарите" со една "народна уметност" која е општествено и социјално ангажирана. Тој сметаше дека никој, дури ни "интелектуалната елита", нeмa право да создава "езотерична уметност", да cе затвора вo својата "високомерна шпекулација". И таа интелигенција треба, a тоа е и вo нејзин сопствен интерес, да гo "откупи својот интелектуалсн егоизам" co плаќање "данок на општеството". Тој редовно ги истакнуваше некогашните светли примери на: Рабле, Монтењ, Волтер..., односно на сите носители на "големи датуми од социјалната и културната историја на светот", кои се факели на Прогресот, а со цел да ја потцрта неопходноста од борбен став во творечкиот чин! И затоа, Ромен Ролан неотповикливо тргна во борба за социјална правда и човечко достоинство, во заштита на благородните идеали за слобода, братство и еднаквост! Впрочем, мора да се имаат во предвид зборовите на големиот познавач на ликот и делото на Ролан, нашиот врвен македонски интелектуалец и национален деец, професор д-р Георги Шоптрајанов, кој во своето дело за францускиот нобеловец запиша: "Комуникативната вредност кај Ромен Ролан e определено ефектна затоа штo основната градба на творбите се темели, главно, врз историски материјал, пред сè врз Револуцијата, или врз непосредна, актуелна тематика, она што теориски се вика ‚објективна pеалност' до степен да се губи, втопува, брише и станува рационален модел со социјална сфатливост и приемливост. Токму на овој план творештвото на Ромен Ролан е оригинално и беше прифатено од прогресивните сили на нашето столетие и нашата стварност."

Еден од главните принципи на дејствување на Ромен Ролан е неговата борба против национализмот и милитаризмот! Особено е интересно и значајно неговото однесување и дејствување во време на Првата светска војна. Тој тогаш се наоѓаше во Швајцарија. Иако и пред да почне Војната, тој го насети вооружениот судир и го осуди во своите дела, особено во неговото најволуменозно и најзначајно дело "Жак Кристоф", сепак, почетокот на Војната за него значеше можност да го потврди или уништи сопствениот МОРАЛ! Имено, со почетокот на Војната, многу писатели, уметници и интелектуалци, иако до тогаш пропагираа мир и братство меѓу народите, подлегнаа на националистичката атмосфера создавана од пропагандните центри на моќ и ги "отфрлија" своите пацифистички и антинационалистички заложби. Тоа беше време кога единствено беше "дозволено" и профитабилно да се пропагира нетрпеливост и омраза меѓу народите, а тој, Ромен Ролан, наспроти огромното мнозинство на "интелектуалци", се "осмели" да остане принципиелен и доследен и започна уште почесто и појасно да ги осудува милитаризмот и национализмот. Во својата книга "Над метежот" ги разобличи лагите на национал-патриотизмот и лицемерството на оние кои лефтерно ги жртвуваат туѓите животи, односно на оние кои го злоупотребуваат идеализмот на младите и пожртвуваноста на некои возрасни луѓе. Тешки обвинувања тој упати и кон разните влади и владетели, кон политичките партии и организации, кон црквата, кон академиите за наука, кон универзитетите и кон "интелектуалците". Во крајна линија, директно го нотираше капитализмот како причина за несреќите на човештвото и Војната! Наеднаш, се најде во позиција "сам против сите"! Во Франција беше прогласуван за "национален предавник", а во Германија за "француски шпион". Беше наспроти "трендот", беше наспроти она што е "модерно", беше спротиставен на "општоприфатеното", беше НАСПРОТИ СВОЕТО ВРЕМЕ! Но, Ромен Ролан, беше предоследен и морално преголем, за да се загрижи заради позицијата "сам против сите", или заради негативните етикети што врз него ги "лепеле" слугите на Војната и национализмот! Тој, токму во моменти на воено лудило и бесен национал-шовинизам, пишуваше: "Има нешто што е поголемо од Татковината, тоа е ЧОВЕЧКАТА СОВЕСТ! Јас не ја спротивставив ВИСТИНАТА на ЉУБОВТА кон Татковината - се трудам да ги усогласам." И, токму заради својата морална големина, во делото "Лилили" од 1919 г., на еден сатиричен и алегоричен начин, направи жесток протест против „империјалистичката измама, измама на трговците за оружје, но и измама на дипломатијата, на Црквата и на интелигенцијата која своето знаење и способност ги стави во служба на империјалистичките разбојници“. Слично, дури можеби пожестоко и поотворено, осуда на милитаризмот во услуга на капитализмот, Ромен Ролан направи во делото "Клерамбо" од 1920 г.

Неговата општествена ангажираност, постојано се движи пo нагорна скала - кон антимилитаризам, кон антиимперијализам, кон антифашизам, кон активен социјализам! Всушност, тој, поттикнат од сознанието дека во општеството се вршат големи промени, пред сè сo "демократски тенденции", активно се вклучи во тоа "движење". Самото тоа "демократско движење" (односно социјалистичко движење), бележи тој, наложуваше творците (интелектуалците, вo поширока смисла) да си стават задача "дa мy служат и да го управуваат", при штo енергично треба да се спротивставуваат на "детинските каприци на модата". Кога се случи Октомвриската револуција, тој беше еден од првите големи европски интелектуалци, кој јавно ја поздрави и отворено ја поддржа! Во наредните години се допишуваше со интелектуалци од Советскиот Сојуз, а особено долготрајна и плодотворна преписка имаше со Максим Горки. На негова покана, во 1935 г. со својата сопруга престојуваше во Москва и беше примен од Јосиф Висарионович Џугашвили Сталин, кој му изрази благодарност за поддршката на Октомвриската револуција и Советскиот Сојуз. Покрај тоа, му беа доделени највисоките почести и признанија на Советскиот Сојуз, а беше прогласен за почесен член на Академијата на науките на Ленинград.

Натаму, за дополнително да ја илустрирам неговата "политичко-идејна" ангажираност, ќе укажам дека во дваесеттите години на минатиот век раководејќи се од политички мотиви ја напиша и објави монографијата "Ганди", со која сакаше да го помогне индиското национално-ослободително движење и со која сакаше, уште еднаш, да се вброи во редот на оние кои ја водеа антиколонијалистичката и антикапиталистичка борба во светски размери. За Ромен Ролан, аполитичноста беше општествено штетна појава, а тој негов став е особено значаен и актуелен денес, кога многумина се дистанцираат од политичките случувања околу нив и со тоа им помагаат на криминалните и злосторнички политички елити во нивното уништување на нацијата и луѓето.

Впрочем, не смее да се изуми и да не се спомене дека Ромен Ролан, во 1926 г., заедно со Анри Барбис, беше еден од најангажираните интелектуалци во формирањето на "Меѓународниот комитет за одбрана на мирот" со седиште во Париз, кој пак по извесен период ќе се претвори во "Меѓународен комитет за борба против фашизмот". И уште повеќе и уште појасно, Ромен Ролан во август 1932 г., најактивно ќе се вклучи во организирањето и работата на големиот Амстердамски антимилитаристички конгрес, каде огромен број слободномислечки интелектуалци од разни земји на светот ќе го осудат растечкиот милитаризам и фашизам и ќе повикаат на најширока акција за нивно уништување. Фашистичка Германија се обиде да го "поткупи" Ромен Ролан со тоа што му го додели "Орденот Гете". Но, не можете да ја поткупите свеста и совеста на таква грандиозна човечка величина каква што беше Ромен Ролан! Едноставно, тој интелектуалец во вистинска смисла на тој збор, имаше огромен морален интегритет и ретко видена висока свест и совест, па веднаш, решително ја одби фашистичката награда (ах, се прашувам, кога кај нас ќе се појави некој ваков доблесен Човек и Интелектуалец, па да одбие нешто од власта?). Како "освета" за таквиот чин на Ролан, германските власти го вброија романот "Жан Кристоф" во категоријата "марксистичка литература" и со тоа го сместија во "проколнатите книги", кои јавно беа горени низ Германија! Но, цела оваа "историја" со "Орденот Гете", покажува зошто воопшто не се за изненадување зборови на Ромен Ролан во 1933 г., по кои "неопходно е да се направи избор: Не може да истовремено да се биде за Лесинг-Гете и Гебелс-Розенберг. Едното го уништува другото." Тоа пак, се зборови, кои симболично можат да се однесуваат и на нашата современост, оти, со оглед на политичките тенденции во светот и кај нас, сите, порано или подоцна, ќе бидеме исправени пред изборот: фашизам или антифашизам!? А, повторно, "неопходно" е и ќе биде - да се направи избор!

Извор: Глобус

ОкоБоли главаВицФото