„Тигрите“ кои го создадоа МСУ

10.12.2014 12:44
„Тигрите“ кои го создадоа МСУ

Од денес, во Музејот на современа уметност, отворена е изложбата „Во тимот е силата - Тигрите“, посветена на тројцата полски архитекти кои го создадоа еден од најважните скопски објекти.

Музеј на современата уметност - Скопје 1969-1970

На 26 јули 1963 година, како последица на земјотресот, уништени се 75% од градбите во Скопје, град трет по големина во Југославија, стопански, политички, културен и научен центар. Под раководство на Обединетите нации, помош при обновата и отстранувањето на уништувањата дале 35 држави. Во рамките на поддршката, Полска понудила концепциски проект, како и целосна техничка документација на објект од јавен интерес. Бил избран Музејот на современата уметност, кој требало да ги собере збирките што биле подарени од други држави за уништениот град.

Клишевски, Мокшињски и Вјежбицки биле избрани како автори на проектот врз основа на конкурс организиран од Здружението на полските архитекти во мај 1966 година, победувајќи во конкуренција со дури 86 други тимови. Конкурсната задача била исклучително тешка не само поради трагичните околности. Објектот лоциран на карпестиот рид Кале требало да доминира над долината на реката Вардар и над центарот на градот станувајќи со тоа еден од најважните во Скопје. Ридот бил споредуван со грчкиот Акропол, а музејот со Партенон. Објектот требало да претставува централна точка во обновата рекламирана како пионерски и модерен модел на архитектура и урбанистика за терени опфатени со опасност од сеизмички катастрофи. Бил презентиран не само како симбол на полско-југословенската соработка и оптимистичка иднина, но, исто така, како споменик на техниката и на можностите на полската архитектура.

Дел од макета на Музејот на современа уметност

Истовремено, намерата била да ги задоволува најновите правци во музејската архитектура овозможувајќи реализација не само на изложби, туку и на предавања, поетски и музички рецитали, прикажување филмови и работилници. Неговиот изглед, кој е далеку од типичниот за музеите од поранешните периоди и од монументализмот, требало да ја отсликува модерноста.

Tигрите, од лево кон десно: Вацлав Клишевски, Еугењуш Вјежбицки и Јежи Мокшињски; Фото на „Тигрите” од Тадеуш Баруцки, 1987.

Проектот на „Тигрите“ ја добил наклоноста на конкурсното жири благодарение на читливата и компактна структура со лапидарен визуелен израз. Тоа го добиле проектирајќи објект, кој е бела мермерна доминанта, поврзан со околниот простор на неагресивен начин, планиран така што да биде можно негово еластично користење. Гаражата што се слева со теренот и се отсекува од целината, претставува постамент за светлата конструкција на музејот. Белиот мермер е ставен во контраст со суров бетон, стакло и алуминиум. Совршено осветлениот ентериер од кој се гледал градот се ценело дека е совршена подлога за изложби. Современоста се манифестирала во применетата конструкција и во употребата на алуминиумски ролетни и на специјално стакло што ги распрснува сончевите зраци за горно странично дополнително осветлување на изложбените сали. Употребените материјали обезбедувале висок стандард на завршната обработка.

„Тигрите“ во НУ Музеј на современата уметност во Скопје

Достигнувањата на „Тигрите“, тимот составен од архитектите: Вацлав Клишевски, Јежи Мокшињски и Еугењуш Вјежбицки, денес во Полска се синоним на добра, вонвременска архитектура. Дискусиите за полската архитектура од минатото сега се чести и популарни. Се појавуваат интересни, популарно-научни публикации на таа тема, се изработуваат архитектонски водичи низ градовите, се организираат екскурзии и предавања. Полската архитектура од повоените години (по 1945 г.) е наново дефинирана, главно од младите истражувачи. Денес „лошо родените“ објекти се сметаат за примери на функционалност и елеганција.

Исто така е и со дела та на „Тигрите“, иако некои од нив повеќе ги нема на архитектонска карта на Полска – како прочуената железничка станица во Катовице, „бисерот“ на полскиот брутализам, чии бетонски чаши во форма на буквата „Y“ што го придржувале таванот на горното ниво, станаа лого на оваа изложба.

Изложбата „Во тимот е силата – Тигрите“, ефект на тие фасцинации, го имала своето свечено отворање во мај 2014 година во Варшава. Таа прикажува пресек на достигнувањата на тројцата архитекти, посветувајќи најмногу време на нивните полски достигнувања, но не заборавајќи го Скопје.

Поради толку големиот интерес во Полска за архитектурата од 60-тите и 70-тите години на минатиот век, природно е да се погледне во правец на Скопје, каде што на ридот покрај Вардар над градот доминира објектот на НУ Музеј на современата уметност, чии автори се Вацлав Клишевски, Јежи Мокшињски и Еугењуш Вјежбицки.

Проектот на тој објект што бил создаден во нивното студио ги исполнил тешките конкурсни услови определени од тогашните власти на Скопје и од стручните лица, а бил распишан од Здружението на полските архитекти (SARP) во 1966 година. „Тигрите“ создале модерен, функционален објект што се вклопува во околината и кој бил израз на тогашното модерно мислење за уметноста и за начините за нејзиното презентирање. И токму толку важна институција на културата била избрана да стане полски дар за градот уништен од земјотресот.

НУ Музеј на современата уметност во Скопје се дефинира како „проект на меѓународната солидарност“, а зборот „солидарност“ во Полска има исклучително значење. Денес Музејот поседува збирка од светската уметност од 60-тите години на 20 век од непроценлива вредност, вклучувајќи ја и полската уметност – над двесте дела од сто триесет и пет уметници, подарени на градот уништен од катаклизмата, како гест на солидарност.

Се радувам, што имам можност да му ја презентирам денес на Скопје изложбата „Во тимот е силата – Тигрите“. Му благодарам на Полското авторско здружение (ZAIKS), иницијатор и автор на изложбата, за тоа што даде согласност да се направи нејзина македонска верзија. На госпоѓа Елиза Шулевска, директор на НУ Музеј на современата уметност, ѝ благодарам за отвореноста со која го прифати нашиот предлог и го збогати со исклучително вредни архивски материјали. Благодарение на тоа, заеднички успеавме да направиме прва, извонредна монографија за историјата на создавањето на објектот на Музејот.

Во 2014 година се одбележува 50-та годишнина од формирање то на НУ Музеј на современата уметност во Скопје. Изложбата за Вацлав Клишевски, Јежи Мокшињски и Еугењуш Вјежбицки е крај на јубилејната година. Тоа е симболичен акцент.

Јацек Мултановски, Амбасадор на Република Полска во Скопјe, декември 2014 година

НУ Музеј на современата уметност

НУ Музеј на современата уметност е дел од културната историја на Република Македонија половина век, вертикала на современата уметност и споменик на солидарноста на повеќе од 1900 уметници од 66 земји од светот, кои му донираа уметнички дела на Скопје по катастрофата во далечната 1963 година, кога бројни културни и историски зданија беа збришани од лицето на земјата. Покрај разурнатите семејни огништа и големиот број настрадани, во време кога животот е импровизација, Иницијативниот одбор и Собранието на градот ја осмислуваат и ја основаат (11 февруари 1964 година) институцијата што треба да се грижи за бројните уметнички донации.

Основачите на институцијата и нејзиниот прв директор (1964-1976) Борис Петковски, визионерски и со право, се залагале за соодветно решение на зградата, во која на повеќе изложбени простори, со сета своја убавина ќе може да бидат претставувани делата на авторите од Македонија и од целиот свет.

Дело на солидарноста е и проектот за зградата на Музејот на современата уметност. Во 1966 година, здружението на полските архитекти (SARP) распишува анонимен конкурс, на кој се понудени 89 идејни предлози. Избран е предлогот број 16, на архитектите Клишевски, Мокшињски и Вjежбицки, тимот на полските тигри. На 5 април 1969 г одина стартува изградбата на објектот (5.428 м2). Во ноември 1970 година Музејот на современата уметност го добива „својот дом”. Храмот на уметноста е дар од полскиот народ, дел од меѓународната солидарност.

Лоциран на највисоката кота на скопското Кале, во центарот на градот, речиси половина век тој е наша гордост и синоним на меѓународната солидарност. Тој е еден од првите јавни објекти изградени при обновата на Скопје. Тој е гордост за домашните и изненадување за странските посетители.

Изнедрено од трагедијата на нашиот град, ова прекрасно архитектонско здание го вбројуваат во најсовремените дела на европската архитектура во втората половина на 20 век.

Проектот има значајно место во творечкиот опус на полските тигри - тимот составен од архитектите Вацлав Клишевски, Јежи Мокшињски и Еугењуш Вjежбицки, кои денес во Полска се синоним на добрата современа архитектура токму поради тоа, Музејот ги фасцинира и уметниците и посетителите.

Полските тигри си обезбедија достојно место во светот на својата професија. Оваа мермерна убавица од бетон, стакло и алуминиум совршено се вклопува во амбиентот на скопското Кале и е редок пример во регионов досега, а верувам и во иднина.

НУ Музејот на современата уметност со задоволство ги обезбеди бараните материјали од архивата на Музејот за здружението ZAIKS - иниција тори и автори на изложбата во Варшава во мај 2014 г одина.

Сакам да ја споделам радоста за можноста што ни се укажа да соработуваме со н.е., г. Јацек Мултановски, амбасадор на Республика Полска во Република Македонија и за ангажманот на г-ѓа Кинга Нетман-Мултановска, за напорите што ги вложија изложбата за „полските тигри“ да биде претставена пред македонската јавност во годината на одбележувањето на 50 годишнината од основањето на нашиот музеј. Искрено им благодарам за нивното залагање.

Елиза Шулевска, директор на НУ Музеј на современата уметност, декември 2014, Скопје

-1963: Трагичен земјотрес уништува 80% од градот Скопје

Непосредно по земјотресот, Адолф Циборовски, главен архитект на Варшава и планер на нејзината поствоена реконструкција, организира група полски експерти и пристигнува во Скопје на мисијата од Полската влада. Надлежните органи на Варшава и на Скопје веруваат дека исклучителното искуство на Циборовски и на неговиот тим во целосната реконструкција на Варшава може да биде особено корисно за Скопје.

Адолф Циборовски, главен архитект за обновата на Скопје, експерт на ООН, Скопје, 1965; Фото на Киро Георгиевски, приватна архива на Климе Поповски

-Октомври 1963

На повикот за „Солидарност со Скопје”, на Четвртиот конгрес на АИАП (AIAP) - Меѓународно здружение на ликовните уметници во Њујорк, почнува акцијата за донации на уметнички дела од уметници од целиот свет, наменети за руинираното Скопје. Одговорот на светот на овој повик дава восхитувачки резултати – безброј дела се пратени во Скопје.

* * *

Со рапидниот пораст на уметничката колекција, Советот за просвета и култура при Собранието на град Скопје го именува Иницијативниот одбор за основање галерија на модерната уметност (преименуван во Музеј на современата уметност).

-1964: Основање на Музејот на современата уметност (МСУ)

Во рамките на проектот на Полска „Помош за Скопје“, Полска предлага да помогне за изградбата на зградата што ќе има функција на една од главните културолошки институции во Скопје.

-12 февруари, 1964

Собранието на град Скопје, по препорака на Комитетот и на Советот за просвета и култура, го основа Музејот на современата уметност (МСУ) и за негов главен менаџер го назначува Борис Петковски, доктор по науки и историчар на уметност.

Решение за основање на МСУ, Страници 1 и 2

Сроден текст: Блаже Конески - Белото здание на Кале

Извор: Тигрите во МСУ - Архитектурата на Вацлав Клишевски, Јежи Мокшињски и Еугењуш Вјежбицки; Издавач: Амбасада на Република Полска во Скопје, 2014.