Браво за граѓаните и студентите, уа за политиката, власта и опозицијата

11.12.2014 11:27
Браво за граѓаните и студентите, уа за политиката, власта и опозицијата

На радувањето од реакцијата и масовната излезност на граѓаните и студентите им нема крај. Радоста е оправдана, конечно во Македонија се појавува граѓански фронт кој не е за потценување, кој деjствува, кој има свој живот и своја агенда.

Но, добрите вести завршуваат тука. Паралелно со будењето на граѓанскиот дух и на солидарноста или, еве, со пркосот на една категорија каква што се студентите, следува и дефинитивната смрт на македонската политика, било во форма на власта или на опозицијата. Сакам да кажам, искажувањето автентичен граѓански пркос доаѓа по многу висока цена за Македонија.

Овие денови се наближува и двегодишнината од „Црниот понеделник“, последниот автентичен и политички организиран акт на протест и пркос кон режимот. Само две години подоцна, од политиката како актер (режимот не е политика) дојдовме до фазата на нејзината комплетна капитулација. Неверојатно, на ова раководство на опозицијата му беа потребни помалку од две години да го дотепа и да го погреба политичкиот протест, политичката акција, идеја, визија... итн,итн. Никогаш порано во нашата држава политиката не каскала зад граѓаните, секогаш била политиката таа што доминира и диктира, а сега е на својата смртна постела. Не велам дека тоа што било порано било во ред, но ќе се согласите дека не е во ред да немаме никаква политика!? Воедно, не би поставувал равенство помеѓу подемот на граѓанската свест и колапсот на политиката, но евидентно е дека првото е еден од симптомите на последново. Во најмала рака, го прави очигледен и забележлив, го санкционира колапсот на политиката.

Политиката излегува како крајно поразена, делегитимирана, граѓаните се чувствуваат и се суштински непретставени, имаме криза на претставничка политика, никој не им верува на политичарите или на партиите. И тоа колку што е лоша вест за режимот, подеднакво е лоша и за опозицијата, која сè уште не разбира дека не е сфатена како алтернатива, туку како дел од лошиот и гнил систем. Па смешно беше за гледање како Жерновски или опозицијата на Заев во ликот на Пендаровски се обидуваат да загребат малку од енергијата на студентите, малку и нивното име да се спомене во позитивна конотација покрај зборовите протест и пркос. Жално и мизерно за луѓе кои во политиката се веќе неколку децении, подолго и од годините на овие млади. Ситуацијата е дотаму трагична и неприродна, што младите мораа јавно да се дистанцираат од партиите, како тоа да е нивна работа, како да се должни да направат такво нешто.

Ваквата еволуција сама по себе не е нешто лошо. Проблемот е што сè уште сме во фазата на акутно освестување од хипнозата на режимот, без во исто време опозициската политика да се регенерира или да се наметне како двигател на промени. Проблемот воедно е што утре и да си отиде оваа власт, нема кој да ја замени. Има нешто луѓе, колку да се сменат ликовите, но нема политичари и политика.

Поентата ми е, и за буткање на овој режим и за идна власт ни треба сериозна политичка опција, ни треба сериозна реформска политика, на крајот на нештата ни требаат професионални политичари, политичари од кариера. Знаете што?! Таквите одамна се вид во изумирање. Понудата на пазарот во моментов не нуди ниту вистински политичари, ниту вистинска политика. Време е да почнеме одново да ги создаваме.

Нема утре да бидеме атинска демократија, ниту социјалистички делегатски систем. Ќе се стремиме, верувам, да бидеме демократска претставничка република. Решението што го нуди Фрчкоски, да го смениме нашиот политички систем за да добиеме голема коалиција, сè да ставиме на куп, двете големи партии, со истите луѓе, со истите логики, да владеат и тоа да профункционира, е еднакво на ставање на овој режим на квадрат. Е тогаш ќе бидеме вистински нацистички режим, сите исто привилигирани и сите исто погазени.

Не е поентата постојните олигархии да се обединат во една власт. Нашиот режим не е производ или проблем на нашиот политички систем, туку е производ на лудаци кои сакаат да узурпираат легитимно стекната власт, на народ кој се откажал од своите обрски и разум, односно на нашата сеопшта неодговорност и некомпетентност. Не постои идеален или подобар политички систем кој ќе ја елиминира системската недораснатост на повеќето Македонци или системското лудило кое го наметнува режимот или системската неспособност на опозицијата. Во каков и систем да ги ставите, пак е истата смеса. Конечно, потребни се вистински примери на воздржани и пожртвувани луѓе, на чесни и работливи луѓе кои ќе постават пример, кои нешто ќе жртвуваат од себе. Политичарите тоа не го направија, граѓаните почнуваат да го прават, а политиката каска, бревта зад нив како мртов коњ.

Ако нешто се менува во нашиот систем, тогаш треба да се смени степенот на партиципација на граѓаните во креирање на политиките и донесувањето одлуки, а не со повеќе политичари во власта. Рековме дека ги немаме повеќе. Граѓаните треба да имаат поголема контрола над власта и политиката, а не политиката да има повеќе контрола над граѓаните или власта да се дисперзира на повеќе политичари. Повеќе политичари и вистински идни лидери се потребни да се формираат во духот на демократското владеење и настроени кон соработка со граѓаните, заедницата и заедниците.

Поентата е да постои натпревар и на тоа поле, демократска опција, со квалитетни луѓе, со искрени политичари, со наша граѓанска партиципација, и така да се ослободиме од клиентелизмот, корупцијата, криминалот, олигархиите, тесните интереси, од овој дарвинистички дериват на режимизација и криминализација. Сите други решенија се само палијативни.

Решение има, а тоа е сите да станеме сериозни сега и тука, да се фатиме за работа, да се организираме, па нешто добро ќе исплива, иако тоа сè уште е тешко замисливо! Ќе помине време и нешто добро евентуално ќе се изроди, но важно е да знаеме, да сме свесни до каде е во криза нашата политика, нашите партии, нашите политичари, нашата опозиција, а не нашиот политички систем.

Гледам експерти и новинари убаво стуткани во прегратката на опозицијата или патријахалниот невладин сектор, како ни продаваат надеж за промени преку опозицијата, чувство дека нешто се менувало. Обични спинови и конструкции.

Што може оваа опозиција, овие политичари и нивните „политики“ кои прогресивно се повлекуваат од своите седишта, од улицата, од граѓаните, нешто што е нивната примордијална супа и така изумираат како вид, декларираат смрт на една епоха. Опозицијата во целина се повлече од живото тело на општеството, заборавајќи што значи да се масакрираш од разговор со луѓето за сè и сешто, затскривајќи ја зад „работиме заедно“ конечната поделба помеѓу избраните и избирачите.

А замислете, сè околу нас вришти дека сè почнува токму од таму, од тоа ниско, а толку високо, нешто што се нарекува „животот на партијата“, со живот меѓу граѓаните, граѓаните во партијата, дискусии без крај, страствени караници до сабајле. Просто, да излезеш од дома, да побараш други, да зборуваш со нив.

Искрено, сè повеќе сум убеден дека нашите опозициски политички или невладини структури воопшто не ги интересира заедништвото, обединетиот фронт, затоа што во суштина се плашат од вистинска демократија. А, се плашат, затоа што секој има свој заграден простор да гради, свое стадо да храни, свои тесни интереси да брани.

Вистинска демократија, дечки, доаѓа само ако почнува од вашата организација. А, не моите ставови и толку, моите луѓе и толку, мојата тактика бранета од моите луѓе и толку, моето знаме, моите симболи. Заедништво на зборови, а поделба на факти.

Ќе му текне на некој, а ќе види и оваа монополистичка опозиција што се случи во Шпанија со Подемос, во Грција со Сириза, во Германија со Линке и како преку протести и тешка организациска работа може да се збришат мејнстрим левиците. Свесен сум дека моделите не се извезуваат, но поуките и лекциите и тоа како се учат. Со партиципација, со нови технологии, со комбинација од течна и цврста демократија, со сериозна организација и работа, со транспаретност, со постојано учество, може да се роди заразна практика. Сè уште постои начин и систем, без менување на нашиот политички систем, за доближување на обичниот човек до светот кој засега е премногу автореференцијален, самобендисан и себичен.

Но, демократијата и заедништвото се опасна пракса, особено за оние што имаат што да загубат.

Како и да е, треба да ни е јасно дека ниту спонтано граѓанство, ниту само стерилната политика тоа може да го постигне, двете работи, активно граѓанство и активна политика, еден ден ќе мора да се обединат.

Слики: Свирачиња