Невестата на Франкенштајн

11.12.2014 13:32
Емил Алексиев

Неспособни да создадеме функционална држава, ние создадовме држава од фантазиите. Поточно, создадовме држава од болните фантазии на неколку забегани моќници. Држава што не е држава. Држава што наликува на држава како што чудовишниот човек на Др. Франкенштајн наликува на човек - грдо чудовиште кое се претставува како човек, но не може да ги сокрие мртовечкото бледило на лицето, шевовите по осакатеното тело, крпениците од туѓа кожа, скапаното месо, црвите што му излегуваат од отворите и гнилежот во себе. Ова чудовиште што се тетерави со подадени раце, со ококорени очи и со избезумено лице сега вели дека го сака македонскиот народ.

Сега тоа грдо, несмасно, насилно и безумно чудовиште се лигави и го гушка својот народ несвесно дека така ќе го убие. Народот малку вреска, малку се противи, малку се клоца, малку глуми невина девојка (а кој што наминал му го набил), онака, да не испадне дека лесно се дава секому и на крајот, народ како народ, си вели што мора да се прави мора, и ги шири нозете.

Не треба ниту да спомнувам дека нашево чудовиште има нездрави желби и ненормални сексуални навики и дека за него практикување секс (држава vs народ) значи конзумирање на невестата - тоа бавно, но сигурно, ќе ја раскине, расчеречи, распарчи, изџвака, изглода, изголта, изеде... Залак по залак.

Невестата на ова чудовиште (народот на оваа држава) е фасцинирана од неговата застрашувачка сила и од неговиот сексуален апетит, од фактот дека е посакувана, но и дека конечно некој решил да ја официјализира врската, од можноста конечно да добие име и смисла на своето постоење. Нашава невеста (од народ), парадоксално, дури и кога е свесна дека ќе биде консумирана на стравотен начин, копнее по своето чудовиште.

Сите маки и страдања беа заборавени оној убав ден кога нашиов народ облече бело невестинско руво и кога му направија раскошна свадба со пеење и со пукање. Земјава ја преуредија во сала за банкети со барокна декорација, со златокрили амори од обоен гипс, со евтини украси, со блескава позлата, со црвени теписи, со гирланди од вештачко цвеќе, со бели многукатни торти, со разнобојни светилки, со заслепувачки рефлектори на бината и со прегласен оркестар. Среќни и со понекоја солза радосница во очите, конечно, добивме вистински младоженец за нашава невеста со сомнително минато.

Ако, до сега, кој што стигнал ни го обесчестил народот, од сега веќе нема да е така. Има сега кој да го брани и да се грижи за нашиов намачен народ. Оттаму, народот е благодарен и покорно, со спуштени гаќи, клечејќи на сите четири, ги извршува своите брачни обврски. Ако боли и требало да боли. Тоа што некогаш беше силување, сега е правно озаконета врска. Силувањето не е веќе силување туку легитимен сексуален чин меѓу сопружници (малку груб и насилен, младоженецов мава и каса, но можеби токму тоа ја возбудува невестата).

Меѓутоа, нашево чудовиште од држава не е среќно. Гледа дека нема друга таква наказа на светов, невестата не може да го погледне а да не ѝ се слоши, постојано нешто мрчи и се жали, и нашево чудовиште се чувствува отфрлено и осамено. Тоа наше мало чудовиште од држава за да се чувствува добро предметот на својата желба мора да го претвори во чудовиште какво што е и самото. Чудовиштето сака невеста чудовиште.

Не го сака оваа држава нашиов народ. Нема љубов тука, но има страст. Ако нашиов народ мисли дека е ова државата за која мечтаел, тогаш бргу ќе разбере дека страшно го прелажале кога со фанфари, фрлање конфети и прскање на пена од шампањско, го омажиле за оваа државна наказа или тој самиот очајно се лаже обидувајќи се да ја зачува илузијата (дури и кога насилството е најголемо, дури и кога страдањата се неиздржливи, или токму поради тоа, никој не сака да си признае дека има работа со чудовиште). Не е ваквата монструозна држава создадена за народните потреби, ниту ќе ги разбере народните желби. Ако народот мисли, како што мисли, дека може пасивно да владее во својот дом поднесувајќи го стрпливо и со наведната глава сето домашно насилство и сиот тој ослободен бес во надеж дека може да го смири чудовиштето во спалната соба, се лаже. Нашата држава е монструм што си ги јаде сопствените деца. Таков монструм не се контролира. Дури и сè да му биде дадено и сè да добие незаситниов и празноглав монструм нема да биде задоволен. Ниту може народот да го контролира, ниту пак можат тие кои ја создале оваа наказа без ум. Монструмот на крајот сите ќе ги изеде.

Крадците на трупови од гробиштата на историјата и нивните ментално заостанати помошници, сите тие луди ликови излезени од некој морничав филм како Др. Франкештајн, Др. Преториус, Др. Мабузе, Др. Калигари и останатите душевно растроени малоумници и манијаци кои во својата мегаломанија го создадоа ова чудовиште со неразвиен мозок коешто треба да им служи, да силува и да граба за нив, мислат денес дека се мали богови (во новиот свет на лажни богови и чудовишта). Меѓутоа, ако некој бил толку растроен да верува дека може да управува со монструм и да му наредува што да прави и каде да оди (десно или лево, сеедно), тогаш е во заблуда и таа болна мечта ќе ја плати со сопствената пропаст. Ако, пак, народот се залажува дека чудовиштето, кога ќе бидат задоволени неговите потреби и кога сè ќе му биде дадено, може да служи во негова полза, таа лажна надеж ќе ја плати со сопствената пропаст. Чудовиштето од држава не може да ги исполни очекувањата на народот и да го задоволи, ниту пак може да му пружи изживување на долго потиснатите желби и ниски страсти (тоа се само мечти на невеста); народот е тој што насила ќе мора да се прилагодува и менува.

Оние кои го создадоа и кои сè уште го контролираат ова чудовиште мораат да се погрижат тоа да биде среќно. Само така покорно ќе ги слуша нивните наредби. Чудовиштето што го создадоа може да збесне и за миг да се сврти против нив. Ова чудовиште е производ на несвесното (во овој случај, за жал, не само на неколку слабоумници, туку и на нашето колективно несвесно). Тоа е фантазија на слабоумник кој во мрачна кино сала гледа филм за Др. Франкенштајн и посакува да има такво чудовиште што него ќе го штити, а сите други ќе ги застрашува, шиканира и малтретира. Во историско невреме, кога над нашата земја падна мрак и кога само молњи го осветлуваа мрачното небо, овие лажни доктори, луди научници, душевно пореметени надрилекари, некрофили, професори удрени со мокра чорапа, морални накази, мумии, интелектуални годзили, политички креатури од Црната лагуна на македонската политика и слични наказни рожби на нашето современо општество, создадоа чудовиште од своите мечти. И не само што создадоа жив мртовец, туку користејќи ја силата на ова чудовиште тие го ставија народот на стол за сецирање, му го отворија градниот кош, стомакот и черепот, и му вметнаа железни направи, уметоци и протези кои овозможуваат контрола на неговите органи, на неговиот мозок, на срцето, на желудникот, на жлездите и на сите телесни функции.

Малку сечат овде, малку онде; малку сецираат, малку пунктираат, малку естрахираат, малку лоботомираат... Во оваа ревитализирачка (преродбеничка) операција на трансплантација старите расипани и деформирани органи не ги заменија со нови и здрави, туку со уште порасипани органи извадени од тела на мртовци. Го растегнаа народот до неприродна големина, го скратија таму каде не им се допаѓа, го отстранија она што им пречеше (од естетски причини), му ги зголемија градите, му го проширија чмарот до ненормална големина, му го скусија желудникот, му ја одраа кожата, му ги изместија коските, му вградија туѓи очи за да го гледа тоа што тие сакаат да види и на крајот го нашминкаа и го дотераа за брачната постела на чудовиштето.

Во телото на македонскиот народ тие вградија механизми за контрола, регулација и селекција како што се регулаторните тела и комисии, трезор, екстерното тестирање, законот за високо образование, законот за здравство, економските реформи, судските реформи, преродбеничките закони, подзаконските акти и прописи... Вградија и повеќекратен бајпас којшто овозможи да се премостат сите досегашни општествени контролни пунктови, да се прескокнат сите места каде се одредуваа досегашните стандарди и норми (кои и онака беа ниски и недоволни). Овие накарадни и насилни интервенции во општествениот огранизам овозможија бајпас на сите етаблирани стручни лица и квалификувани јавни работници во системот (со екстерното тестирање се прескокнуваат професорите; со можноста уметниците да конкурираат за финасирање на своите проекти директно во Министерството за култура се прескокнуваат кустосите во музеите и галериите; со измените во здравството се прескокнуваат лекарите; со законот за јавни службеници се прескокнуваат стручните лица во администрацијата и се воспоставува директна врска меѓу корисниците на јавни услуги и политичката управа итн. итн.).

Досегашниот вредносен систем е естрахиран од телото на народот. Зад него останаа само крвави дупки од насила извадените шупливи заби. Заменет е со вештачка механичка вилица (која селективно џвака и го преџвакува само она што ѝ се наложува). Сите општествени бариери се прескокнати и сите општествени функции се пренасочени во интерес на одбрано малцинство што ја креира и контролира оваа наказа од држава. Добивме органи проточни само за оние кои се „поврзани“ со центарот на моќ и лабораторијата од каде се управува со чудовиштето и со народот. Наскоро само оние кои „државата ги сака“, само „подобните“ ќе можат да бидат одлични ученици, првенци, добри студенти, професори, јавни работници и стручњаци, признати експерти, познати уметници, успешни стопанственици и управувачи...

Сите овие насилни интервенции и операции имаат за цел да го устројат народот по мерка на една чудовишна држава, на монструм контролиран од манијаци, од лудаци и нивните помошници грбави кепеци, жени со брада, распеани сирени, свињи што говорат, овци со две глави, макаки мајмуни, џинови со ум на деца и малоумни насилници кои се обидуваат својата лудост да ја претстават како нормалност, својата расипаност како чесност, својата неспособност како стручност, а глупоста како мудрост.

Сето тоа се болни хируршки зафати, но ако, само за миг, помисливте дека поради неиздржливата болка народот ќе скокне од столот за сецирање, сте се излажале одново. Нашиов народ трпи болка. Не може никој да го сече и сакати, да му буричка во мевот, да му го отвора черепот, да му ампутира делови од телото, да го крои и прекројува со моторна пила и да го касапи до толку колку што нашиов народ може да истрпи. А кога болката е неиздржлива, тука е и бесплатната наркоза: блага опивка од турски ситкоми, телевизиски памук-програми натопени во хлороформ, успокојувачки вести, пропаганден спид, политички опиум за розеви сништа и секако, држење за рака, шепотење на уво утешни зборови и пеење приспивни песни во операционата сала од навидум згодни медиумски сестри (во наркотичното бунило на нашиов народ и оние дебели и влакнести идиоти со виснати цицки од телевизиските екрани му изгледаат привлечно).

По сите овие интервенции и хирушки зафати народот е посреќен одошто беше. Сè што му пречеше и што не можеше да поднесе е отстрането од неговото тело (како што се способните и учените, оние кои се подобри од мнозинството, кои стрчат, кои се издвојуваат, кои се обдарени со дарби и доблести итн.). Тоа што патем му извадија и поголем дел од мозокот најмалку му пречи - сега е уште посреќен.

Така нашето чудовиште од држава ја доби својата чудовишна невеста. Што ќе се изроди од оваа насилна и неприродна врска меѓу две чудовишта - наскоро ќе видиме.

Фотографиите се од филмот The Bride of Frankenstein (1935)

ОкоБоли главаВицФото